Викторија Лоба открива како се менувал нејзиниот стил, кој дел од облеката ѝ е „слабост“, дали готви и зашто не јаде месо
Убава, топла и секогаш искрена. Викторија Лоба го обожавам минимализмот и елегантниот стил на облека, сака ретро парчиња кои се моментално во тренд и секако гламур кога сум е сцена.
Оставате впечаток на убава и уредна млада жена. За да се стекнат овие епитети потребна е желба, цврста волја или божја дарба?
-Верувам дека пред се е инспирација која е и мотивација во мојот случај. Уште од мали години се восхитував на мојата мајка како и други прекрасни жени со стил, кои внимаваа на својот изглед што според мене е одлика на добри манири.
Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување?
-Го обожавам минимализмот и елегантниот стил на облека, сакам ретро парчиња кои се моментално во тренд и секако гламур кога сум на сцена. Во мојот стил на облека сакам да ја покажувам женственоста, смелоста и леснотијата која ми е својствена на карактерот.
Колку за целокупниот гламур на жената важни се скапите и луксузни нешта? Каков е Вашиот однос кон овие нешта?
-Не сметам дека за гламурозен изглед е потребни се исклучително скапи парчињаи луксузни брендови. Важна е добрата изработка и квалитетен материјал, додека останатото е само креативна стилизација и секако најважна е жената која го носи стајлингот да се чувствува убаво.
Тоа значи дека не сакате се што облекувате да биде гламурозно или од позната фирма?
- Не не, воопшто не сум тип кој е опседнат со гламур и брендови и т.н. , и навистина тенка е таа граница кога пренакитениот изглед постанува “кич”, доста внимавам на тоа.
Кои делови од облеката се Ваша страст? Што најмногу доминира во Вашиот ормар и во која боја?
-Дефинитивно бели и крем нијанси ми се омилени, црна класика и темно црвената боја е онаа по впечатливата страна на мојот ормар. Многу сакам високи потпетици и навистина имам еден голем ормар кој е преполнет од горе до доле со високи потпетици во секаков стил и боја, тоа е мојата слабост. Секако како и повеќето жени го обожавам накитот најголемиот дел во мојата колекција е од Chapter 03.
Убавината може да биде непријател, а не сојузник кон патот до успехот. За да се успее во животот најбитни се квалитетот и вештината што ја поседува личноста. Како би ја надополниле оваа дефиниција со ваши размислувања?
-Точно е тоа дека убавината може да биде сојузник, како и непријател за остварување на таа некоја цел која е замислена, и сето тоа е поради предрасудите на општеството. Но, за среќа во денешно време има многу алатки како на пример социјалните мрежи каде секоја индивидува веќе може да се истакне и со некоја своја друга силна страна како интелект, креативност, добро воспитување, вештини и да ги побие тие стереотипи кои судат исклучиво по надворешниот изглед.
Какво дете бевте? Дали внимававте како ќе изгледате?
-За тоа беше задолжена мојата мајка и секако поради неа бев многу симпатично и дотерано дете.
Тинејџерските години се период кога го спознаваш своето тело и почнуваш да се формираш, да бараш и експериментираш. Каков беше Вашиот стил во тој период?
- Ох, стилот варираше со секоја година. Од тотално розев орман преминав на широки фармерки и кроп топови, кожни јакни итн. И мислам дека е тоа сосема нормално, секој тинејџер си се бара себе си преку стилот на облеката.
Имате ли стилист за настапи?
-Да, секако, најчесто стајлинзите ги смислува и изработува мојата драга другарка и исклучително талентирана дизајнерка Моника Коцарева, додека стајлингот на косата и шминката го препуштив уште од мали години на моите драги ID team. Додека за секојдневните стајлинзи сама сум одговорна, и морам да признаам тоа ми е навистина забавно.
Косата е ваш заштитен знак. Кои препарати ги имате во својата тоалетна торбичка?
-Убава, долга и здрава коса бара професионална нега. Јас не сум себична и ќе ви ја откријам мојата омилена колекција за нега на коса, тоа е Fiber Clinix на Schwarzkopf, шампон маска и спреј за оштетена коса. Исто така користам крема со заштита од топлина пред да ја стилизирам косата, тоа е Fibre Sealer исто на Schwarzkopf, и за крај масло light oil Fiber Cilnix кое дава сјај и го намалува кршењето на влакното.
Имате ли посебен однос кон храната - како израз на размислување и живеење? Дали готвите?
-Јас обожавам да готвам и морам да признаам на мојот сопруг тука му се посреќи Внимавам што јадам и сметам дека тоа е 90% заслуга за здрав изглед од внатре и однадвор. Не конзумирам месо зашто организмот не ми реагира добро на него.Но, затоа често јадам секаков вид на риба, и преферирам медитеранска исхрана.
Како ја одржувате линијата?
-Со љубов, убави емоции и вкусна храна и секако вежбање
Каков е вашиот стил на живот?
-Едноставен и квалитетен.
Која е најбесмислената работа што сте ја купиле?
-Потпетици од 14 см.
С.А.Н