НА КРАЈОТ НА АВГУСТ МОЖНИ СЕ И 1.600 СЛУЧАИ ДНЕВНО: Вирусот има „небранет“ терен за ширење меѓу невакцинираните вели епидемиологот Даниловски
Во изминативе неколку дена евидентно расте бројот на новозаразени во Македонија, а истовремено, иако со поспоро темпо, се зголемува и бројот на пациентите на кои им е потребно болничко лекување. Во разговор за Фактор, еден од најистакнатите епидемиолози во земјава, професор Драган Даниловски, посочува дека корона вирусот во моментов е посветен на негова лична борба за опстанок и теренот за ширење го наоѓа онаму каде што постои „небранет“ простор, а тоа е првенствено меѓу големиот број невакцинирани лица. Предупредува дека, сега имаме ситуација бројот на новозаразени да расте експоненцијално со период на удвојување од околу 5-7 дена, што би значело дека кон крајот на август лесно може бројот на новозаразени на дневна основа да надмине 1.600 случаи.
-Помладите се заразуваат заради фактот што сега вирусот меѓу нив наоѓа „небранет“ терен за ширење. Меѓу нив тој може непречено да формира долги ланци на инфекции, зашто постарите од 50-55 години се веќе вакцинирани во голема мера. Вирусот едноставно се поместува таму каде што има најмал отпор. Од друга страна, факт е дека делта сојот не само што е попренослив за 60-70 проценти од алфа, тој многу побрзо и се размножува кога ќе навлезе во организмот на домаќинот. Се проценува дека постигнува концентрација околу 1.000 пати поголема од онаа на алфа сојот. Ако знаеме дека од концентрацијата на вирусот во организмот зависи – покрај други фактори (како што се коморбидитетите) – тежината на клиничката слика, тогаш е сосема јасно зошто имаме ситуација и помлади лица да завршат на интензивна нега. Неодамнешна студија од Шкотска покажа дека ризикот да се заврши во болница кај делта сојот е двојно повисок од оној на алфа. Ризикот за мутирање секогаш е висок во услови на интензивна „пасажа“ на вирусот од домаќин на домаќин. Не мора да е секоја наредна посилна. Поверојатно е да биде попренослива, а да предизвикува полесни симптоми, зашто на вирусот „не му се исплати“ да ги убива брзо своите домаќини. Но, секако „му е важно“ да се пренесува на што поголем број нови домаќини. Едноставно, борба за опстанок, појаснува професор Даниловски.