Ништо не е онака како што изгледа
И мене ме фати вирусот. Не знам што ќе беше
ова, ама како што овојпат сум се разболела, не паметам од кога вака “лајносано” не
сум се осеќала (да ми простите на речникот, ама само зборов ја покажува
реалната слика на ситуацијата во која бев). После можеби 20 години (ако не и
повеќе) ми се случи да качам температура со над 39 степени, пропратена со такви
болки во коски и мускули што мислев дека ќе се распаднам и слабост која беше со
препотување дур стасам до тоалет. На страна тоа дека и ќерка ми беше во истата
состојба, ама младост си е младост. Значи, куќава беше мини болница со лекови
на сите страни и една атмосфера која би ја опишала накратко ФУЈ. Нејсе, ковид
тестовите излегоа негативни, брис од нос и грло исто негативни, иако ни кажаа
дека и ковидов толку измутирал со вирусиве кои ги има, што тестовите не го ни
детектираат. И додека Нина си помина 3 дена со температура 38 и две повраќања,
јас бев крш. На секои 4 часа пиев парацетамол и блок макс, се мачкав со некои
си масти за мускули и коски оти ми се чинеше дека коскиве ми стануваат како од
гума и имав толку витамин Ц испиено, што ме фати и желудникот.
И нормално, бидејќи ништо не трае вечно без разлика дали е арно или лошо, така и ова. Полека, полека застанувам на нозе. Уште си ги осеќам последиците, поткашлувам, немам сила и енергија, ама е неспоредливо поарно од што беше. Од битни работи, жива ќе се изедам што ги пропуштив изложбите на Шулајковски и Јаневски, како и промоцијата на Русјаков (едвај чекам да ја држам книгата в раце). И кога конечно малку од малку подизвадив нос на сонцето, се среќавам со една познаничка и кога сфатив дека амбициозно и со залет тргнува накај мене за да ме гушне, одма ја сопирам “Абе не ме гушкај, виросана бев и не знам дали сум заразна, да не однесеш нешто дома кај децата”.
Има моменти кога штом изустам нешто, ми иде да си го одгризам јазикот. Кој ѓаол ме тераше да се објаснувам! Добив еден проникнувачки поглед ко рентген да ми прави, крената веѓа и констатација дека не изгледам како болна.
Да се разбереме, отсекогаш сум била бледа и со подочњаци. Не можам да се пофалам со румени образи и со таа ведрина која е типична за луѓе кои не се меланхолични. Ама констатацијава дека не изгледам како болна ми дојде ем тажна, ем смешна. Требаше да лазам на земја или да земам помагало за одење? Требаше да почнам да буфтам со кашлицава? Не знам како тоа изгледа болен човек, а како здрав оти некогаш баш и нема правила. Татко ми кога му открија канцер, изгледаше како милион долари. После хемото, кога веќе и ракот не постоеше изгледаше ужасно додека не си дојде на себе. Секој од нас различно манифестира било што на различен начин. Ама на некој кој ти кажува дека е болен да му отпишеш и болест и тоа дека не се чувствува добро, оти не изгледа ко да е пред умирачка е сулудо. Набрзина склопивме 2-3 реченици со познаничкава (уште бев под поглед-скен) и си заминавме секоја на своја страна.
Знаете дека 5 пари не давам за тоа кој како ме доживува, впрочем оперирана сум одамна од болката која ја носат острите јазици кои секогаш имаат тенденција да потфатат некого. Не давам 5 пари за туѓото мислење, ниту дали утре ќе ме прераскажува како “си измислувам нешто, а баш добро сум изгледала”. Она што ме замисли отпосле беше следното.
Колку често носиме погрешни заклучоци базирани на површност?
Зарем не научивме досега дека никогаш ништо не е онака како што изгледа на прв поглед?
Најголемите болки и трагедии некогаш се кријат зад најведрите лица или лицата кои изгледаат беспрекорно нашминкани. Знам дека често ми велеле оти што и да се случува треба да сум однадвор како да го минувам најубавиот период од мојот живот. Лично, никогаш не ми успевало или и да ми успеало, било на краток рок. Мене ми се познава на ликот и кога сум тажна, депресивна, еуфорична, среќна, замислена, загрижена, уплашена. Колку и да се кезам и колку и шминка да имам на себе, не успевам да скријам дека нешто ме мачи. Некојпат им се восхитувам на оние кои можат да ги сокријат сите падови и слабости. Некојпат си велам чуму тој напор да скријам нешто што ме глода однатре? Демек некој ќе видел? Па што! Нека видат и нека знаат луѓето дека не се сами кога патат. Можеби и ако престанеме да се преправаме дека нам ни е се’ како подмачкано, ќе поработиме повеќе и на емпатијата.
