Никогаш во животот нема да се плашам да издејствувам и да се борам за правда колку и тоа да е ризично: Адвокат Катерина Котеска Стисниовска за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Катерина Котеска Стисниовска e магистар по казнено право магистриран во областа на семејното насилство, во момент докторант на казнено право. Работи како адвокат 11 години, а во текот на праксата се специјализира за семејно право и семејно насилство.

Таа е жена која поставува нови стандарди и е инспирација за идните генерации. Катерина неодамна го доби предметот за битолската „Јавна соба” во кој жена беше изложена на срам со јавно објавување на интимни фотографии за кои преживеа голгота како предмет на јавен потсмев. 

Катерина Котеска Стисниовска е номинирана за Европска жена за 2024 година која ја избираат Еurope House и меѓународните претставници во земјава .

Адвокатката со која разговараме во интервјуто, е номинирана од страна на Жосе Луис Лозано Гарсиа, Амбасадор на Шпанија.


ЖМ: Каква е моментално состојбата со семејното насилство во Македонија?

Во моментот, од најновите статистики , кои излегоа во месец февруари 2024 година, се бележи зголемен број на пријави на семејно насилство за близу 20 % по однос на 2022 година, кое нешто е голема бројка, која не ја оправдува одбранбениот став на државните институции, кои истото го образложуваат како резултат од кампањите за поголемо пријавување.

ЖМ: Каков е одговорот и поставеноста на институциите во однос на семејното насилство?

- За жал институциите и нивната поставеност не се на нивото на задачите кои ги извршуваат во борбата против семејното насилство. Како пропусти најчесто се јавуваат: синдромот на малата средина и одлучување и процесуирање врз основа на пријателски и роднински врски, а не согласно закон, дејствување согласно „влијателноста и поставеноста на сторителот во општеството, а не согласно закон, двојна, односно секундарна виктимизација на жртвата (осуда, предрасуди, поставување на несоодветни прашање, издавање на интимни детали во јавност и сл.), корупција и трговија со влијание , како и необученост и нестручност на поединци вработени по етнички или партиски клуч, немотивирансот за работа, поради малите плати и пребукираност на институциите, несоодветна распределба на предмети во ЦСР и претрупаност на предмети по судовите, дефицит на судии и јавни обвинители и сл.

Оваа несоодветна поставеност на институциите делува штетно и непотполно при давање на правна помош и на жртвата , но и на сторителот, кој доколку не се третира социолошки и психолошки во најголем број случаеви го повторува насилството.


ЖМ: Има ли пропусти кај институциите во справувањето со семејно насилство?

-Законската регулатива, како и постапувањето на институциите бележи големи пропусти, па така постои дефицит на законски норми за постапување со сторителот по изрекување на мерките ( не се упатува на психолошко советување и одвикнување од зависности, а доколку е отстранет од домот не постои законско решение кај ќе биде сместен додека траат мерките , ако нема друго живеалиште ) до недоволна претпазливост при заштита на жртвата со засилен полициски надзор и патролирање пред домот на жртвата , носење на жртвата на безбедна локација, искористување на сигурните куќи и центрите з аитно постапување,а исто така и подобрување н аусловите во сигурните куќи и ставање на поголема достапност на жртвите.

ЖМ: Кажете ни од вашето искуство, низ какви правни лавиринти поминуваат жртвите на семејно насилство и, во таа смисла, потребно ли е да се направат соодветни промени во постапките пред институциите?

-Најголем проблем за жртвите е долготрајната судска постапка до конечна разрешница. Судовите во состојба на дефицит на судечки судии постапките , кои се итни ги водат поспоро, а кривичните постапки во кои треба да одговара сторителот за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство се спори и траат по неколку години . Казните за сторените кривични дела се благи и секогаш скоро се завршуваат со условна осуда, која често се прекршува и се повторува делото, но иако веќе еднаш има изречено условна осуда, судот повторно изрекува условна осуда, без да се користат придобивките од Законот за пробација, каде што казната на сторителот ќе му се изрече за да се подобри неговата состојба, односно да се задолжи на вработување,доколку константно е невработен, да се задолжи да се лечи од зависности, како и да посетува психолошки советувалишта и да се инкорпорира повторно во општеството.


ЖМ: Сме слушнале за многу жени кои дека имаат ужасни искуства во институциите...Колкумина се охрабруваат да прозборат за ова? 

- Пред извесно време неколку жртви на семејното насилство проговорија јавно за своите проблеми и главно се пожалија на институциите. Жртвата има големо чувство на страв и поради тоа е жртва, па често се плаши по својата безбедност и безбедноста на своите деца и семејство заради тоа не се појавува јавно. Тука секако и фактор  на влијание е и осудата од малограѓанската средина и стигматизација.

ЖМ: Што вели законот за заштита на жртви од семејно насилство, а како е во пракса кај нас?

- Законот за спречување и заштита на насилство врз жената и семејното насилство во пракса многу малку се применува како што е наведено. Најчесто се препишуваат мерките од предлозите на ЦСР во постапките за заштита од семејно насилство. Судот многу малку и селективно од суд до суд и од судија до судија изрекува мерки , кои навистина се потребни за превенција и заштита од семејно насилство,а судовите многу често изрекуваат мерки само и единствено кога се работи за физичко насилство со повреди и сл.додека за психичкото насилство многу малку се посветува внимание.Измените за КЗ со воведување на Кривичното дело „Демнење“ скоро и да не с еприменува во пракса, бидејќи се бара да се повторуваат дејствијата на демнење во подолг временски период , кое нешто не е безбедно за жртвата,а најлошо нешто што го прават институциите,па и судот што во постапките за изрекување на мерките за заштита од семејно насилство и кривичните постапки за дела сторени при вршење на семејно насилство се обидуваат да ги помират жртвата и насилникот , кое нештое е забрането согласно Истанбулската конвенција.


