Навивачките од Данска воодушевени од Скопје, а македонските фанови од нивната убавина

Добивај вести на Viber

Високи и витки, со бел тен, како симнати од модна писта. Навивачките на Данска, беа видно расположени во фан клубот пред салата Борис Трајковски, додека го чекаа одбојкарскиот натпревар помеѓу Македонија и нивната репрезентација.

- Прв пат сме во Македонија. Тука сме веќе неколку дена и навистина ни се допаѓаат и вашата земја и Скопје. Овде е многу убаво. Луѓето се многу гостопримливи. Одлична е и организацијата - ни изјави Ема (23) која пристигнала на првенството со неколку свои пријателки, големи љубителки на одбојката. Меѓу нив беше е Панела(26) која е одушевена од убавините на нашиот главен град.

- Денес го посетивме Кањонот Матка и навистина сме одушевени од него. Ја пробавме вашата храна, одлична е и многу ни се допаѓа. Бевме и на Бит Пазар и на Тврдината Кале. Ако имаме време, ќе го посетиме и Охрид – ни изјави таа.

Тие во еден миг се здружија и со македонските фанови, кои на завчерашниот натпревар беа присутни во огромна бројка. Најголемиот дел од нив дојдоа од Струмица. Меѓу нив беа и младите Андреј (14), Стефан(13) и Атанасиј (13) кои тренираат одбојка. 

- Сите денови кога ќе игра Македонија, со родителите ќе патуваме во Скопје и по натпреварите ќе се враќаме во нашиот роден град. Голем дел од нашите сограѓани дојдоа да ја бодрат репрезентацијата. Наши идоли се Никола Георгиев и Александар Љафтов – ни изјавија тие.

Македонија на отворањето на Европското првенство во одбојка ја совлада Данска со 3:1 во сетови. Голема беше радоста и кај одбојкарите и кај публиката. Најемотивен дел од овој настан беше настапот на Ламбе Алабаковски, кој маестрално ја отпеа целосната верзија на македонската химна и предизвика солзи во очите на одбојкарите, но и беше мотив да го остават срцето на терен. Алабаковски пред почетокот на натпреварот ја отпеа и одбојкарската химна„ Играјте Македонци“ и неколку стари македонски песни.

С.А.Н