,

Не прифаќам живот, без соживот: Дани Димитровска, за својот партнер и за музиката

Добивај вести на Viber

Дани Димитровска ова време–невреме ќе го обои со звуците на својата препознатлива музика - нов сингл со тројна вокална изведба. Покрај неа, како вокали ќе се појават Тања Станковиќ (УСА) и Светле (Саутпарк). Вели дека песната ја доловува поентата на мигот кој го живееме.

Дани е со оптимизам и во овие најтешки мигови за нејзината професија. Одбира да вдишува и издишува со љубов за себе, за локалната фризерка, за соседот од трети спрат, за продавачот од малото дуќанче.

*Концертот во Македонска Филхармонија пред три години, публиката го доживеа исто како вас – ја почувствува енергијата на соединување, кога се пее и се зборува од срце и од душа. Меѓутоа пандемијата го спречи уживањето во вашите настапи и во презентирањето на музиката во живо на други изведувачи. Кога последен пат пеевте пред публика? 

-Мојот последен концерт беше во НУКЦ “Антон Панов” во Струмица, на 22.02.2020 година. Заедно со битолскиот камерен оркестар ја имавме првата изведба од тој вид на старо-нови песни со симфониско комерцијален рок- призвук. Прва во низата кои беа предвидени за таа година. Со цела екипа од 30 члена на сцена, после концертот се испративме со честитки за истиот, со широка насмевка, леснотија во градите и со изјавата:”возете безбедно, се гледаме за две недели во Кавадарци”. Не се видовме. Поминаа 13 месеци. Од време на време во овој изминат период често се присетувам на една иста реченица која ја слушам со години пред секој настап од членовите на мојот бенд:“Излези и отпеј како да ти е последен пат”. Ова секако дека не е последен пат, но е одличен момент за вистинско разбирање на тие прекрасни зборови во вакви моменти што здив значат.


Деновите ми минуваат претежно дома

*Беше ли тешко да се навикнете на живот без ноќни настапи, без дружба со соработниците во студио? Како ви минуваа деновите?

-Тешко е прифаќањето на целокупната слика. Тешка е здравствената и економска состојба. Тешка е тензијата. Тешка е негативноста, омразата и болката на народот. Пандемијата ги погоди сите. Сожалување не е потребно. Но, потребна е свест за значењето на постоењето музичка култура. Музиката не е хоби, туку професија. Деновите ми минуваат претежно дома. Секој ден е различен, во зависност од емотивната атмосфера во која ќе се затекнам. Во зависност од тоа колку го пуштам умот да копа по неверојатни теми. Па, сфаќам дека во принцип учам. За себе и за бескрајните потенцијали на сите луѓе за добробит кои ги содржиме, а не им даваме шанса. Кога сум под инспирација си шкртам во тетратка просто-проширени реченици и рими. Ако бараме лудост, еве, цвеќињата во саксија си добија имиња и ги малтретирам со прашања од типот: „како сме денес?”

*Принудно се повлековме, а осаменоста на површината ги извлекува оние мали ситни пукнатинки и сенки кои во обичниот екстровертен начин на живот ги пегламе и ги шминкаме. Кои се тие, како се соочивте со нив?

-Генерално, сите се соочуваме со долг период под пресија, црно бел трилер со ужасно ненаштимана хистерија од тон. Период обоен во сиво при розеви лалиња и мајски бумбари. Период на себе запрашување до каде сме, до каде сум. Период на себе посветување или период на обвинување кој ни е омилен повторуван филм. Избор. И одлука. Секогаш било избор и одлука за се, па и сега. Одбирам да вдишувам и издишувам со љубов за себе, за локалната фризерка, за соседот од трети спрат, продавачот од малото дуќанче и наведи кого сакаш. Бидејќи на крајот на денот сите се родивме тука и сега со некаква причина. Одбирам причината да е љубов добога. Полесна е за маневрирање од гневот. Поубави се брчките околу усни од смеење, отколку оние на чело од мрштење. Се соочив со она без што не можам. Не можам да замислам живот без соживот. Здив без музика. И човек без емоција.

*Музиката е ваша егзистенција, познати сте како голем работник и никогаш не кукате. Во оваа тешка ситуација за естрадата, кој ви подаде морална и финансиска помош?

-Се потпирам секогаш на себе. А моето семејство ми е емотивен извор.

* Зошто избегнувате прашања поврзани со приватноста. Многу ваши колешки надвор од границите зборуваат отворено, за разводот, семејно насилството, за своите деца, за љубовта?

-Не сум доживеала исклучителна лична трагедија за која подигнат глас би значел подигнување на свест! А во први редови сум за подигнување глас на оние на кои вистински им треба. Имам здраво неконвенционално семејство, сочинето од партнер, син, брат, снаа, внуци и родители кои безизмерно ги обожувам. Живеам во мир и среќата ми е избор. Ниеден од нив не се занимава со јавна професија ниту има желба за себе истакнување. Го почитувам нивното единствено право на интима. Мојот партнер и син ги знаете со име и презиме, но која боја им е омилена, дали сакаат кулинарство, кој број на патики носат или што им е хоби се прашања за кои не се троши медиум кој има за цел да инспирира.

*Имате ли човек покрај себе што ве разбира?

-Да. Со години живеам во хармонија со својот партнер во заедништво.


Син ми има изразена свест за музиката како вредност

*Дали вашиот син е талентиран за музика?

-Пораснат е со многу музика. Има изразена свест за музиката како вредност. Ја почитува како моја професија. Веројатно тоа е до воспитувањето.

* Што е за вас предизвик сега и во овие услови кога станува збор за кариерата?

-Континуитет

* Подготвувате ли нешто ново?

-Наскоро излегува сингл во тројна вокална изведба. Песната (музика и текст) е на Весна Малинова Бабамов, аранжманот на Дарко Тасев а продукција на Давор Јордановски. На мое задоволство, вокално се споивме со Тања Станковиќ (УСА) и Светле (Саутпарк). Песната доловува одлична поента во ова време-невреме.

*Кога ќе се создаде можност за свирки, концерти, што прво ќе направите?

-На малата ширинка што ми е пред зграда и е вистинска реткост од градско зеленило, бендовски ќе прославиме акустично, без помпа и озвучувања. За атер на животот.


Соња Алексоска Неделковска

Фото: Бојан Стоилковски