На тема стил со Александра Тимковска: „Често сум во дилема дали да им се воодушевувам или да им се чудам на храброста која неретко се граничи со лудило“
Секогаш своја, посебна, директна и искрена, новинарка со долгогодишно искуство, уредничка на неколку емисии и пишани медиуми како и ПР на познати музички имиња и проекти, Александра Тимковска вели дека изгледот на човекот не го прави облеката, туку ставот на личност и неговото однесување.
Само за Женски Магазин зборува токму на оваа тема - што е дефиниција за стил, кои се нејзините омилени парчиња облека и што мисли за стилот на познатите.
*Дефиниција за стил?
Облеката не значи ништо додека некој не почне да ја носи, така и севкупниот впечаток што се остава впрочем зависи од комплетниот изглед на личноста, ставот и однесувањето. Стилот не се парчињата што ги носите и купувате, туку севкупните одлики на самата личност кои ја прават препознатлива, односно индивидуалноста која се огледува во делата.
*Дали познатите во МК можат да се пофалат дека имаат изграден стил?
Постојат личности кои се препознатливи и умеат комплетно да го износат товарот и сето она што го носат професијата и славата, но рака на срце има и залутани. Лично, кога е јавната сцена во прашање предност им давам на оние кои се умерени и би рекла пристојни, пред оние кои слепо ја следат модата и облекуваат „must have“ парчиња по секоја цена, а при тоа пред да излезат од дома забораваат да се погледнат во огледало.
Можеби сум премногу самокритична или немам доволно храброст да експериментирам многу кога е мојот стил во прашање, па затоа и овој став, но често сум во дилема дали да им се воодушевувам или да им се чудам на храброста која неретко се граничи со лудило.
*А, Вие стилски се дефинирате како...
Едноставна, практична, на моменти можеби и здодевна, со оглед на тоа дека црната боја ми е доминантна во гардероберот. Последниве години рака на срце почна да ми се случува самата да си велам ‘доста е црно’ и да купам нешто во боја, но повторно тоа не се прејаки тонови и премногу впечатливи модели. Значи, знам и да експериментирам со боите, ама ретко со моделите. Сакам удобни и практични парчиња во кои ќе се чувствувам своја и пријатно, а кога се обувките и очилата за сонце во прашање, е тука сум малку непрактична ха, ха, ха – се купува без мерка.
*Што е пресудно за добар стил?
Да се остане доследен на себе, затоа што само тоа ве прави автентични помеѓу луѓето околу вас. Првенствено требаточно знаете што ви прилегана телото и карактерот, а дури потоа да се адаптирате на соодветните трендови, бои и силуети зашто сметам дека една личност само така може да изгледа пристојно, а сепак во чекор со модата.
Она што прво, барем мене, ми паѓа во очи е ставот и енергијата која се шири, убавиот и пријатен мирис, чистата коса, негуваните раце и чистите чевли... Џабе е ако некој е облечен и изгледа како симнат од билборд, ако не посветува внимание на деталите.
*Минимализам, хедонизам, авангарда?
Бирам практичност, не ми е важно што е, дали има потпис или колку чини, туку како ми прилега. Многу внимавам како и каде се појавувам и сакам парчиња во кои ќе бидам своја, сигурна и не сакам кога макар и ситници ми го одвлекуваат вниманието, особено кога имам некој важен работен ангажман.
*Гламур или класика?
Зависи од приликата, низ годините во оваа професија, но и благодарение на мојата мајка која нѐ учеше да внимаваме што и каде облекуваме (со брат ми точно знаевме што е за дома, што за надвор, што за излегување), точно научив како и каде треба да се појавам. Навистина многу внимавам на тоа и попрво нема да појдам некаде онака, што би се рекло, ако се појави прилика апансаз, отколку да гледам само да се истера редот и во што било.
А ако веќе морам да одберам од наведеното, тогаш нека е класика со доза на гламур. Не сакам претерување, умереност во сѐ и пред сѐ!
*Омилени нешта од вашата облека?
Размислувајќи што да ви одговорам всушност сфатив дека преферирам панталони и плакарот ми е полн со најразлични модели, материјали, бои... Ова повторно значи дека ја бирам комоцијата и сакам парчиња во кои се чувствувам пријатно, сигурно... Не сакам да експериментирам со парчиња во кои не сум јас. Со оглед на температурите кои владеат сега не можам да не ги споменам и џемперите, обожавам топли и меки „оверсајз“ модели.
*Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
Искрено, го купувам она што ми се допаѓа и точно знам каде има парчиња по мој вкус. Важен ми е квалитетот и материјалот, но и она што ќе го купам да ми се допаѓа, не сакам парчиња со впечатливи логоа и никогаш не сфатив што се покажува или докажува со тоа.
Не сум тип што ги знае сите цени низ продавниците и не спаѓам во онаа категорија жени кои сакаат да пробуваат и кога не купуваат. Ако нешто ми се допадне, толку е – љубов на прв поглед ха, ха, ха.
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
Под услов автентичноста да не преминува граница и да се претвора во претерување. Не ми се допаѓа кога во желбата да бидат забележани (под изговор дека се автентични) одредени личности „забегуваат“ до степен појавата да не е нималку допадлива и да се гранични со пристојност.
* На кој дизајнер би му дозволиле да ви го преуреди гардероберот?
Зухаир Мурад или Ели Саб кој и да дојде од нив нема да се бунам. Со задоволство фрлам око на нивните креации, колекции. Кога станува збор за домашните имиња од светот на модата, моите комплименти одат на сметка на Мила Кадриу, ми има направено неколку парчиња и таа има магични раце. Би сакала да ја споменам и Ивана Кнез, можеби дијаметрално спротивна стилски во однос на горенаведените, но ја следам и ми го привлекува вниманието.
* Дали експериметирате со косата и шминката?
Со шминката не многу бидејќи точно знам што сакам, што ми прилега и се држам до тоа - ова важи само кога се шминкам сама, а кога за тоа е задолжен мојот Бобан Тодоровски тогаш апсолутно му верувам и не прашувам каква идеја има. Кога е косата во прашање одвреме-навреме знам да направам некоја промена – веќе некое време многу не правам отстапки кога е во прашање бојата, но затоа со должината знам да си поигрувам.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед.
Нема прескокнување на секојдневните утрински ритуали за нега. Во текот на денот се трудам да немам многу и тешка шминка, евентуално малку пудра, маскара, руменило и сјај за усни, а кога се вечерните излегувања тогаш посветувам малку повеќе време и употребувам повеќе производи. Што се однесува до гардеробата, таа зависи од обврските во денот и местата на кои треба да се биде, така што тајна нема, само прилагодување.
*Што е она што недостасува на повеќето наши ѕвезди кога е во прашање стилот но и односот со публиката?
Стилот е она што имате да го кажете без да имате потреба да зборувате! Тој е одраз на вашата личност, карактер, образование... Ретки се оние кои работат на себе, овде не би ги вброила оние кои соработуваат со одредени брендови и кои облекуваат парчиња кои веќе ги има на лагер, ниту оние кои облекуваат парчиња кои прво ќе ги видите во емисија за храна, а потоа во новогодишна емисија. Би ги споменала оние кои имаат свој печат и кои посветувајќи се на приликата им оддаваат почит и на домаќините (организаторите) и на публиката – Бојана Скендеровски ми се допаѓа затоа што е своја и на секој настап му се посветува максимално, без исклучок, а тоа зборува многу. Би ги издвоила и Калиопи, Каролина, Сузана Спасовска, Дарио... тоа се луѓе кои имаат свој печат, константни се и имаат нешто свое, препознатливо.
*Кои познати личности се полесни за соработка, нашите или странските?
Не би сакала да звучам критички, а некако и сѐ повеќе се трудам да имам разбирање за домашната сцена, но навистина треба да е јасно дека не може без влог да има заработка. Така е во секој бизнис, па и во музиката. Да не правиме споредби со соседството, бидејќи таму навистина многу се вложува, работат цели тимови, а овде искрено се има само желба. Секој може да има желба за нешто, ама само желба не е доволна. Треба вложување, труд, време, енергија, не може некоја да очекува дека ќе стане примабалерина гледајќи балет на ТВ-екраните. Ништо не паѓа од небо и сѐ треба да се одработи и да се има стратегија.
И да, можеби имињата од надвор не се подобри, попаметни, полесни за соработка, но повеќе почитуваат и знаат дека во оваа работа има реципроцитет и си требаме едни на други.
*Кои следни познати ѕвезди и настани да ги очекуваме оваа година?
Она на што работам периодов е концертот на Јелена Розга кој ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“. Мојата обврска во склоп на организацијата на настанот, а за која е задолжена Скајмјузик продукција, е комуникацијата со медиумите и јавноста, па периодов сето внимание ми е насочено кон тоа.
Што се однесува до активностите во следниот период, постојат планови и ќе има настани, но да одиме по ред – прв на списокот е аудиовизуелниот концертен спектакл на Розга, која во Скопје доаѓа во рамки на турнејата „Минут срца мог“. Со оглед на тоа дека бев на некои од концертите во регионот одговорно тврдам дека ваква Јелена досега немате видено, а концертот дефинитивно ќе биде најдоброто нешто што ќе ни се случи во месецот на виното и љубовта.
Елеонора А.