ЖМ: Како изгледа излезот од насилството? Дали разводот и законското регулирање на родителските права навистина ставаат крај на тортурата... или тоа е само почеток на борбата за нормален живот?

- Заминувањето од токсичната средина со семејно насилство претставува прв чекор за спас на жртвата, но доколку е во брак што е најчест случај, почнува голготата на самохраните мајки и родители воопшто.

-Преку социјалните мрежи често добивате прашања, барања за помош, совети на кои со задоволство се одзивате...Можете ли да ни откриете какви се проблеми кријат жените, со што се се соочуваат, за што им е страв да зборуваат?

-Жената како послабата карика во општеството се соочува со многу големи проблеми за материјална и финансиска самостојност. Еден од најголемите проблеми е традиционалното убедување дека на женските деца не треба да им следува имот од оставината на своите родители, туку се треба да остане на машките потомци. Стигмата на општеството дека жената треба да биде домаќинка и мајка и да нема кариера со која добро ќе заработува, а и кога ќе дојде на позиција да работи заедно со маж колега , тогаш постои многу често разлика во плаќањата, опструкциите во напредувањето на жената во својата професија поради мајчинство и сл.

Секојдневно на социјалните мрежи и на телефон ме бараат жени кои бараат помош, најмногу при донесувањето на одлуката за развод, постапката, како и заштита од семејното насилство.

ЖМ: Колку мислите дека има потребата од државен фонд за наплата на ненаплатлива алиментација и зошто?

-Она што во денешно време на емиграција во странските држави поради барање на работни ангажмани , кои ќе донесат поголема заработувачка и заминување на работа со европски пасоши од некој од соседните земји кои се членки на ЕУ создава армија на ненанплатени алиментации, кои нема никаква можност да се наплатат. Согласно ова, а и поради определени индивидуи кои не сакаат да се вработат на пазарот на труд , туку работат „на црно“ за да го избегнат извршувањето на алиментациите од извршител, доведува многу мајки со деца на работ на егзистенција. Постои потреба од државен фонд за исплата на издршка за малолетни деца или алиментација бидејќи такво искуство од соседните земји во регионот се покажа како многу продуктивно.

ЖМ: Издвојте ни некој случај кој сте го добиле, а за кој ви е многу драго?

-Од случаевите кои добиле позитивна разрешница сите ми се драги , кога мојата странка ќе ја добие правдата и ќе си ги оствари правата , но најмногу позитивни коментари доби добиениот случај, кој јавноста го именуваше како „Битолска јавна соба“ каде што интимни фотографии од една жена беа јавно објавени по социјалните мрежи, а по водењето на таа постапка, сторителот беше огласен за виновен и казнет. Судот имаше сенс за обележјата на делото и општото добро кое се заштитува, а тоа е довербата при општење на социјалните мрежи ,к ои се неизбежен сегмент од нашето секојдневие.

ЖМ: Што за вас значи успешна жена ? А, што силна жена?

-За мене успешна жена е таа, која сама ќе си ги оствари соништата, која ќе работи и заработува и ќе има финсиска и материјална независност и која во партнерските односи ќе влегува поради меѓусебно поклопување со партнерот, а не од материјална или општествена корист.


ЖМ: Велите за успехот на една жена е потребно многу труд и посветеност , не богато мажење. Како би им го објасниле Вие ова на жените?

- За успехот на една жена е потребно усовршување на нејзиното образование или усовршување на некоја вештина , со кое ќе може да си обезбедува егзистенција за себе и своите деца. „Богатото мажење“ е со краток рок на траење, а убавината е минлива, па доколку една жена „игра на таа карта“ во своите 40 ти години , кога ќе и биде потребна финансиска независност ќе се најде отфрлена поради стапување во зрели години во кои не е веќе млада и атрактивна.

За секој успех во животот е потребна голема посветеност и труд. Доколку на сето тоа се додаде и љубовта кон професијата, успехот не изостанува. Позади мене стојат многу години со занимавање со правото, па поминувајќи ги зите фази од мојата професија , како адвокатски приправник, па правен советник и најпосле адвокат „ добро се пече занаетот“ кога еден човек поминува низ сите фази и сфаќа дека со труд и напор секој од нас се искачува по скалите на успехот и само тој начин на искачување може да не задржи на врвот, затоа што брзото качување кон врвот со прескокнување на фази на калење на еден професионалец доведува до состојба и на брз пад.

ЖМ: Што вас ве мотивира во животот, како изгледа еден ваш ден, со кој го пиете првото кафе најчесто, кои се вашите дневни планови и обврски, како ви завршува денот, и со која мисла легнувате ?

Моето време во последните години е се пократко. За жал поради мојата професионална ангажираност треба да направам многу приватни жртви , па се помалку имам време за активности кои ги прават сите жени во слободното време, кое нешто од една страна и многу ми недостига.


Моето слободно време целосно е посветено на моите деца и мојот сопруг, така што за викенд ги примам само итните случаеви и се трудам да бидам со децата и сопругот, а првото утринско кафе ми е најубаво кога наутро имам малку повеќе време и го пијам сама во тишна или со сопругот со кој правиме планови за течението на денот. Навечер легнувам со преслушување на обврските за утрешниот ден и со чувство на задоволство бидејќи сум успеала да издејствувам правда за обесправените и жртвите , кое нешто понекогаш воопшто не е лесно и многу е стресно. Сепак , во животот не ме плашело никогаш, а нема да ме плаши ни во иднина да издејствувам правда и да се борам за правда колку и тоа да е ризично.


Ирена Ристовска Ставрова