Најважно е да имате некој покрај себе што ќе ви биде ветер во грб секогаш кога ќе почувствувате дека паѓате: Утринско кафе со Самра Имери

Денот никогаш не ми поминува исто, ама ми започнува со турско кафе. Работам, работи кои вклучуваат флексибилно работно време, од секогаш сум била човек кој работи минимум две работи, а тоа резултира секогаш да имам различен ден. Во првиот час од будењето секогаш се посветувам на утринска рутина за нега на кожа на лицето и шминкање, а потоа пиење на првото утринско кафе, сама во позадина со некоја музика, секогаш!

Мотивацијата ја црпам од различни работи, активности и луѓе. Добра книга, испиено кафе со пријателите, приготвување и јадење на омилениот колач, вкусна храна, испробување нова техника на шминка, патувања, особено деловните патувања ми се најголема мотивација секогаш се враќам со полна енергија и желба за повеќе.  

Најчеста мотивација ми се успешни приказни, сакам да слушнам како некој си ги остварува соништата чекор по чекор, бидејќи гледано по себе знам колку секој чекор е важен, а најважно е да имате некој покрај себе што ќе ви биде ветер во грб секој пат кога ќе се почувствувате дека паѓате.

Дневните обврски ги планирам ден однапред, а може да се закажани недела дена, па дури и месец порано, зависно од тоа во кој ден се вметнати во агендата. Затоа гледам да го организирам времето најдобро што можам за да завршам се навремено, бидејќи сите знаеме колку сме во трка со времето. 

Доколу немам потреба и можам да ги завршам сите работни обврски онлајн, знам и цел ден да го поминам по пижами со лаптоп, телефон и кафе пауза на тераса.

Последниот час пред спиење повторно си го посветувам на сама себе, за опуштање ми помага истегнување, пешачење, врел туш, чај или чаша вино. 

Зависи како сум расположена пред спиење - знам да пуштам филм или да прочитам неколку страни добра книга, но во глобала префрирам повеќе да читам книги, отколку да гледам филм.


* Самра Имери - шминкер и дигитален маркетер* 

Фото: Приватна архива