Нов случај на повторена инфекција со КОВИД-19: Второто заболување било потешко
Американските лекари пријавиле повторена инфекција со новиот коронавирус во воената болница во Вирџинија, објави Ројтерс.
Повторно инфициран е млад човек од болничкиот персонал. За прв пат се разболел во март и се заразил од пациент. Закрепнал за 10 дена и се вратил на работа „во одлична здравствена состојба“, пренесува БТА.
Вториот пат тој се заразил од личност во семејството по 51 ден од лекувањето. Генетското тестирање покажува дека првиот и вториот пат тој се заразил со малку поинакви соеви на вирусот. Второто заболување било потешко или затоа што вирусот бил посилен или затоа што контактот во семејството предизвикал поголем вирусен товар.
Исто така е можно антителата од првото заболување да предизвикале посилна реакција на имунолошкиот систем. Случаите на повторна инфекција со новиот коронавирус сè уште се ретки, но како и со други вируси, тие се можни, изјави Кристијан Андерсон, професор по имунологија и микробиологија на Институтот Скрипс. "Не знаеме каква е зачестеноста на повторната инфекција со новиот коронавирус и како таа може да се менува со текот на времето. Без понатамошно истражување, не можеме да заклучиме што значи единствениот случај на реинфекција за времетраењето и јачината на имунитетот кај Ковид-19 и неговото значење за идни вакцини ".
Можеби ќе ве интересира: