Некои прашања не заслужуваат одговор
Сите сме љубопитни, ама баш сите. Секој од нас барем во еден момент од животот поставил прашање за кое се каел подоцна или си рекол сам на себе “уф, што ми требаше ова сега”. Во битието на човекот е да сака да знае дури и она што некогаш не е негова работа или што во суштина, одговорот нема ништо да му смени во животот. Ама пусто, некогаш е посилно од нас, па знаеме да ја оплескаме работата. И како што тоа секогаш бива, осознаваме дека длабоко сме загазиле во ла*на кога ќе ја забележиме реакцијата на тие на кои сме им го поставиле незгодното прашање. Умешноста и мудроста не е кога учиме на туѓите грешки, оти никогаш никој не научил ништо од туѓо искуство. Ве лажат ако ви кажат дека “абе видов јас дека не треба така, па не направив”. Мижи Асан да ти баам, тоа е мит кој нема врска со реалноста. Реалноста е следна...знам дека не треба да вртам полукружно, оти ако ме фати полиција, ќе си окркам казна. Знам дека неколкумина пред мене фатиле токму кога вртеле и мислеле дека никој не ги гледа. Ама кога ми се брза ептен, знам да сторам прекршок (кој не згрешил, прв нека фрли камен). Првиот пат кога ќе ме плеснат по џебот оти се занесувам, ќе ми дојде умот. Ама до тој миг како да ви кажам, пробувам да се извлечам. Значи, нема врска она дека учиме од грешките на другите и затоа тврдам дека вистинската мудрост е кога ќе научиме нешто од сопствените пропусти.
Е, ама бидејќи не сме сите исти има и такви кои се ѓонови. По моја дефиниција (лична и субјективна, која не мора да е точна), ѓонови се оние луѓе кои ама ич не им чуе за тоа дали ќе ве навредат и повредат со одредени прашања. Тоа се оние дебелокожци на кои не им е важно како ќе се чувствувате, туку им е многу поважно да си ја истераат агендата. Па така, колку и вие да се муртите или да покажете дека нешто не ви е убаво, ним баш им е гајле оти ич не мислат на вас. А такви има сé повеќе, оти такво време дојде. Дојде време кога исчезнаа манирите и осетот, а процветаа бесчувствителноста и безобразлукот. До толку сé се измести, што тие со манири се окарактеризирани како глупави, а вторите како отракани. Па згора на сé, дури кај некои забележувам и дека перверзно уживаат во тоа да ви прават да ви е непријатно. Зошто? Па дека се ѓонови де, нема некоја посебна филозофија. Вообичаено нешто ним им недостасува во животот, па за да го прикријат тоа стануваат дрски. Друго објаснување немам, оти по сета логика на нештата треба да е човек длабоко исфрустриран, за да има потреба да стори некому штета. И нема да ви кажам ништо ново ниту пак ќе ве просветлам ако напишам оти не можете да ги смените. Никој никого не сменил, никогаш. Човек дури и кога сака сам да се смени, не оди тоа така подмачкано како што би сакале, а не па некој друг да му влијае.
И сега се поставува прашањето, кое е чарето и дали воопшто има чаре?
Секогаш имате барем две опции како да се справите со “неотесаните”. Првата, која можеби е и најдобра е да ги ставите на копче “игнор”. Позитивното е дека сте станале имуни, а негативното дека тоа нема да ги спречи да се непристојни. Проблемот со игнорирањето е во тоа што треба навистина да не ве лази мува ако некој ве праша нешто што вам ви е болка. Кога ќе раѓате (можеби не можете), кога ќе се омажите/ожените (можеби не сте во фаза од животот кога ви цветаат рози на приватен план), зошто сте се развеле (можеби разводот сте го доживеале трауматично), зошто сте останале без работа (а имате мака како да врзете крај со крај), зошто сте се здебелиле (можеби имате здравствен проблем) и низа други прашања кои едноставно не заслужуваат одговор. Игнорирањето е бесполезно ако одглумите дека ви е сеедно или дека не сте слушнале што ве прашуваат, ако после со денови преџвакувате и мислите на тоа, па сте како поболени цела недела. Ако имате кревка душа и ако си ставате сé при срце, оваа опција пропаѓа. Нездраво е да одглумите дека сте “кул”, ако не сте.
