Нѐ напушти основачот на меѓународниот фестивал за пантомима - Трајче Ѓоргиев: Колегите и пријателите се збогуваат со актерот
Почина
актерот Трајче Ѓоргиев, основач и главен двигател на ПАНФИЗ,
меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16
години опстојува, ја анимира публиката, го поддржуваше и оддржуваше овој жанр
во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски
пантомимичари.
Ѓоргиев дипломирал на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1991 г. Дел е од МНТ повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г. до големиот број на оддиграни улоги.
Трајче Ѓорѓиев во една прилика изјавил: „Јас се трудев преку формата да се дојде до суштината ... за мене лично формата како почетно зрно на креирање една улога, нека е и најкратка што може да биде, е еден пат, еден начин да се дојде до суштината.“ Тоа е таа суштина, таа креација, тоа зрно кое го донесе и носеше во себе: дали во форма на кажан збор, движење или режија. Тоа е она што ќе остане зад него како вечен спомен и пример.
За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник беше на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ - награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.
Не остана само театарската сцена празна за харизматичниот и карактеристичен лик на Трајче Ѓорѓиев. Остана и телевизиското и филмско платно празно. Остана неговиот глас во надсинхонизациите и неговите улоги во серии, филмови и радиодрами да сведочат за овој голем актер: „Бумбари“ (1989), „Еурека“ (1991 - 1994), „Совенски Орфеј“ (1992), „Прекалени“ (1994), „Во светот на бајките“ (1997), „Македонски народни приказни“ (1996 – 1997, 2010), „Погрешно време“ (2000 - 2001), „Чекор пред времето“ (2003), „Големата вода“ (2004), „Обични луѓе“ (2005), „Нави“ (2006) „Турни ме да кинисам“ (2011) „Тврдокорни“ (2013), „Инсајдер“ (2017) и други.
Денот и времето за погребот и комеморација ќе бидат дополнително објавени.
Фото:TrajceGjorgjiev/facebook