Најдобро облечени Македонки: Стил, став и харизма
Да се најдете на листа на најдобро облечени
жени треба да имате стил, став и харизма. Моќта, парите и функциите не се пресудни, врските се
непожелни, наклонетоста кон одредена политичка партија е ирелевантна и
навредувачка, ниту пак е најважна присутноста на социјалните мрежи по секоја
цена. Слепото следење на трендовите е сведено на минимум, личниот стилски печат
е издигнат на максимум. Да се биде дама или урбан лик не само со изборот на
модното парче, туку и со однесувањето и со енергијата, некому му доаѓа
природно, некому со годините, некој ги совладал животните лекции, а некој и
понатаму учи на своите грешки.
„Женски магазин“ избра 13 дами со стил, од различни професии и генерации, повеќе или помалку експонирани, некои и мистериозни, кои се свесни за експонираноста во јавноста, годините, телесните предиспозиции, карактерот и пригодата. Дами со стил во континуитет, кои не блеснале само еднаш на гала- настан, фестивал, на промоција, на седница или на излегување во град или на кафе. Личности кај кои гардеробата е стил на живеење, а не само парадирање со брендови.
Добредојдовте во Македонија, која не трпи критика ниту за стил ниту за пари!
Елизабета Ѓоргиевска, прва дама на Македонија
Македонија доби прва дама со стил. Проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска , вработена на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје.
Сопругата на претседателот Пендаровски е вита, харизматична, со истенчен вкус за мода, со минималистички стил, прочистен од сите модни додавки. Едноставен избор на модни парчиња, ама некогаш и во смели бои, и од квалитетни, ама неекспонирани модни брендови. Досега на јавните настани елегантна, а некогаш според настаните и спортско-елегантна кога со леснотија ги носи парчињата, а не тие неа.
Македонска варијанта на префинетиот француски стил на Карла Бруни-Саркози, според критичарите – најпрва дама со стил во светот.
Што е многу важно, заедничките појавувања со сопругот, претседателот Пендаровски се во тон. Тоа го прават со леснотија, а очигледно дека маркантната нијанса на розе-магента им е омилена на двајцата. Во таа боја беше нејзиниот фустан на инаугурацијата на Пендаровски за претседател, а нему - вратоврската.
Радмила Шекеринска- Јанковска, министерка за одбрана
Не е сѐ во гардеробата, ама стилот е многу важен во политичките и во дипломатските кругови. Нешто на што „паѓаат на испит“ речиси сите наши политичарки, со изборот на екстравагантна гардероба и екстремно високи потпетици, кои се косат со модните правила во оваа сфера. Или премногу шминка, или запуштен изглед, или црни хулахопки наместо во боја на кожа. Златна средина е вистинскиот одговор за дамите од високата политика, а тука спаѓа и Шекеринска- Јанковска.
Министерката за одбрана со својот избор на ја почитува Владата, но и јавноста. Внимава на линијата, со ненаметлива фризура и шминка, со парчиња облека кои се евидентно брендирани, ама ускладени со дрес-кодот на јавна личност од сферата на политиката. Децентна и едноставна и која со стилот нема да ве посрамоти во светот.
Шекеринска, се труди строгите костими да ги ублажи со модни детали како што се шамиите или ѓерданите, и со посмели бои како што е сината или црвената. Шекеринска приватно носи гардероба блиска на својата генерација. Ама далеку од очите на јавноста.
Викторија Васева-Димеска, кустос-советник
Викторија Васева-Димеска се вбројува меѓу највкусно облечените жени во културата. До 2014 година работела во МСУ како кустос-советник, а потоа ја продолжува својата дејност организирајки презентации на македонските автори во Хрватска и на познатите хрватски ликовни уметници (Ж.Кипке, В.Мартек, Т.Брајновиќ, Р. Сошиќ…) во Скопје во МСУ и во Националната галерија. Од тој период, поголем дел од годината престојува во Ровињ.
Гардеробата што ја носи е нејзина лична комбинација, секогаш носи нешто што не е шаблон, што не е конфекција и што не се среќава на секој чекор.
Стилот и е едноставен, но преполн со модни детали. Никогаш не се поведува по трендови и брендови. Го купува она со што може да се игра, да комбинира, да додава, некогаш и да му ја промени намената, да го редизајнира… Никогаш не купува комплети. Тие се дефинирани и не ја предизвикуваат. Ги сака креациите на Лидија Георгиева бидејќи и таа ја сака играта, нема шаблони, има неочекувани комбинации кои само со промена на подлогата стануваат различни, но бидејќи се раскошни и скоро совршени бараат многу суптилност во комбинациите. Облекувањето за неа е креирање композиција, како кога сликате: избирате подлога- основа и додавате форми и бои. Тоа навистина ѝ прави големо задоволство. Најчесто композициите ги замислува, а потоа во од менува некои работи. Во суштина, никогаш не оди на сладникави бои, ниту на нападни контрасти. Интригата е во играта , во едноставноста и во деталите. Еден детал може целосно да ја смени композицијата. Во секој случај ништо не зема здраво за готово: тоа што ќе го купи едвај чека да го искомбинира повеќеслојно, секој пат да изгледа поинаку. Сѐ е во играта... Конечно, расположението има една од клучните улоги во изборот, како и на лицето, тоа се отсликува и на облеката.
Тања Вуjисиќ- Тодоровска, примабалерина и професор
Сиве овие годиниТања Вујисиќ- Тодоровска е дама со неприкосновен стил, постојана во својата извонредност, начинот на кој владее со статусот на примабалерина. Автентичниот стил е одраз на нејзиниот вкус и ја одредува индивидуалноста.
-Стилот е идентитет. Чарлс Буковски тоа прекрасно го кажал. Да се издвоите, потребен ви е стил. Изгледот е она што другите го гледаат кога ќе ве видат. Стилот ви пружа можност да сопствениот идентитет сами го проектирате, ми сподели во еден од нашите разговори Тодоровска.
Стилот ѝ се базира на модни парчиња кои одговараат на нејзиното тело. Никогаш не ја прати модата слепо. Купува класични парчиња кои може секогаш да ги носи и кои не излегуваат од мода а сѐ тоа што е во тренд, го користи во мали дози,како додатоци. Црната и е омилена боја и секогаш доминира во нејзиниот гардеробер, но некогаш и расположението е важно во изборот на бојата. Особено внимава да биде соодветно облечена во однос на пригодата.
Рисима Рисимкин, балерина и кореограф
Шик, екстравагантна, со посебни кроеви и дезени. Изгледа светски. Многу ѝ се допаѓаат креатори кои користат посебни технологии во изработката на материјалите, ги обожава јапонските креатори кои секогаш употребуваат иновативни материјали. Во облеката за вежбање посебно ѝ се допаѓаат креациите на Стела Мекартни, поради удобноста и посебноста на материјалите и нивната извонредна удобност. Ги сакам креативноста и екстравагантноста на Микал Негрин и Клер Кембел и секако Кензо.
Секогаш се облекува според расположението и настанот на кој треба да присуствува. Вообичаено и е, облеката да го одразува расположението, а секако, да одговора за обврските кои ѝ следуваат. Во нормални денови, сака удобна облека, посебно чевли или чизми, бидејќи е во постојано движење, да го сведе напорот на минимум. Сака убава и удобна облека, не следи слепо трендови, туку секогаш размислува што нејзе ѝ одговора според физичкиот изглед и годините.
Лабина Митевска, актерка и продуцентка
Уште од времето кога се прошета на црвениот килим во Венеција, како актерка од првиот филм на Милчо Манчевски „Пред дождот“ подоцнежната успешна продуцентка со својата кратко ишишана руса коса, покажа неверојатен истенчен вкус за облекување и понатаму успеваше секое свое појавување да го претвори во „значаен моден момент“ , и кога беше атрактивна бринета со долга коса.
Нејзиниот избор е црната боја, најчесто во комбинација со изразени аксесоари и обувки кои разбиваат монотонија. Нејзините комбинации на еднобојни фустани со потпетици во жолта боја на пример, се секогаш добитни. Во зависност од настанот и пригодата, знае да изгледа како вистинска модна икона. Би ја окарактеризирале со авангарден стил, елегантност и ексцентричност. Што и да облече не се раководи по модни трендови туку остава свој посебен белег.
Тања Антиќ, бизнисменка
Олицетворение на холивудскиот гламур во Скопје. Кај и да се појави, гламур на сите страни. Дама од високите кругови која претпочита висока мода во целокупниот изглед. И во елегантни и во спортски пригоди, и преку ден, и навечер, и во канцеларија и на гала-настани. Како моќна жена која со својата компанија „Фешн груп“ наметнува модни стандарди во Македонија, убавината и високата естетика е нејзин начин на живеење, а не само облекување. Лик како од филмот „Големиот Гетсби“ на Баз Лурман кој ве маѓепсува со својата појава. Исклучиво носи високи потпетици, но може да ја сретнете и во гламурозни балетанки или патики.
Олга Костовска, бизнисменка
Од костум за деловни настани до гламурозни креации за гала настани-Олга Костовска воодушевува со истенчениот вкус на облекување и почитување на дрес-кодот. Никогаш ,ама никогаш не сме приметиле да направи моден гаф. Секогаш облечена по последна мода, исклучиво на високи потпетици, со средена фризура и со перфектна шминка.
Гардеробата за да ја купи треба да и се допаѓа, но за да ја носи треба да знае да ја носи. Нема омилени парчиња гардероба, најважно и е да се чувствува удобно во неа и таа да е направена од природни материјали. За гардеробата не е важно дали е марка или не, дали е престижен светски бренд или домашен дизајнер, но за чевлите и чантите да. Особено чантите кои ѝ се фетиш.
Динамиката на денот и расположението се пресудни за нејзиниот изглед. Но, сепак дизајнот и квалитетот на облековните елементи се примарни при изборот. Што се однесува до кројот, не е ограничена. Подеднакво носи тесни и лелеави модели, класични или ултра модерни.
Лиле Корубин, дизајнерка и уметница
Легенда на македонската мода. Како манекенка, моден креатор и како дама со силен сенс за убаво и врвен стил. Една од ретките жени која облеката ја носи како втора кожа, без никакво оптоварување и поза. Апсолутно привлекува внимание каде и да се појави со својата гардероба, но и со енергијата што ја шири околу себе.
Елеганцијата е нејзиниот заштитен знак. Нејзината гардероба ја карактеризираат хармонија на бои, материјали и детали кои секогаш и на нов начин се само нејзини. На себе не носи повеќе од две-три бои, не обожава чанти и чевли во исти бои, како и дневно облекување во една боја или во костим од глава до петици. Комбинацијата што ја носи мора да биде разиграна, весела и ноншалантна. Аксесоарите секогаш и се од прва класа, како и очилата за сонце, чантите и чевлите кои ги има во изобилие. Всушност, царица е за тоа.
Света Богова- Јовановска, моден организатор
Неприкосновен стил и чувство за мода ја опишуваат Света Богова-Јовановска. Десет години како организатор на Моден-викенд Скопје, на настанот, исклучиво носи гардероба на македонски дизајнери што е за респект.
Да бидеш 16 години непосредно поврзана со модните трендови, а да останеш своја и препознатлива како една од најдобро облечените дами кај нас и успева само на Света.
Низ годините стилот на облекување ѝ се менувал. Во моментов е привлечена од урбан начин на облекување или комбинација на бизнис и спортски трендови. Во гардероберот преовладуваат спортски обувки , бизнис ориентирани панталони и дизајнерски сакоа. Никогаш нема да ја сретнете на улица без нејзиниот омилен аксесоар: црн ранец.
Јована Филиповиќ, дизајнерка
Едноставна и екстравагантна – и секогаш своја. Како и нејзините креации и модни ревии за кои се бара покана повеќе. Раскажува (не)наметлива стилска урбана приказна. Начинот на кој што се облекува и ги комбинира парчињата облека пред сѐ зависи од тоа како се чувствува тој ден, за каков тип на облека е расположена да носи и какви додатоци.
Многу време поминува на работа, затоа и е многу важно облеката што ја носи да биде лежерна и пред сѐ комфорна.
Најчесто сакам облеката да и биде едноставна за да може да ја комбинира со повпечатливи додатоци, од типот чевли, чанта и накит. Додатоците и се многу битен дел од стајлингот, затоа што му даваат еден комплементарен --завршеток на целокупниот изглед.
Каролина Гочева- Корубин, поп-ѕвезда
Поп-ѕвездата и веќе етаблирано лице од рекламите Каролина Гочева продолжува да ја раскажува приказната на истенчен моден вкус, дамски стајлинг, разиграни комбинации и со избрани модни детали.
Каролина ја препознаваме по стилот кој значи: тренд, префинетост по мерка, стил кој никогаш не ја прави да изгледа постара и посериозна. Благодарение и на нејзината екипа која се грижи за нејзиниот стајлинг.
Дани, поп-ѕвезда
Рокерката Дани може да ве остави без зборови кога е со дамски стајлинг, моден камелеон со фризурата, шминката и ставата. Една од ретките личности од естрадата која има сенс за комбинирање, без помош на стилисти, македонската Ријана која може модна компанија да ја ангажира за модна колекција со нејзин потпис, и нема да згреши. Веќе беше успешна како дизајнер на чевли.
Стилот на облекување е помалку шаренолик, многу често зависи од нејзиното расположение но во принцип е многу лежарен и во спортски дух. Во зависност од обврските знае да се движи од фина елегантност до рокерска откаченост.
Од обувки, преферира патики, но секогаш имам чевли со високи потпетици кои ги купува наменски.
Лејла Сабит