НЕ БИЛО СЀ ТАКА ЛЕСНО: Љубовната приказна на Селимова - Желчески

Добивај вести на Viber

Популарната музичка и брачна двојка со децении го негува македонскиот народен мелос. Беа и останаа партнери за почит, синоним за семејни вредности и професионалност во работата. Вистински амбасадори на македонската култура кои популарноста воопшто не ги смени.

Кевсер Селимова е Турчинка од скопската населба „Автокоманда“, а Ѓорѓи Желчески е прилепчанец. Се запознале во 1959 година. Ѓорѓи бил солист во Радио Скопје, а Кевсер интерпретирала турски песни од источниот дел на Македонија и глумела во турскиот театар. Првата средба им била на концерт во Титово Ужице каде Селимова настапувала со КУД „Орце Николов“, а Желчески ја најавувал програмата. Во тоа време тој настапувал со Бадев, Анка Гиева и Верица Исјановска. Токму Верица, во екот на една од нивните големи југословенски турнеи се вљубила и одлучила да остане во Шабац, па Желчески бил принуден да бара друга партнерка за дуетските изведби. Разговарајќи со неговиот менаџер се сетил на средбата со Селимова.

Симпатии постоеле уште од првиот ден, но меѓу нив двајца не одело сѐ така лесно. Требало да поминат речиси осумнаесет години пред да стапат во брак.

- Работевме заедно веќе 17 години. Имаше пријателство и љубов, но живеевме секој во свој стан. Кевсер се оддаде на домаќинлук, дури пред мене си го реши станбеното прашање. Причината бев јас. Ги сакав брзите автомобили и убаво ми беше да водам ергенски живот. Кога видов дека летнаа годините, конечно ѝ предложив брак. По две години ја добивме ќерката Ана – раскажа Ѓорѓи во едно интервју.

Селимова-Желчеси го имаат обиколено цел свет. Само во Америка биле 14 пати. Во Европа нема град кај што не гостувале. Во својот репертоар нема ниту една песна на друг јазик и мелос освен на македонски, независно дали се работи за авторска или за народна песна. Во едно интервју признаа дека поради културните и религиските разлики и тогашните малограѓански сфаќања за мешаните врски и бракови, да не живееле во Белград, прашање е како би завршила нивната љубов.

Ѓ.С.