Не дозволивме далечината да нѐ раздели, Елена со мене издржа периоди кои ретко кој би ги издржал: Искрено со Давид Темелков
Давид Темелков момчето кое ги освои срцата и симпатиите во регионот со неговото учество во музичкото шоу за таленти „Икс Фактор Адриа“, а изминатата година не воодушеви со оригинална песна посветена на нашата татковина.
Токму стиховите од песната „Мојата Македонија“ ги награди манифестацијата „Златна Бубамара“.
Давид, во моментов живее и твори во Хрватска, каде е среќно оженет со Хрватката, Елена Јунг и со која „едвај чека“ како што вели тој, да основа семејство.
Давид низ годините имаше падови и подеми. Минатата година беше еден бродолом за него. Му беше откриен тумор на стапалото па мораше да помине низ разни премрежја, но истата година со неговата сега сопруга се заколнаа на вечна љубов.
Давид Темелков за Женски Магазин зборуваше за музиката, животот во Хрватска, сопругата …
ЖМ: „Мојата Македонија“ песната која ги освои слушателите во Македонија, со убавите стихови, мелодијата кои поттикнуваат силни емоции, оваа година доби награда од „Златна бубамара на популарноста“. Колку ти значи наградата и ти е „ветер во грб“ за во твојата кариера?
- Пред сè би сакал да ги поздравам сите читатели на Женски Магазин, и да ви се заблагодарам на приликата што ми дозволивте со мојата приказна да се вмешам во женските муабети! – Една мала шега, задоволство ми е што сум дел од овој Магазин!
„Мојата Македонија“ е композиција која ме прогонуваше со години. Далечината го направи своето, да со поинакви очи си ја гледам својата земја, мојата и наша Македонија. Напишана е на едно мало и старо електрично синтисајзерче, но во себе го има целото мое срце. Од малото синтисајзерче, освои „Златна Бубамара на популарноста“. За мене неочекувано, но навистина многу ми значи. Златната Бубамара била и е мој детски сон! Посебна манифестација која има огромно значење за целокупната македонска култура!
ЖМ: Македонската јавност те запозна во втората сезона на регионалното музичко шоу „Икс Фактор Адриа“, како еден од фаворитите на таа сцена. Како гледаш сега од оваа перспектива на ова талент шоу?
- Никогаш не сум сакал да се натпреварувам во музиката и пеењето. Сметам дека секој изведувач е посебен и носи во себе нешто свое. Но животот пишува свои приказни, и ете, мојата била таква да токму преку тоа шоу ја започнам својата јавна кариера. Едно големо искуство, дефинитивно.
ЖМ: Повеќе од половина година си во брак со твојата понежна половина Елена Јунг, која потекнува од Истра, Хрватска. На што те научи досегашниот заеднички живот, што ти донесе, што промени кај тебе?
- Како што и претходно спомнав, се случи животот … По завршувањето на талент шоуто, заминав за Хрватска и случајно се запознавме. Не знаевме во што влегуваме, јас од Скопје таа од Пула. Но младоста носи и лудост со себе, не дозволивме далечината да нѐ раздели, напротив, не зближи. Елена ми даде една посебна димензија на животот. Ме смири. Таа е моето сидро.
ЖМ: Каде живеете сега заедно, и дали често сте на релација Хрватска-Македонија и обратно?
- Моментално живееме во Загреб, но сме често на релација Скопје-Загреб и обратно. Таа не ја сака, ја обожува Македонија, што навистина ме радува и ми причинува огромна чест и задоволство.
ЖМ: Како еден Македонец се снајде како хрватски зет?
- Сè уште се снаоѓам! Мала шега … Убаво сум прифатен, и сум почитуван од страна на Хрватите што ми е од голема помош во секој поглед. А уште повеќе од страна на семејството на Елена. Елена има прекрасно семејство и од самиот почеток ме прифатија како син, знаејќи дека немам никој свој во Хрватска, многу ми помогнаа и навистина сум им вечно благодарен!
ЖМ: Како се запознавте со Елена, колку време сте заедно, со што те освои и што беше пресудно да ти се потврди дека „таа е вистинската“?
- Се запознавме случајно, после еден убав концерт во Пула. Навистина не знаевме што сме и во што влегуваме на самиот почеток. Околу илјада километри не делеа … Живеевме 2 години на далечина. Патувавме секоја недела, јас за Пула, таа за Скопје. Како знаев дека е вистинска?
Почнавме кога немавме ништо, но имавме сè. Не правевме работи за да се восхитуваме, напротив бевме обични и бевме задоволни со малку, бевме доволни самите ние. И сè уште сме!
Таа со мене издржа периоди кои ретко кој би ги издржал … Многу сум и благодарен.
ЖМ: Секој еден човек кој е во брачна заедница, има желба да се оствари како родител. Дали и ти имаш таква желба, дали би сакал да се оствариш како татко, кое е твоето размислување на оваа тема?
- Да се биде родител е нешто возвишено. Мислам дека тоа е најголемиот успех во животот. Семејството и фамилијата се успех. Можам само кратко да кажам „Едвај чекам“!
ЖМ: Што подготвуваш ново на музички план, дали имаш настапи, гостувања во Хрватска?
- Моментално работам на 2 албума и среќен сум поради тоа. Работиме на поп албум кој ќе има македонско и хрватско издание, но и работиме на еден оригинален Македонски Албум за којшто многу се радувам. Наскоро ќе излезат неколку преработки како најава за она што следи.
ЖМ: Минатата година преку социјалните мрежи имаше една емотивна исповед, за тоа дека си се соочил со тумор на стапалото. Не е едноставно да се слушне за ваква дијагноза. Што ти беше најголема поддршка во тој момент, како го надмина стравот од тоа дека може нешто да ти се случи?
- Да, минатата година беше една интересна година за мене. Многу научив. Не би сакал да мистифицирам ниту да глорифицирам некои работи, напротив, ќе ја искористам можноста доколку можам да охрабрам некого да ги надмине своите тешкотии, би бил среќен.
На еден од тренинзите по боречки вештини, добив лесен удар во ногата и почувствував несекојдневна болка. По магнегнетната резонанца, ми рекоа дека во самиот нерв зад коленото имам тумор кој е голем скоро 6 сантиметри. Во Хрватска докторот кој требаше да ме оперира ми рече дека шансите да останам инвалид на десното стапало се големи – 99%, и да се подготвам за таа можност.
Мојата приказна е доказ дека и да имате 1% шанса, сепак имате шанса за пресврт!
Недозволив таа информација да ме поколеба, напротив, ги препуштив работите на Севишниот и навистина верував во добро! Бев војнички спремен во главата на секаков исход.
Но ете, чуда се случуваат и сега не пропуштам шанси за какво било спортување или каква било активност бидејќи ногата ми е скоро потполно здрава!
Верувајте во добро, верувајте во чуда, постојат!
ЖМ: Убаво е и поучно да се зборува за вакви искуства, бидејќи истите може и да му помогнат некому. Пред сè за подигнување на свеста, но и за тоа дека за секоја нефункционалност на телото прва станица е лекарски преглед. Кои беа првите симптомите, што забележа?
- При лесниот удар, почувствував болка која од местото на ударот се прошири низ целото тело. Телото ми претрна од болка. Туморот не беше видлив со голо око бидејќи беше скриен под ткивото.
Би им предложил на читателите и генерално на сите, да водат грижа за себе и своето тело, да прават чести прегледи. Телото е првиот дом во кој живееме.
Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива