Не бевме сигурни дека ќе успееме, но вредеше да се проба: Евгенија искрено за бракот со професорот Вело Марковски
Постојат некои „златни правила“ кога се во прашање разликите во годините меѓу партнерите. Се смета дека не е пожелно мажот да биде постар од жената повеќе од 10 години. Меѓутоа, што ќе се случи во ситуација кога таа разлика е многу поголема од „пропишаната“? Дали таа врска е однапред осудена на пропаст, пред се поради генерациската разлика меѓу нив, или сепак љубовта е доволна за да се надминат сите можни пречки?
Оваа тема е многу интересна со оглед на тоа што сè почесто се среќаваме со парови со разлика од петнаесет и повеќе години, кои доживуваат осуда на околината, општеството, често и од семејството. Зошто луѓето сè уште не се подготвени да прифатат дека љубовта ги руши сите граници, а дека годините се само бројка што не го одредува квалитетот на врската или бракот? На денешниот ден - Свети Валентин или Денот на вљубените една таква приказна споделуваме со вас .
Љубовта меѓу професорот Вело Марковски и неговата сопруга поранешната мисица Евгенија.
Плод на нивната љубов, на која ѝ дале шанса и покрај стравовите дали ќе успеат се двете дечиња.
„На самиот почеток воопшто не се надевав дека ќе заврши со брак или ќе имаме деца, за само после две години јас бев таа што најмногу на свет сакаше да имаме дете. Клучен момент во се тоа беше неговиот однос кон мене“, вели ексклузивно за Женски магазин, Евгенија Марковска.
*Што прави Евгенија Марковска откако не се занимава со манекенство, ви недостига ли можеби понекогаш таа професија?
-На почетокот ми недостигаше, но сега не. Сакав семејство, деца, да се посветам на науката, што секако не одговара со манекенството. После три години откога се откажав од манекенството станав магистер по бизнис и администрација, а моментално сум студент на трет циклус (докторски) студии.
*Мајка сте на две дечиња, како се снаоѓате во мајчинството, што за вас претставува улогата на мајка?
-Би рекла дека се снаоѓам одлично. Пред да станам мајка бев исплашена дека нема да успеам, дека нема да можам да се грижам за дете, но откога ќе се стане мајка се развива тој мајчински инстикт. Мајчинството е нешто што не може да се покаже или научи од друг затоа што секоја мајка има индивидуален пристап спрема децата. За мене моите деца ми се најдобри другари. Секогаш сум подготвена да си играм со нив и кога имам еден куп други обврски да завршам. Според мене улогата на мајката е да претставува најдобар можен пример за своите деца, затоа што децата посебно во првите години го копираат однесувањето на родителите. Да се грижи за нив и воспитува, да им покаже што е правилно, а што не. Да им покаже дека е секогаш тука за нив и секогаш подготвена да ги ислуша и да најде одговор на сите нивни прашања.
*Во брак сте со професорот Вело Марковски – како сфативте дека сте сродни души, раскажете ни ја вашата љубовна приказна, како ве освои, колку години бевте во врска а колку години сте во брак
-Нашата врска започна во 2014 година, се мислевме неколку месеци, но ете се решивме да ја започнеме врската без обврски и некои поголеми очекувања. Ни беше убаво да бидеме заедно, а колку повеќе се гледавме станувавме се повеќе поврзани. Често со Вело знаеме да ја искоментираме првата средба како бевме исплашени и како кога доѓаше по мене сакал да се врати на пола пат и да ми каже дека има обврски тој ден и дали ако се вратеше пак ќе се видевме и ќе завршеше исто како сега. На самиот почеток воопшто не се надевав дека ќе заврши со брак или ќе имаме деца, за само после две години јас бев таа што најмногу на свет сакаше да имаме дете. Клучен момент во се тоа беше неговиот однос кон мене. Ми покажуваше внимание, грижа, ми беше најголема поддршка и знаев дека е и ќе биде секогаш тука за мене за што и да ми затреба. Во 2017 година го добивме синот и истата година стапивме во брак.
* Колку вашиот сопруг ви помага околу дечињата, обврските околу домот?
-Кога нема работа или други обврски ми помага секогаш. Сака да ги заспива децата, да ги поигра накратко да одморам или да го прошета поголемото дете. Секогаш го фалам дека одлично се снаоѓа и во кујна.
*Наидовте ли на препрека од пријателите, семејството, како реагираа кога прв пат слушнаа за вашата врска со вашиот сопруг?
Па не би рекла дека имавме препреки. Повеќе во смисла на „дали сте сигурни дека ќе успеете заради разликата во годините“, „што ќе речат другите кога ќе дознаат за вашата врска“ и сл. Што секако не бевме сигурни дека ќе успееме, но вредеше да се проба, а денес сум среќна што не размислувавме воопшто за понатаму, едноставно пробавме и ни успеа.
