Наде Милошеска за хуманитарниот концерт во чест на покојниот сопруг Даниел: Знам дека таму горе е среќен, зашто сакаше да помага
„Во спомен на љубовта за Данче“ е насловен јубилејниот хуманитарен концерт закажан на 6 октомври во НОБ, во чест на 10-годишнината од смртта на еден од највлијателните и најпочитувани македонски музички менаџери и продуценти - Даниел Милошески – Данче од „Авалон“. Неговата сопруга Наде Лазареска –Милошеска открива дека идејата за концертот била нејзина и на двете ќерки Даниела и Дариа.
- Овој хуманитарен концерт е нешто кое се подготвуваше со години. Идејата беше моја и на децата, но постојано се надоградуваше со предлозите на Мишко Караџоски, Денис Илиоски, Емилија Кипроска, Ѓоко Алоски како и со останатите соработници на Данче. Сметавме дека мора да го одбележиме неговото наследство, а истовремено да помогнеме. Данче беше хуманитарец и знаеме дека ќе се гордее со одлуката овој концерт во негова чест да биде од хуманитарен карактер. Се разбира, ништо од ова немаше да биде комплетно без несебичната помош на изведувачите со нивното учество. - вели Нада, која со покојниот сопруг ја врзува голема љубов уште од младоста.
Секој кој загубил некоја драга личност знае дека деновите, особено на почетокот, изгледаат како да се бескрајни. Како времето да застанало - секој ден се протега со вечност.
- Тоа се зборовите кои ја опишуваат мојата состојба кога го изгубивме. Почетокот е претежок, исполнет со солзи и една огромна празнина. Но, заедно со децата, успеав да се извлечам од бунилото и темнината. Полека, но сигурно, стануваше сѐ полесно и полесно да го споменеме Данче. А онаа горчина која ја чувстував секогаш кога некој ќе го изговореше неговото име, премина во мир и прифаќање. – вели Нада и дополнува дека силата ја добива од двете ќерки.
- Тие се мојот свет, мојата љубов, мојот ден и ноќ. Привилегирана сум што сум нивна мајка. Даниела е четврта година и студира психологија на Американскиот факултет во Солун, а Дариа е трета година во средното училиште Јахја Кемал во Скопје. Секогаш го спомнуваме. И во нашите најсреќни, и во нашите најтешки моменти, кажуваме по некоја анегдота или приказна за него. Од првиот ден по неговата смрт, сите овие 10 години, го одржуваме неговиот спомен во живот со тоа што никогаш не забораваме каков прекрасен и позитивен човек беше. Се разбира, нема ништо на овој свет што целосно би ја надополнило празнината која тој ја остави, но и јас и децата меѓусебно се поддржуваме и не дозволуваме тој да изчезне од нашите животи. Тој беше човекот со најмногу љубов, добрина и разбирање. Како сопруг и татко воопшто не се штедеше, беше посветен и секогаш присутен. Љубовта која ни ја даваше сѐ уште не грее. - посочува Лазареска-Милошеска.
Во негова чест и со единствена цел да се одбележи наследството што го остави Даниел Милошески, со почит и благодарност за сѐ што направи за домашната музика, на сцената во НОБ ќе пеат: Ареа, Агни Авшар, Ана и Стефан Петановски, Бени и Нон стоп, ДНК, Златно славејче, Кристина Арнаудова, Николче Мицевски, Поп арт бенд, Пајак и Лара. Комплетниот приход од овој проект ќе биде дониран за здружението Асоцијација за цистична фиброза.
- Помош им треба на многу луѓе. Луѓето заболени со Цистична фиброза во моментот на нашата одлука се соочуваа со сериозни проблеми, меѓу кои и обезбедување на лекот кој е прескап. Се надевам дека во иднина нема да го имаат тој проблем и лекот ќе им биде достапен секогаш кога ќе биде потребен. Сакам да се заблагодарам и на Бојан Петровски, Горан Панчевски и Александар Петровски - дополнува Нада.
С.А.Н