Новинарката Мирјана Василева за починатата актерка Костадинка Велковска, која живееше и работеше во Хрватска: Кога се распаѓаше Југославија го ризикуваше животот да ги спаси нашите војници
Колегите и пријателите од Хрватска, Словенија и Македонија се простуваат на социјалните мрежи од Костадинка Велковска (76), која почина вчера од последици на мозочен удар. Актерката и пејачката ја опишуваат како прекрасна жена, хумана личност и голем борец.
Родена е во Скопје, во населбата Чаир и потекнува од имотна фамилија. Живееше во Загреб од 1968 година, кога дошла на студии по актерство. Зад себе има четири брака и еден син.
Нејзините роднини од Скопје ни изјавија дека најголема желба и било да одржи уште еден концерт со македонски песни. Никогаш не ја заборавила Македонија, нејзиното Скопје, а секој разговор со нив завршувал со истата реченица: „Поздравете ми го Чаир“.
Името на Костадинка Велковска беше препознатливо во театарската уметност во Хрватска, 40 години.
Зад себе остави безброј телевизиски и филмски улоги. Беше дел од актерскиот тим на сериите „На граница“ „Забранета љубов“, „Битанги и пронцези“, „Томе од бензинската пумпа“, „Хитна 94“. Глумеше во филмовите „ Јазол“, „Духот на Баба Илонка“, „Златни години“, „Почивај во мир“...
Во Македонија гостуваше во Драмски театар во 2018 година со преставата „ Светица на темнината“, каде го толкуваше ликот на Мајка Тереза..
- Беше полна со живот и енергија. Беше многу почитувана и цената во Загреб. Ќе бидам присутен на нејзиното последно испраќање, во име на македонската амбасада во Загреб – ни изјави Милаим Фетаи, македонскиот амбасадор во Хрватска.
Новинарката Мирјана Василева која долг период беше дописник на македонската телевизија од Хрватска ја опишува како промотор на македонската песна , шансониер, активиста.
-Кога се распаѓаше поранешната југословенска држава Костадинка беше една меѓу оснивачите на првото Македонското -Хрватско друштво во 90- те години, а нејзиниот дом , беше и прифатилиште за многу војничиња на тогашната ЈНА. Постојано на фиксниот телофон и се јавуваа познати и непознати мајки чиишто деца беа на боиштата во Хрватска.Таа наоѓаше контакти и заедно со останатите Македонки и Црвениот Крст ги испраќаше дома, а влегуваше и во многу незгодни состојби. Во касарната во Мала Дуба, замина со нејзиниот автомобил и успеа со тогашните старешини , не само да го спаси својот родинина, туку и неговите другарчиња. За сити овие настани се говори и документарниот филм „Македонскиот допринос во војната во Хрватска“, за кој го напишав сценариото во организација и покровителство на Националниот совет на македонското национално малцинство на град Загреб – вели Василева и дополнува дека Костадинка секогаш била горда на своите македонски корени и никогаш не го заборави своето потекло.
- Секогаш ја негуваше својата врска со македонската заедница.Нејзината приврзаност и поддршка кон Македонија и македонската култура беа видливи и низ учеството во културните настани, хуманитарни акции и промоција на македонската култура и уметност. Нејзиното присуство и ангажман во Заедницата на Македонците во Република Хрватска беа инспирација за многумина кои ја зацврстија врската меѓу неа и нејзините сонародници.Нејзиното срце секогаш чукаше за Македонија, а со својот пример покажа на важноста за зачувување на идентитетот и културното наследство. Низ својата работа и ангажман, остави траен белег не само во Хрватска, туку и меѓу Македонците ширум светот.Нека нејзината љубов кон Македонија и нејзината преданост на актерството служат како пример на сите да ги ценат своите корени и да придонесуваат на заедницата на начин кој ќе остави позитивно и трајно внимание.
Костадинка Велковска ќе остане во срцата на своите Македонци како вистинска амбасадорка на македонската култура и горда претставничка на својата земја.Нејзиниот пример да поттикнува активизам и грижа за другите, покажуваше дека уметниците имаат силно влијание. Исто така, промовираше позитивни промени во општеството.Костадинка ќе остане запамтена како актерска икона која живееше за уметноста и својата земја, оставајќи зад себе наследство со кое се гордеат нејзините Македонци и театарскиот свет – дополнува новинарката.
С.А.Н