Не ми студеше: Елена во мини фустан и летни чизми ја стопли публиката на концерт на отворено и запеа со внука ѝ Делфина
Среде зима, облечена во мини фустан, со летни чизми и капут, Елена Ристеска одржа весел предновогодишен концерт пред „Ист гејт мол“ во Скопје.
Поп-ѕвездата долго време не настапувала пред скопската публика, па нејзината среќа што е повторно на сцената им ја пренесе и на фановите кои уживаа во оваа вечер. Пееше нејзини хитови, но и песни од Тина Тарнер, Нина Бадриќ, како дел од отварањето на Новогодишниот базар пред „Ист гејт“.
Песна како „Доживотно“ е секогаш убаво да се слушне, а „Нинанајна“, Елена ја пееше на почетокот и на крајот на концерот. Иако се поминати 14 години, откако таа овој хит го испеа на „Евросонг“ во Атина, „Нинанајна“ звучи како вчера да е снимена, а и луѓето секогаш ја доживуваат како актуелен хит.
Елена токму овој месец, слави јубилеј, 20 години од нејзиното појавување на македонскаата музичка сцена. Точно 20 години поминаа откако девојчето со чорапчињата во Универзалната сала ја испеа „Она другото“, на „М2- потрага по ѕвезда“ и остана да трае цели две децении, без оглед што е сега посветена на друг бизнис, и не настапува со ист интензитет како порано.
На крајот од концерот, таа се симна меѓу публиката, и запеа заедно со својата внука Делфина и со уште една мала пријателка.
- Прво, да им се заблагодарам на „Ист Гејт“ кои ме поканија да го отворам Новогодишниот базар и ми ја дадоа можноста да се вратам повторно на сцена, бидејќи подолг временски период не бев активна со концерти. Второ, на мое изненадување не беше ладно воопшто а, како што и очекував атмосферата беше одлична и за тоа ќе им се заблагодарам и јавно на сите кои дојдоа и покрај најавите за бомби и покрај тоа што имаше и други настани во ист ден на други места во Скопје. Прекрасниот бенд кој ме придружуваше ја олесни мојата задача да им ја дадам на моите обожаватели целата љубов и енергија што ја имам за нив. Се надевам дека почесто ќе се дружиме во иднина и за следно дружење ве очекувам сите на плоштадот во Скопје заедно да ја дочекаме Новата година на 31-ви декември“, ни изјави Елена по концертот.
-Ви благодарам на вас од Женски магазин што дојдовте да ме поддржите на овој настан и на сите други“, ни рече поп-ѕвездата.
Интересно е што пред многу години, во истиот период, токму на денот на верскиот празник Свети Никола, Елена го одржа својот прв солистички концерт на истото место, кое тогаш беше Скопски саем. Позрела, но со повеќе искуство и поубава енергија, таа сега се врати близу Саемот кој веќе го нема, а негово место е новиот трговски центар.
Милица Џаровска