Над 60 медали, девет кратен државен првак, најуспешен млад спортист... Ива Богдановска и патот до успехот во џудото

Добивај вести на Viber

Ива Богдановска е една убава девојка, културно воспитана, мила и на прв поглед како манекенка. Во неврзан разговор со неа, на прашањето „внимавај, некој ќе те граби од што си убава“, таа одговори дека сама ќе си се одбрани бидејќи тренира џудо. Па после го разврзавме муабетот токму за овој спорт. И интересно е тоа колку македонската јавност не знае за успесите на наши поединци токму во џудото. А не е лесно, всушност еден навистина тежок спорт кој бара огромна посветеност. Токму таа посветност, смелост, волја и храброст на Ива ѝ донесоа над 60 медали, таа е и девет кратен државен првак, а неодамна се врати од Тунис на континентален куп каде се закити со сребро. Еве ја незината приказна:

ЖМ: Зошто џудо? Овде имаат предрасуди, посебно ако девојка тренира ваков спорт?

- За самодоверба, самоодбрана, почит, дружење. За жал, кај нас оние кои не се бават со боречки вештини сметаат дека девојките се нежни и не се за вакви "груби" спортови, но од лично искуство можам да кажам дека има многу успешни и талентирани девојки кои се бават со вакви вештини.

ЖМ: Како започна, што те поттикна? Сепак се работи за специфичен спорот...

- Џудото го засакав уште од неполни 7 години. Тогаш тренирав сосема друг спорт и се пријавив да учествувам на еден џудо натпревар и таму го запознав мојот сегашен тренер м.р Игор Паскоски. Неговата професионалност, посветеност и пожртвуваност имаа голем удел во мојата одлука да го одберам џудото за мој спорт.

ЖМ: Беше ли тешко на почетокот? Се соочуваш со еден тежок предизвик…

- Беше тешко и сеуште е, потребно е многу љубов но и голема пожртвуваност. Поддршка добивав само од домашните, сите останати се трудеа да ме предомислат. 

ЖМ: Како понатаму напредуваше? Во која категорија влегуваш, што е пресудно за да ги направиш вежбите добро, дали се вежба со голи раце и дали постои можност  за повреда? 

- После неколку златни медали на државните првенства почна да се зголемува и поддршката од пријателите. Моментално сум трета и последна година во возрасната категорија кадети. За да се изработи било која техника добро, потребно е многу вежбање и голема посветеност и најбитното да го слушаш и почитуваш тренерот. Џудото е спорт кој се вежба со кимоно, без употреба на дополнителни реквизити. Постојат многу можности за повреда, но затоа со тренерот се работи на нашата фокусираност и спремност за да може истите да се избегнуваат. 

ЖМ: На кои натпревари си била до сега и какви успеси имаш постигнато? И кои и какви дипломи ти биле дадени од значајни структури во државата?

- Сум учествивала на многу натпревари и имам земено повеке од 60 медали, во моментов сум девет кратен државен првак, имам земено трето место на Балканско Првенство, второ место на континенталниот куп во Африка. Во изминатата 2023 година добив признание од Џудо Федерација на Македонија за најуспешна кадетка, признание за најуспешен млад спортист на годината од здружението на спортови на град Скопје, како и 4 пехари од неколку натпревари за најдобар натпреварувач .

 ЖМ: А, она што е најзначајно, последниот твој натпревар во Тунис…Раскажи ни како стигна до медал? Какво е тоа првенство и беше ли горда што ја претставуваш Македонија?

- Во Тунис бев на континентален куп. Патот до медалот не беше лесен, но после три победи и еден пораз се закитив со сребрениот медал. Можноста да ја претставувам мојата држава за мене е секогаш од голема важност.

ЖМ: Што е следно со оглед на тоа дека „не мируваш“? 

- Следат неколку државни првенства во повеќе возрасни категории на кои планирам да настапам, а потоа продолжуваме со балкански и европски првенства како и европски купови.

ЖМ: А, што јадат џудистите? Има ли посебен начин на исхрана и колку категории има овој спорт?

- Секој спортист е приказна сам за себе. Се разбира дека пред се е најдобро здраво да се храниме. Мојот начин на исхрана е во соработка со нутриционист. Овој спорт има 7 старосни категории и сите тие имаат свои тежински категории.

ЖМ: Колку значи за психофизичкото здравје?

- Џудото е одличен избор за психофизичкото здравје. Помага во правилниот телесен развој како и во социјалниот. 

ЖМ: Дали ти се случило приватно да ги примениш своите вештини ако си била нападната?

- Приватно ги имам искористено овие техники неколку пати, но досега немало некој посебен напад, а се надевам дека така и ќе остане.

Небојша Толески