На концертот во чест на Даниел Милошевски, малата Мелани ја упати пораката на болните од цистична фиброза: Белите дробови ни се како на старец, но срцето ни е полно со љубов
Пејачите и музичарите уште еднаш ја потврдија својата хуманост, со настапот на синоќешниот концертот во чест на Даниел Милошески -Данче, менаџер на „Авалон продукција„, кој не напушти пред 10 години.
Фановите на нивната музика и песни, не ја исполнија салата на НОБ до последно место, иако средствата од продожбата на билети беа наменети за болните од цистична фиброза. Концертот понуди врвна забава, испреплетена со спомени, сеќавања и насмевки.
Семејството на Даниел, сопругата Нада и ќерките Даниела и Дарија организираа настан, кој концептуално се совпаѓаше со тоа што би го направил и Даниел- на сцената видовме млади и моќни вокали Ана Петановска, Агни Авшар, дуото Пајак и Лара, како и хорот на „ Златно славејче“. Но и докажани ѕвезди кои со покојниот менаџер ги врзува пријателство и соработка: Бени Шаќири и Нон Стоп, ДНК, Ареа, Николче Мицевски и Кристина Арнаудова .
Секој од нив раскажа интересна случка со покојниот менаџер, преку која открија каков човек и професионалец беше Милошески и колкав е неговиот печат кој го остави на музичката сцена.
Ружица, вокалот на „Ареа“ откри дека се другари од детство бидејќи живееле во ист град - Гостивар. Мора да се напомене и поддршката на гостиварци, кои во голем број беа присутни на концертот. Бени Шаќири ја отпеа омилената песна на Даниел.
-Да беше тука вечерва, сигурно ќе сакаше да му ја свириме„Не ме гледај така и не ме љуби веќе“од „Бијело дугме“ – рече Шаќири кој упати апел да не ги трошиме парите на глупости, да помогнеме, на болните со ретки болести, особено тие од надлежните институции.
Како јаготка на шлагот и во оваа пригода беше водителката Весна Бејби Петрушевска. Иако неодамна јавно ја сподели борбата со канцер на дојка, на сцената беше иста како и секогаш – со неверојатен дух, енергија, израз, духовитост.
Петрушевска зборуваше за болните од цистична фиброза и упати апел и за редовни прегледи на дојка. Го опиша Даниел, токму каков што беше - убав, со крупни очи, умен и голем професионалец.
-Тоше Просеки многу му веруваше. Со Данаиел секогаш бевме на сигурно. Ако нешто не можеше да се одработи и треба да се одложи, ќе се јавеше и ќе кажеше – истакнаа таа.
Музичарите ги придружуваше „Поп арт бенд“. На сцената се појави и гитаристот Стефан Петановски, кој од мал ги следел концертите организирани од „ Авалон“ .
Најемотивниот момент беше кога на сцената се појави малата актерка Мелани и ја опиша состојбата на децата болни од цистична фиброза – патување низ биолничките ходници, живот во болничка соба со канели во рацете, тежок здив, солзи на родителите.
-Можеби имаме бели дробови на старец, но срце полно со љубов за сите- поентираше на крај.
Семејството на Даниел ја покажа љубовта кон нив со организирање на овој концерт со поддршка на „Скај мјузик“ од Скопје. Токму таа љубов треба и ние да ја покажеме кон сите пациенти со ретки болести, со организирање на хумани настани, но и присуство на истите.
С.А.Н
Фото: Ванѓел Тануровски