„Најлесно е кога ќе тргне муабетот и гостите ќе кажат: Само толку? Сакаме уште“: Снеже Велков за втората сезона „Нешто конкретно“
„Сметајки дека
јавните личности и те како имаат свое влијание и своја општествена мисија им
даваме простор да се искажат на секојдневните теми дилеми, табу проблеми и
закоравени ставови. Низ емисиите се покажа дека навистина имаат што да кажат,
дека знаат да бидат фантастично духовити, одлични соговорници и соработници и
дека ја заслужуваат титулата на јавни личности чие мислење треба да се чуе и
цени“, вели Снеже Велков која во оваа интервју за Женски магазин зборува за ТВ
проектот „Нешто Конкретно“ кое од октомври годинава започна со втора сезона.
За темите кои се обработуваат во емисиите Снеже вели дека се зборува за се‘, но најмногу за машко-женските односи, но и за општествени појави и нуспојави. А ако минатата сезона мотото на емисијата била „Не се жалете дека нема Ништо конкретно за гледање на телевизија сега имате Нешто конкретно“, годинава е „Ние сме позитвната страна на дебатните емисии“.
Велков е позната дама на јавноста таа е гласен говорник за здравата исхрана и важноста на физичката активност, мајка на два сина, сопруга, водителка и доколку ја следите Снеже на Инстаграм, не може, а да не приметите дека таа има голем број на обувки, за кои откри интересни детали. Целото интервју проследете го во продолжение:
*На 2 Октомври започна втората сезона од ТВ проектот „Нешто конкретно“, како емисија од ваков тип е единствена во земјава, чија беше идеата за проектот и кое е мотото на новата сезона?
- Идејата е моја но заедно со мојот тим ја разработивме и надградивме. Ваквите дебатни емисии постојат со години во соседството и во светов, па време беше и ние да имаме ваков тип на емисија, а да не е класично ток шоу. Станува збор за дебатна емисија, на теми кои заслужуваат внимание, кои сите ние си ги зборуваме приватно но никогаш јавно и транспарентно. Сметајки дека јавните личности и те како имаат свое влијание и своја општествена мисија им даваме простор да се искажат на секојдневните теми дилеми, табу проблеми и закоравени ставови. Низ емисиите се покажа дека навистина имаат што да кажат, дека знаат да бидат фантастично духовити, одлични соговорници и сорботници и дека ја заслужуваат титулата на јавни личности чие мислење треба да се чуе и цени. Како поткрепа во секоја епизода имаме и стручно лице психолог, доктор или стручно лице за темата кои пак прилагодувајќи се на лесниот и духовит муабет од стручна точка даваат заклучоци на темата.
А за мотото ако минатата година ни беше „Не се жалете дека нема Ништо конкретно за гледање на телевизија сега имате Нешто конкретно“ - овој пат сакам да кажам дека „Ние сме позитвната страна на дебатните емисии“.
* Какви теми да очекуваме во втората сеозна на „Нешто конкретно“?
- Се што ќе ви падне напамет за дискусија на кафе, на шопинг, дур седите на некоја свадба и зборувате за обичаите, дур оговарате некоја девојка во локал, или се жалите на мајка ви за свекрвата, моментите кога се чудите зошто сопругата ви е лута, а ништо не сте згрешиле се‘ се тоа теми на дискусија. Најмногу машко-женски односи, но и општествени појави и нуспојави. Старлети и лепотани, лепотици и постари чичковци, срам и чист образ, кој не знае да вози, а кој не знае да вклучи машина за садови, снаи и свекрви, дедовци и зетовци...Теми милион...
* Зошто токму ова име „Нешто конкретно“?
- Признавам во игра беа три имиња ама ова некако си исплива на површина. Името произлезе од констатацијата дека нема ништо конкретно да се гледа на телевизија, па еве сега има „Нешто Конкретно“ за гледање и тоа на Телма. Тоа е фраза која често ја користиме кога сакаме да дадеме потврда или заклучок за нешто па еве одлична можност низ секое спомнување да се спомне емисијата.
Почни го денот со добро завршена работа за да ти тргне како што треба
* Кој е најлесниот, а кој најтешкиот дел за Вас за снимањето-подготвувањето на емисијата?
- Најлесно е кога ќе тргне муабетот и гостите ќе кажат: Само толку? Па сакаме уште да муабетиме.
А нема да речам дека е најтежок ама е најпредизвикувачки делот со барање на гости и нивно комбинирање со време и денови, бидејки станува збор за повеќе луѓе па мора да се организираат. Ама за тоа ја имам организаторката Радмила која е струја од човек и која точно знае кога како и дали да му се обрати на некој гостин за да на крајот ја дефинираме целата листа. Тука се и останатите од тимот секој со своето задолжение и завршена обврска кои прават нештата дури и кога се комплицирани да изгледаат лесно решливи.
Разработката и идеите за темите ги правиме тимски, истражувањата ги правам јас низ еден куп книги и интернет содржини, а поговорките, тука ни се неисцрпни ризниците на Марко Цепенков но и актуелните цитати на светски познатите луѓе.
Имам и јас лоши денови, ги почитувам и ги оставам да бидат присутни. Оти пак ми се знак дека треба да направам нешто поинаку и подобро
* Дали и колку Инстаграмот го користите за избор на следни теми за разговор во емисијата?
- Секогаш сакам да го слушнам мислењето на следачите бидејки тие се и мојата публика. А можам да се пофалам дека имам одлични луѓе кои ме следат чии мислења на одередена тема навистина држат вода и ми се и инспирација, а и се добри да бидат цитирани во самата емисија. Затоа сум им премногу благодарана.
* Од каде црпите енергија, за да постигнете се‘. Секое утро возите велосипед или вежбате, редовно споделувате рецепти значи готвите, имате две деца, сопруг, работите, плус емисијата?
- Почни го денот со добро завршена работа за да ти тргне како што треба. Тоа е моето мото од каде ми доаѓа и енергијата. Значи утрото мора да ми почне со добро завршена работа - извежбано или извозено. На тој начин позитивната енергија е активирана за после што и да се случи во текот на денот да не може да ме раздрма, а и да ме раздрма да имам добар баланс од позитива каде можам да се потпрам...
Ама да признаам имам и јас лоши денови, ги почитувам и ги оставам да бидат присутни. Оти пак ми се знак дека треба да направам нешто поинаку и подобро.
* Според објавите кои неретко ги постирате на Инстаграм, може да кажеме дека „слабост“ ви се обувките. Колку пара чевли имате и кои ви се омилени?
- Уфф. Сосема сте во право. Мојот сопруг знае да каже дека има чувство како да се оженил со стоногалка... Не смеам да кажам колку имам оти ќе се издадам. Ќе речам дека имам доволно многу за да не ми ги собира во орман, а доволно малку за да немам со што да отидам на свадба на пример...
А омилени? Едни што ги видов на изглог (се смее).
* Каде се гледа Снеже за 10 години од сега?
- Се гледам пак некаде развежбана по неки планини и низини. Насмена и задоволна. Сакам да се видам себе си и како спикер во информативна програма. Напредната во идеите, во духот во разбирањата и себе сфаќањата.
Снеже на 50 години - што знам, може тогаш ќе биде време да го користам моето вистинско име Снежана Велков, 50 годишна госпоѓа можеби некој мотивационен говорник.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива