Новинарката Билјана Крнческа открива како изгубила 47 килограми: Се чувствувам како препородена

Добивај вести на Viber

Живееме во многу површно време во кое, формата и амбалажата често одлучуваат или се пресудни за одредени шанси кои може да ги добиете или изгубите. Колку сурово да звучи, реалноста е таа, па луѓето со вишок килограми што не се по „јус“ како што некогаш се нарекуваа просечните стандарни димензии, се изложени на осуда, потсмев, па и дискриминирани во многу ситуации.

Ова е размислувањето на новинарката Билјана Крнческа, кое судејќи според нејзиното искуство е соема релевантно.

- Иако таквиот однос силно фрустрира, сепак на крајот изборот е да се прилагодите на останатите, односно да најдете метод или начин за да влезете во форма и да сте им прифатливи на сите околу вас, па и на сопственото его. Што се однесува до мене, од кога знам за себе имав добар апетит и некако хедонистички уживам во сѐ што е убаво. Воедно сум и голем естета, креатор по образование и вага во хороскоп, па ми се косеше уживањето во храната со изборот на гардероба и можностите да се облечам како што сакам. – вели Крнческа, која влегувањето во пубертет ја соочил со предизвикот наречен диети.

- Од тогаш, па сѐ до менопаузата се занимавав со таканаречените режими на исхрана, кои наизменично ме правеа среќна, па несреќна, затоа што со некои успевав да ја постигнам целта и рапидно да ослабам, а потоа се случуваше да ги вратам килограмите и сета мака и труд да пропаднат. Тоа се Сизифовски маки, кои ги знаат сите луѓе што се борат со апетитот и килограмите. Нема што не пробав, од прославени диети до средства и чаеви за слабеење. Купував и справи и магнети, бев своевремено и во школа за слабеење на Златибор, потоа на акупунктура во Белград, уште кога се појави како метода за регулација на апетитот. Користев шејкови, ја пробав и липосукциската исхрана, но најмногу ефект постигнав со таканаречената месна диета, односно со примената на протеинската диета, која подразбира апсолутно исфрлање на јагленохидратите и внес само на протеини. Со неа ослабев 35 килограми и успешно ги одржував цели 18 години, сѐ до мојот работен ангажман во Општина Прилеп, каде го сменив потполно начинот на живот. А со добивањето на отказот после тригодишниот ангажман како портпарол, што ми го сервира тогашниот градоначалник Ристески, ја зафркнав и штитната жлезда, па добив Хашимото синдром, кој направи тектонски пореметувања во мојот метаболизам. - открива таа.

Стресот ѝ предизвикал и релативно рана менопауза, па се соочила со хормонален дисбаланс, така што повеќе ни диетите не помагале. Почнала нагло да добива во тежина, а сите обиди со диетална прехрана завршувале неуспешно.

- Дека нешто се случува со мене, почнаа да забележуваат и другите, па со чудење ме прашуваа зошто не ја применам истата диета што некогаш ме ослабе, но за жал ни таа диета повеќе не даваше кај мене резултат, така што кулминацијата ја постигнав за време на Короната, кога стигнав до троцифрениот број 100. Тоа беше алармот кој ме разбуди и ме натера да барам друго решение и начин за справување со килограмите. Во разговорот со мојата лекарка Даниела, на која ѝ се пожалив дека се мачам со диети, а немам резултати, добив одговор дека ми е висок тироксинот, кој тотално го успорил метаболизмот, па ми спомна дека во такви ситуации најдобри резултати се постигнуваат со порадикална метода, како што е операција на желудникот. Иако за ваквите операции знаев, сепак бев свесна дека се ризични и дека кај нас не ги прават, па почнав да истражувам, следам и контактирам луѓе кои ги направија. Од она што го видов се окуражив и започнав да се интересирам за клиниките во Турција кои нудат комплетен престој, операција и пост оперативно следење на лицата што се оперираат таму. – појаснува Крнческа.

