Ние сме навикнати со години да кажуваме Македонија, не можеме да кажемe поинаку: Саша Поповиќ ексклузивно за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Ексклузивната можност да погледнеме како изгледа едно снимање на најгледаното регионално музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ го искористивме максимално. Видовме како натпреварувачите се подготвуваат за своите настапи, но и како функционираат членовите од жирито кога камерите се изгасени. По ова искуство, слободно можеме да кажеме дека сите конци во раце ги држи „мозокот“ на ова натпреварување – Александар Саша Поповиќ, поранешниот ко-сопственик, основач и поранешен директор на продукцијата „Гранд“.

Иако е човек кој ретко зборува со новинарите, сепак нѐ удостои и за првпат даде есклузивно интервју за Женски магазин. Со него зборувавме за успехот на натпреварувањето, кои членови од жирото му се омилени, но проговори и за Македонија и за она што постојано им го потенцира на македонските натпреварувачи.

Тој веќе 20 години, поточно од 2003 година, кога започна првата сезона од ова натпреварување, преку аудициите се труди да ги внесе во шоуто најдобрите натпреварувачи како од Србија, така и од целиот регион. Оваа сезона е 16-та по ред, а самиот ни откри како ова натпреварување и денес ја ужива истата популарност, ако не и поголема од првиот ден.

- Јас тоа би го споредил со фудбалот, па би кажал дека Ѕвезда и Партизан и понатаму се најпопуларни клубови во регионот, без разлика дали се први, втори, трети, па така и „Ѕвездите на Гранд“. Тоа е еден бренд, кој од 2003 година, кога ги почнавме првите аудиции, сега сме 2023 година, значи пред 20 години почнавме, е успешен. И кога во првите пет, шест, седум години ќе направите големи успеси, потоа по дифолт самото продолжува и некако гледачите и луѓето се навикнаа на ова натпреварување.“ – ни посочи Саша, а потоа додаде:

- Јас се трудам секогаш да имаме добро и атрактивно жири, да имаме најдобри кандидати од регионот. Едноставно, „Ѕвездите на Гранд“ не е натпреварување на српски, туку на претставници од поранешна Југославија. Имаме кандидати од сите држави и републики од поранешна Југославија и тоа е она што народот сака да го гледа. Се емитуваме на 4 национални телевизии, како во Србија, така и во Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, преку социјалните мрежи и Интернетот и така не гледа целиот свет.“

Уште еден факт што оди во прилог на популарноста на ова натпреварување е тоа што благодарение на него се појавија многу пејачи кои денес имаат многу успешни кариери. Поголемиот дел од нив не беа победници, а поранешниот директор на продукцијата на „Гранд“ смета дека тоа е резултат на тоа како кандидатите ќе ја искористат можноста која ја добиваат по завршувањето на натпреварувањето.

- Во последно време главно победуваат Босанците од причина што Босна најмногу гласа. Тие на тоа гледаат како некој нивен национален престиж, некоја национална победа итн. Победата е само прво полувреме, второто полувреме почнува кога ќе заврши натпреварувањето и кога ќе дојде есен. Ние секогаш на крајот на јуни завршуваме, па потоа доаѓаат новите песни. На пример ја имавме онаа малата Зорана Мицановиќ од сезоната во која победи Махир Мулалиќ, а која не стигна ни до финалето. Денес, таа е најголема ѕвезда од таа сезона, дури и Исак е поголема ѕвезда од Махир. Тоа се некои свежи примери.“

Иако членовите на жирото често се шегуваат со него дека Марија Шерифовиќ му е омилен член, тој сето ова демантираше и посочи дека со сите е добар пријател и дека не може да одвои еден кој му е посебен.

- Мене сите членови на жирито ми се омилени, затоа што јас со нив првенствено сум пријател. Сите нив ги познавам едно 10-15 години, па и повеќе. Ана и Снежана ги познавам 35 години. Босанец го знам од 80-тите. Со Цеца сум долги години пријател, со Вики исто така. Вики ја донесов во продукцијата „Зам“ пред 30 години. Така што, сите ми се омилени, со сите сум голем пријател, сите ги почитувам и сите ме почитуваат мене.“

Минатите месеци на македонската публика ѝ беше оневозможено да го гледа натпреварувањето на македонска национална телевизија. Од 1 јануари наместо на Канал 5, сега се емитува на Сител телевизија, а Поповиќ вели дека тоа е одлука која ја носи United Mediaи дека тој повеќе не се прашува за таквите промени.

- Јас не се прашувам многу околу тоа, од проста причина што јас повеќе не сум сопственик. Значи, сопствениците одлучуваат дали ќе се емитуваме на Канал 5, каде што емитувавме едно седум, осум години или, како што сега се емитуваме на Сител телевизија. Што се однесува лично до мене, мене ми е сосема сеедно, јас имав навистина добри односи со луѓетоод Канал 5, а сега зошто дојде до тоа повеќе да не се емитуваме таму, туку на телевизија  Сител, јас навистина не знам. Значи тоа го знаат луѓето од United Media , најверојатно дошло до некои несогласувања. Не би смеел сега да кажам за што станува збор, но драго ми е што воопшто се емитуваме во Македонија. Македонија е еден пазар кој многу ги сака „Ѕвездите на Гранд“ и навистина имавме прекрасни кандидати од Македонија.“

Дека и самиот е свесен колку македонските натпреварувачи вредат, ни посочи со тоа што  дека ова натпреварување не би било вистинско без нив.

- Секогаш велат „Во Македонија немој да пееш, ниту да играш“. Мислам тоа е една стара изрека, но едноставно Македонците дадоа некој свој печат во ова наше натпреварување и јас мислам дека кога не би имале македонски натреварувачи, едноставно тоа не би било вистинско натпреварување. Гледам дека жирито ги сака Македонците и ние особено сакаме кога ќе дојдат Македонците и ќе пеат на македонски јазик.“ – низ насмевка ни кажа Саша Поповиќ, а потоа ни откри и што им вели постојано на македонските натпреварувачи:

- Секогаш кога зборуваме со нив, јас им велам дека не треба да зборуваат на српски, тие треба да зборуваат на македонски, ние ги разбираме и го сакаме тој јазик и го цениме и почитуваме. Кога ќе дојдат македонски натпреварувачи ние сакаме да пеат на македонски, особено некои песни кои никогаш не сме ги слушнале и кои низ „Ѕвездите на Гранд“ само стануваа популарни. “

На крајот на разговорот, Поповиќ посочи дека уште не знаат како да ја викаат нашата држава – дали Северна Македонија или само Македонија.

- Кога ќе кажеме Македонија ние уште не знаеме дали треба да кажеме Северна Македонија или само Македонија. Ние сме навикнати со години да кажуваме Македонија, не можеме да кажеме пееше Северно-Македонец, туку пееше Македонецот.“

Ивана Мисајловска