Втората опција е да се избезобразите како нив. За ова нема прирачник и школо, ама доволно е да вратите со иста мерка. На прашањето зошто сте накачиле тежина, ако вратите со “абе време ти е да ставиш малку ботокс, малку си се свлечкал/а во лицето хехехе”, ќе видите како важи правилото “не враќај со иста мерка, оти можат да се навредат”. На прашањето оти сте се развеле, ако кажете дека во 99% од браковите се случува неверство и значајно ја погледнете дотичната особа, ќе видите како и’ се менува личниот опис. Не дека е точно тоа, ама па наместо да го вртите и другиот образ, нека осетат како боли шлаканица. Оваа опција е ок за освестување на другиот, ама е неубава, оти пак ќе речам, ако сте (со)чувствителни ќе ви биде вам неубаво дека сте постапиле како што никогаш не би постапиле во нормална ситуација. Лично, не ја применувам оти после боледувам и го мислам другиот како му е (иако не заслужил). Не ми е решението во тоа јас да си ја поганам устата и душата, дури и кога некој си го бара со боринче.
Останува уште една, за мене лично најприфатлива опција која почнав да ја користам оти најдобро ми лежи на табиетот. Прашувам отворено и многу мирољубиво зошто ги интересира нешто што не е нивна работа или ако е е коментар на социјални мрежи или порака, одговарам со песната “Да си гледаш чергата чупе”. Како ми се има најдено таа песна не можам да ви опишам, просто како универзален одговор на сите безобразлуци. И мирна сум, оти од една страна покажувам дека има граница после која не сум фина, а од друга страна не сум навредила никого. Да ме потсетите да ви ја ставам во коментар откако ќе излезе понеделничкиов муабет, верувајте ми, сигурно ќе ви се најде.
Од прашања кои ги сметам за убави и пристојни, а се поставени кога некој знае дека не сте ок е она иљач-прашање “можам нешто да сторам?”. Во една реченица, од само 4 зборови ќе ја видите целата човечност која треба да се види. И кога ви е најтешко, кога сé ви изгледа безнадежно ова прашање ќе ви даде сила, оти ќе знаете дека некој мисли на вас. Како зеница во окото да си ги чувате луѓето кои знаат да ве прашаат дали можат некако да ви помогнат, без да ве прашуваат непотребни детали. Тие и таквите се богатство кое нема цена. Некогаш, дури и кога знаете дека не може никој да ви помогне и дека ќе мора да истуркате нешто сами, доволно е што ќе почувствувате дека има кој да ви го чува грбот или на кого да се потпрете за да здивнете малку. А верувајте ми, кога сте во длабокото тие ќе направат да го почувствувате тлото под нозе.
Да се заштитите себеси најдобро што знаете и умеете, секогаш. Животот некогаш удира силно и најмалку што ви треба е некој дополнително да ви ја потенцира таа тежина. И секако, не го правете на другите она што не сакате вам да ви го прават. Ете, толку е лесно и едноставно.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има прашања на кои нема одговор
Кои секогаш остануваат во воздухот
Да висат како да се озгора закачени
На невидлива тенка жица
Како тазе спрострени алишта во двор
За побрзо ветрот да ги исуши
Има прашања кои не се поставуваат
Колку и да е човек љубопитен
Или колку и да му е намерата арна
Оти секојпат боли кога ќе се постават
Чунки никој од нас не знае секогаш
Чаре да им најде со одговорот
Има прашања кои треба да се премолчат
Да се подголтнат и голтнат
Оти што и да се каже, џабе е
Ниту леснотија носат на тој кому се поставени
Ниту пак убост даваат на оној
Кој туку така ќе ги истресе од ракавот
Има прашања кои утроба превртуваат
Чиниш сето она што ти ровари во неа
Некој надвор го истура без да си помисли
Оти не ќе можеш да го спастриш во себе
Та сите болки и радости на ачик ќе ти се
Како во излог, како во циркус
Има прашања кои треба да се забранат
Ете токму така
Да им се стави знакот СТОП
За никојпат да не се изустат
Оти човек после нив се поболува
Та и умот и ликот му страдаат
Има прашања кои не смеат да се постават
За здравјето да се сочува
Кои се како лош филм кој не се сопира
Оти далечинското веќе батерии нема
И мораш до крај да го изгледаш
Иако не сакаш, иако не можеш
Има прашања кои не заслужуваат одговор
И на кои треба само глава да се заврти
Како никојпат да не биле ставени на астал
И човек наглув да се стори
За да не му ѕвонат во ушите
И да не му ја јадат снагата
Има прашања кои сами на себе
Никогаш не ги поставуваме
Од страв и од срам
Оти секој одговор е три чекори назад
Колку и да си се мачел напред да тргнеш
И зад себе да ги оставиш
Има прашања кои е најдобро
Неодговорени да останат
За денот да се преживее
За животот да се изживее
Ана Бунтеска