- Сосема случано преку Тик-Ток ми се појави српската тв водителка Нена Сокиќ, која од аеродромот во Белград се пофали дека лета за Турција, каде ќе прави гастритична операција на желудникот и дека целиот процес ќе го снима. Почнав да ја следам, стапив во контакт со неа и таа најљубезно ме упати во една клиниката, односно на тогашната нивна координаторка Ирма Катипоглу, од која добив смерници за операцијата, цената, престојот и пост оперативниот третман. Иако најголем предизвик ми претставуваа парите за операцијата, кои за мојот стандард како невработена беа висока сума, сепак се изненадив кога се фатив дека уплашено размислувам за можните ризици од самата операција, која не е ни малку наивна. Желбата да се победат килограмите беше посилна од стравот и на крај се одважив да летнам за Турција и да поентирам. Парите ги обезбедив благодарение на моето семејство, пред сѐ на ќерката, ме придружуваше моја драга пријателка, која со еден збор се нафати да биде покрај мене сите шест дена додека престојуваме во Турција. – вели Билјана.

Имала фантастично искуство со турската клиника. Била воодушевена од тамошниот третман и брзиот начин на функционирање со максимално избегнати ризици по здравје.

- Операцијата е лапараскопска, опоравувањето оди многу брзо. Во болницата ве задржуваат три до четири дена, потоа ве префрлаат во хотел и следните денови сте таму, каде што имате обука од нутриционисти, кои ве советуваат за начинот на исхрана што ќе го применувате во периодот што следи. Се започнува со течна храна, сѐ до постепеното прилагодување на нормалното џвакање на храната. Турците се многу стручни во областа на медицинскиот туризам и апсолутно го имаат приматот, така што со полно срце би ги препорачала. Тие буквално водат грижа за сѐ. Од самите прегледи пред операција, до комплетната пост оперативна нега, во која спаѓаат и клексан инекциите и лековите, но и комплетната медицинска суплементација, како и шејковите, кои во прво време мора да ги пиете. Со еден збор, тоа е добро осмислен систем кој помага пред сѐ на многу луѓе да стават крај на агонијата наречена дебелина, а воедно ѝ носи на Турција голем прилив на пари. – открива Крнческа.

По операцијата се чувствувала како препородена и за прв пат тогаш сфатила како им е на оние што немаат апетит и не им се јаде, што индиферентно се однесуваат кон храната и не се мачат со диети.

- Едноставно не патите по храна, со многу мала количина сте сити, имате енергија, се движите, полетни сте и брзо слабеете, па на вашата среќа ѝ нема крај. И сѐ тоа е идеално доколку не би постоела можност за повторно да се здебелите. За жал, тоа е можно доколку се вратите на старите лоши навики кои подразбираат, додека се јаде и се пие, да се консумираат шеќери и теста или да не се практикуваат спортски активности. Со еден збор, операцијата е голема помош за враќање на здравиот начин на живот, што ќе мора да го применувате дисциплинирано доживотно, за да не дојдете повторно во ситуација да се соочувате со старите проблеми кои ги носи тежината, а влијаат на општата здравствена ситуација. Од мојата операција поминаа скоро две години и засега сум многу задоволна од постигнатите резултати. Ослабев 47 килограми и за прв пат ја видов на вагата бројката пет. Неверојатно беше чувството да се видите од 100, со 53 килограми. Намерно се трудев да влезам во минус фаза, затоа што со текот на времето знаев дека ќе се врати некој килограм, па целта ми беше да стагнирам на некоја понормална телесна тежина. Сега имам 58 - 59 килограми и пресреќна сум што од величина ХЛ носам М, а некогаш и С гардероба. Оваа операција ме препороди и ми донесе многу бенефити. Благодарна сум на Бога што го имав ова искуство во мојот живот. Добив шанса за поправен и драго ми е што ја искористив. – заклучува Билјана.

Соња Алексоска Неделковска