Порано не приметував многу работи. Бев затворена во мојот свет, дивтар, човек кој не обрнуваше внимание на светот надвор од мојот, оној внатрешниот. Сега е веќе друга приказна. Како стареам, како созревам станувам се’ повеќе и повеќе емпатична. Можете да сте најдотерани, најнашминкани, најнасмеани...ќе ве прочитам дали нешто ви фали или не. По очите ќе ве прочитам дали се преправате оти и вие сте биле клукани со тоа дека “никој не смее да знае како ви е” или сте навистина спокојни и среќни. И повеќе не носам лесни констатации за ничија психолошка состојба, оти не само што е погрешно туку и не е фер.
Сум присуствувала на муабети од кои ми се приповраќало со каква ноншалантност се носени заклучоци за некого “Абе плива во пари, ништо не и’ фали”, “на таква благосостојба, само е размазен” и уште еден куп вака од ракав извадени реченици. Парата може да купи време и сеанси за на психолог или психијатар, сами по себе парите не носат среќа. Или она дека сакам да сум богата и несреќна? Оној што го кажува ова никојпат не почувствувал депресија и нема врска што зборува. Оти ништо, ама баш ништо не е онака како што се чини на прв поглед.
Имав пријателка која одамна не живее тука, која живееше во таква благосостојба и луксуз што за нас беше (и уште е) незамислив. Имав пријателка која среќа што се отсели одовде за да си ја најде смислата на своето постоење надвор, оти овде сите ја третираа дека е само разгалена. Мојата прјателка уште има лузни на зглобовите на рацете, оти парата не ја дефинираше и не ја усреќуваше. Мојата пријателка е само дел од сите оние за кои имаме погрешна слика, оти сме ги гледале само површно и без да се внесеме внатре.
Следен пат кога ќе сакате да искоментирате за некого дека му е лесно, дека само си бара проблеми кои ги нема....нека ви текне дека некој и за вас истото го вели. И дека го велел кога сте биле тажни, кога сте се разделувале или разведувале, кога сте се соочувале со неизлечива болест или кога сте имале најболен период во животот.
Да сте ми живи и здрави и памтете....никогаш, ама баш никогаш не е се’ онака како што се чини на прв поглед. Затоа, удостоете ги луѓето со повеќе погледи и внимание, којзнае, можеби и ќе помогнете некому.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да можеш без многу зборој
Низ чоек да гледаш
Да му видиш каде облак сонцето му го скрил
И маката кај му е
Дал душата му тежи од јадови
Ко алишта во врела вода накиснати
Та полојната да те заболи дур ги кренеш
Или срцето му е од љубовна болка нагризано
Ко капутон што виси онде
Дополу од молци изеден
Оти ова лето си заборајла нафталин в плакарот
да ставиш
Да може чоек со чоек да се види
Без да се ломоти со часој
Без првите неколку да минат во глума оти убај сме
Та после да ни се отвора маката пред другиот
Ко цвеќе на пролет што под сонцето се отвора
Та ко ќе видиш
Едночудо време туку така ошло
Оти гордоста не ни дала да сме она што сме
Ех
Да може чоек така своето да си го препознае
Љубовта да си ја види уште од далеку
Да не му врват годините залудно
И времето да не си го троши на љубов-нељубов
Ете така
Да може да препознае уште првите деној
Оти треба да си замине од некој
И во тишина да се завитка
Како ларва во кожурецот
И да чека
Да почека дур не дојди точно вистинскиот миг
За да летне од ларва-пеперутка
Така и чоек ко од зимски сон да се разбуди
И по години самотија друшката да си ја најде
Та да блесне ко сонце во вода
Абе да блесне чиниш од Господа допрен е
И да се стори убав во ликот
Да му се насмеат очите
А во брчките
Во браздите кај усните цветој да му никнат
И спокој во душата да му се всели
Да му разграни ко круна на дрво
И да се наполни со плодој кои ќе стежнат од убост
Ама да може ете без многу зборој
И без многу болка
Чоек умен да е
Или барем некој да му шепне дека среќен ќе е
За да му дај сила и крилја да летне
И сон за кој преку ден ќе сонува
Ех, така да можеше
Да можеше ете и мене некој некако да ми каже
Та да знаев тој ден дома да си гувеев
Да седнев пусто погача да замесев
Или да научев како се сукаат кори
Ама пусто така не одело
Оти тоа што чкртнато ни е не можеш да го рипнеш
Оти вир сред пат не е
Ниту да го скокнеш можеш
Оти камен сред нива не е
Та ко дете да се затрчаш за да летнеш преку него
И затоа вака ќе се помачиме
И ќе се сопнуваме
Колената да ни крвават, ама не премногу
Срцата да ни се стегаат, ама не премногу
И душата да нѐ боли, ама само премногу да не е
И што и да е
За арно да биде
За арно на сите да ни е