Ние ја ставивме жената на пиедестал, таму каде што од секогаш ѝ било местото: Женски магазин слави пет години заедно со вас

Добивај вести на Viber

Иако за овие 5 години светот драстично се промени, системот на вредности на Женски магазин остана ист: сè уште и постојано бараме и претставуваме вредни луѓе кои својот успех го постигнуваат благодарение на оптимизмот, трудољубивоста, упорноста и сопствената интелигенција!

Но, не се стремевме да ви претставиме само розов свет, туку и животни приказни за сите генерации, нечии надежи, реалноста, погледи кон подобро утре, живот кој го живееме сите заедно, со неверојатна храброст на некои да го раскажат на сите и низ што сè поминале... За да ни дадат поттик, за да посочат и инспирираат...

Славиме 5 години јубилеј на Женски магазин. Можеби првично не бевме сигурни дека ќе стигнеме на самиот врв на читаност во нашата земја, но нашата упорност, желбата, лојалноста кон читателите, визијата која ја имавме, не одведоа таму... Не сме сами на врвот и тоа е добро. И некои други ја делат нашата визија што значи дека заедно на некој начин креираме слични вредности кои ги препознавате.

Ние ја ставивме жената на пиедестал, таму каде што од секогаш ѝ било местото. Жената во сите форми и облици, во сите нејзини животни улоги. Не бегавме од вистината, а вистината најчесто ни ја доловуваа нашите соговорници во безброј интервјуа во кои несебично раскажуваа... Секогаш бевме и сме тука да ги сослушаме и да ви ги пренесеме зборовите во најавтентично светло. Моќта на жената ни овозможи да прикажеме различни гледишта, без разлика дали се модни, стилски, домаќински, семејни, слобода на личен избор...

Женски магазин е жива материја која од ден на ден се менува. Ги следиме светските модни тренови, планетарно популарните ѕвезди, балканските и регионалните ѕвезди. Секојдневно се обидуваме да ви го направиме животот поубав со љубовни приказни, мудри мисли, совети од врвни доктори за вашто здравје, совети за вашите дечиња, за леснотијата на живеењето дури и во време кога сè изгледа безнадежно. И тоа не го правиме само за кликови! Зошто би го правеле кога взаемната љубов, на магазинот и вашата веќе си има свој фундамент кој од ден на ден се надградува. Но, вие бевте тие за целата оваа успешна 5 годишна приказна! Вие кои ни дадовте доверба, кои нè опомнувавте и фалевте, вие со кои заедно создаваме наш простор во кој секојдневно се надополнуваме.

Женски магазин најчесто ја третираше и третира македонската забавна сцена. Негувањето на нашето беше наш примат, а тоа ви го презентиравме на најразлични начини - од следење на концерти, модни ревии, успеси на нашите надвор од овие граници, па сè до искрени исповести во кои некогаш го извлекувавме и невозможното - она најскришно, јавна исповед! Го цениме тоа! Кога некој си ја отвара душата пред сите... 

Го следевме успехот на нашите великани кои испишаа историја, присуствувавме на свадбите и прославите за раѓањето на децата, пишувавме и за разводи, за нови љубови на нашите познати... И уште многу други нешта имавме за овие пет години. Посебно сме горди на некоколку хумантирни акции кои се рализираа со потсретство на Женски магазин, онаму каде што е потребна најголема помош - ние помогнавме и ќе помагаме, се разбира, и со ваша помош.

За сето ова горе напишано за да биде возможно, стои неверојатен тим на новинари кои не само што знаат, туку и умеат. А, денес умешноста е ретка. Функционираме под капата на реномираниот Фактор, кој ги има и порталите Машки магазин и Хаштаг. Секако, не би можеле ни без нашите поранешни и сегашни колумнисти кои со своите изострени видици ви отворија други врати, нашите надворешни соработници кои успеаја да ви доловат парче екслузивност. Продолжуваме и понатаму! Со уште подобро темпо. Тоа ви го ветуваме! И заедно да се радуваме, да бидеме сведоци на историјата, да креираме подобра иднина и содржина!

А, еве што кажаа за нашиот јубилеј македонските познати личности кои најмногу ги имавме изминативе години во нашиот магазин:

Елизабета Ѓоргиевска - прва дама

„Честитки за петгодишниот јубилеј на „Женски магазин“ и посветената работа во третирањето на разновиден спектар на теми кои допираат до интересите на пошироката јавност. Ви посакувам натамошни успеси и уште многу испишани приказни за нашето општество.“

Татјана Стојановска - тв. презентерка

„Во време кога приматот во медиумскиот простор го заземаат интернет порталите и секојдневно се појавуваат нови портали, се губи и квалитетот и веродостојноста на информациите. Женски магазин е еден од неколкуте портали што ги почитува новинарските, етичките норми во информирањето. Редок портал кој бара согласност за користење фотографија и прави интервјуа со почитување на новинарските принципи. Третира теми кои се интересни и корисни, за жените, но и за сите. Убаво освежување кое се појави во интернет просторот пред 5 години, и верувам дека ќе трае и натаму со истиот квалитет и критериум. Затоа би сакала од се срце да им го честитам роденденот на тимот на Женски магазин и да им посакам успех и многу јубилеји. Задоволство е да се соработува со Женски магазин“.

Тамара Тодевска - пејачка 

„Ви благодарам што 5 години активно давате простор на македонската музичка и културна сцена, што знаете да нѐ развеселите, но и едуцирате, со различни натписи и теми. Женски магазин навистина е „свежа крв“ во ова море од Интернет портали и вести. Продолжете така. Од срце Ви го честитам петтиот роденден на целиот тим. Ви посакувам уште многу јубилеи и успешни приказни. Ве сака Тамара.“

Небојша Толески

Честит роденден Женски магазин