Не се важни годините важна е зрелоста на партнерите, карактерите и нивно вклопување, меѓусебниот однос
*Имавте ли некаков притисок од околината, наидувавте ли на недолични коментари, ве повредуваше ли можеби нешто?
-Да, недолични коментари имаше уште од почетокот кога се дозна за нашиот брак и сѐ уште има. Не ме повредува никој од тие коментари затоа што никогаш не ми било важно што ќе кажат другите. Мислам дека не е во ред да навредуваш некој што не го познаваш само затоа што мислиш дека не се вколопува во она што сите го прават.
*Како реагиравте Вие, како ги надминувате озборувањата, кој беше ваша поддршка во такви моменти?
-Како што веќе кажав воопшто не ме повредуваат негативните коментари и озборувањата. Моето семејство ме поддржува, јас сум среќна и се друго е неважно.
* Колку луѓето, општеството се подготвени и дали воопшто се подготвени да прифатат дека љубовта ги руши сите граници и дека годините се само бројка, која не ја одредува квалитетот на врската или бракот?
-Мислам дека нашето општество не е подготвено да прифати дека за љубовта нема граници. Во многу држави во странство се нормална појава ваквите бракови, но кај нас се критикува и озборува она што е поразлично од нормите кои ги поставило самото општество. Не се важни годините важна е зрелоста на партнерите, карактерите и нивно вклопување, меѓусебниот однос. Ако има љубов, почит и разбирање помеѓу партнерите ни годините, ни било кои други разлики не се пречка да се одржи квалитетна врска или брак.
*Денес е „Свети Валентин“ - Денот на вљубените. Колку е романтичен Вело, си разменувате ли подароци или не е потребно да биде празник за да се подари нешто?
-Не е потребно празник за да се подари нешто и да се покаже внимание. Знае да ме изненади без никаков празник или причина. Најчесто тоа е некое парче гардероба, цвеќе. Знам често да речам не е важен подарокот, важна е намерата. Ме радуваат и најмалите подароци.
*Како го негувате бракот?
-Секогаш гледаме да најдеме време да го поминеме заедно, било тоа да се прошетки, гледање филм, да поразговараме. Почит помеѓу нас имало отсекогаш и ќе има. За мене најважно за да функционира бракот е почитта. На компромис секогаш сум јас прва подготвена, не можам да останам долго лута, за разлика од мене сопругот прв не попушта никогаш дури и кога не е во право.
*Вашата порака до оние кои се плашат од врска и брак како вашиот – како би ги охрабриле?
-Јас би рекла дека секој што е полнолетен и свесно размислува има право да донесе каква сака одлука за својот живот како и со кого сака да го помине. Да си ги слушаат срцето и мозокот, а не што ќе кажат другите. Похрабро да влегуваат во сериозни врски и брак, а пред се полесно да се одлучуваат да станат родители, да подарат живот. Би ги советувала постарите девојки да не го чекаат принцот од соништата туку да си родат, да станат мајки без разлика дали се во брак или пак дали се во врска со партнер, а таа врска не е по стандардите на мнозинството.
*Што ве исполнува, мотивира во животот, некое хоби, што сакате најмногу, дали преферирате излегувања или повеќе би уживале во домашна атмосфера
-Единствено хоби ми е вежбање фитнес. Преферирам вежбање еден саат дневно додека ги слушам омилените песни, но доколку не сум во можност цел саат доволни ми се и 10 до 15 минути вежбање.
Главна мотивација ми се моите деца, ме мотивираат да бидам подобра од она што сум била. Ме исполнува кога ги гледам како се среќни додека играме заеднички игри и кога на крајот од денот ќе заспијат спокојно и знам дека сум успеала и тој ден да им го направам забавен. Преферирам фамилијарни прошетки преку ден, а доколку не сме во можност да прошетаме а надвор е топло и сончево го поминуваме денот во двор. Вечерни излегувања не сакам, па така после сите обврски во текот на денот сакам да се релаксирам во домашна атмосфера и што побрзо на спиење.
*Како ви поминуваа деновите на пандемија, ви скратија ли нешто, дружби, патување можеби, како сетоа тоа се одрази врз вас и вашето семејство?
Од аспект на дружби би рекла дека не ми се скрати ништо затоа што отсекогаш не сум сакала места со многу народ, дискотеки, седење по ресторани, а особено откога станав мајка. Сакам прошетки низ парк, на Водно, што секако не ни е скратено. За среќа имаме двор па на самиот почеток на пандемијата кога имаше карантински мерки ги поминувавме во дворот и така не се осеќавме целосно затворени. Од аспект на патување би рекла дека одењето на одмор дефинитивно не е како предходно и тоа ми фали најмногу, да можеш слободно да одиш во друга држава без тестови, мерки и страв од болест или карантин.
Ирена Ставрова