Не ви се криви градинките, вие ги правите децата нездрави

Доколку сте се прашувале како да го заштитите вашето дете во овој период на вируси, настинки и други болести кои се неизбежни во овие ладни зимски денови, имаме одговор за вас. Да расчистиме уште на почеток. Одлуката вашето дете да не го пуштате во градинка е погрешна, бидејќи на тој начин му ја скратувате шансата да се социјализира, но и неговиот организам да создаде отпорност.

Поради големото присуство на деца, во градинките често кружат различни патогени и грипот е само еден од нив, па децата често се разболуваат и инфицираат. Факт е дека многу инфекции, па дури и грипот, не мора секогаш да бидат клинички манифестирани.

Поголемиот дел од децата имаат добар имунитет, но мораат да го стекнуваат постепено во текот на растењето.

Еве како да го зајакнете имунитетот на вашето дете.

Храната е најважна!

Добриот имунитет зависи најпрво од правилната исхрана, како во поглед на доволниот број внесени калории, така и во разновидноста на нејзиниот состав. Посебно е важно внесувањето на овошје и на зеленчук. Иако важи правилото дека слабите луѓе се здрави, сите истражувања покажаа дека неколку килограми над идеалната тежина значи и подобар одбранбен механизам.

Редовно внесување на витамини!

Внесувањето на цинк, јод, селен и бакар е од пресудно значење за функционирањето на имунолошкиот систем.

Добар сон!

Последните години се покажа дека здравиот сон е еден од најважните елементи на добриот имунитет. На децата треба да им се обезбеди доволно време за спиење во сооднос со возраста. За предшколска возраст оптимални се десет часа дневно, а за постари деца од 7 до 8 часа.

Течности!

На децата им требаат доволно течности, пред се’ вода, млеко, јогурт и природни сокови. Треба да се одбегнуваат газирани пијалоци кои содржат шеќери и вештачки засладувачи. Млекото и јогуртот се богати со калциум кој е важен за коските, а ензимите во јогуртот ја враќаат рамнотежата на дигестивниот систем. Особено е добар јогуртот со пробиотици. Се препорачуваат околу 8 чаши течности дневно, а доколку детето е болно количината треба да се дуплира.

Редовна физичка активност!

На децата треба да им се обезбедат услови за доволно физички активности, најмалку половина час на ден. Препораката на Светската здравствена организација е децата од 5 до 17 години да имат најмалку 60 минути средни, до интензивни физички активности во текот на денот. Активноста може да биде организиран спорт, но и трчање, возење велосипед или танцување.