Надминавме 3000: Македонија на 103 место по справување со КОВИД-19

Швајцарија е најбезбедна земја во светот сега за КОВИД-19, пишува Форбс, а се базира на извештајот на Deep Knowledge Grloup, кој е огромен и има 250 страници, а во него се наведени критериумите според кои се оценуваат државите.  Јужен Судан, според овој извештај, е најопасната нација.

Она што нас треба да не загрижува е што земјава е дури на 103 место, дури на вториот дел од табелата, се вели во деталниот извештај што го пренесува Фактор.

Словенија е далеку пред нас, на 32 место, а бргу зад неа е Грција, која се најде 34, додека, пак, Хрватска и Турција се на 36 и 37 место.  Од земјите во регионот, Црна Гора е на 42 место, додека, пак, Бугарија е на 48 место. Србија е 54, и на тој начин се најде веднаш зад Италија. Пред нас се и Босна и Херцеговина, која е на 72 позиција на листата, како и Албанија, која е на 88 место. 

Денеска повторно има над 100 заболени од коронавирусот во земјава, иако има благо намалување во однос на вчера.

Во последните 24 часа се направени 854 тестирања, а регистрирани се 111 нови случаи на ковид-19.

- Скопје 63
- Куманово 11
- Штип 12
- Тетово 8
- Велес 3
- Охрид 1
- Гостивар 3
- Крива Паланка 1
- Кочани 9

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица, пациентка од Струга на возраст од 53 години и пациент од Прилеп на возраст од 80 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 6 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3025, бројката на оздравени пациенти е 1646, на починати е 153, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1226.