НОВИОТ ДИРЕКТОР НА ФЕСТИВАЛОТ ВЛАДИМИР ДОЈЧИНОВСКИ НАЈАВИ ПРОМЕНИ: На Макфест ќе се пее само на македонски

Добивај вести на Viber

Промени на фестивалот ќе има секако, пред сѐ во начинот на гласање, а исто така ако се примат композиции и изведувачи од надвор, композициите ќе ги изведуваат на македонски јазик, изјави Дојчиновски

На фестивалот „Макфест“, кој годинава ќе се одржи во првата половина од октомври, ќе се пее исклучиво на македонски јазик, ни изјави новоизбраниот уметнички директор на фестивалот, познатиот музичар, автор и аранжер Владимир Дојчиновски- Дојчин.

Ќе направам се, „Макфест“ да го задржи реномето.- новиот уметнички директор Владимир Дојчиновски со штипскиот градоначалник Благој Бочварски

„Промени на фестивалот ќе има секако, пред сѐ во начинот на гласање, а исто така ако се примат композиции и изведувачи од надвор, композициите ќе ги изведуваат на македонски јазик. Тоа значи дека фестивалот останува интернационален, но без разлика од каде е изведувачот и авторскиот тим, ќе се пее на македонски“, изјави Дојчиновски за Женски магазин. Тој додаде дека за него новата титула значи пред сѐ одговорност, па потоа чест.

Дојчин е избран за нов уметнички директор на музичкиот фестивал минатата недела, откако потпиша договор со градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски. На прес конференцијата, тој изјави дека ќе направи се „Макфест“ да си го задржи реномето. Новиот директор им се заблагодари на сите претходните уметнички директори, и изјави дека без оглед дали фестивалот бил во јуни или во октомври, тие направиле многу за него. „Јас сум дел од Макфест од далечната 1998 година, а неколку пати ја добивав и првата награда без оглед на тоа дали сум аранжер или автор на музиката“, рече Дојчиновски.

Првата победничка на „Макфест“ во 1976 е словенечката поп и оперска пејачка Хелена Благне со песната „Кога те нема“. Благне беше гостинка во ревијалниот дел на прекланскиот „Макфест“


Од лани, „Макфест“ е повторно вратен во стариот, октомвриски термин, на барање на штипјани. Претходните раководства добија критики што фестивалот во изминатите неколку години се одржува во јуни. Според традицијата, макфестовскиот термин се врзува и со познатите штипски пастрмајлии, кои според старите штипјани се јадат само во месеците кои во нив ја содржат буквата Р.

„Макфест“ е традиција која трае од 1976 година. Првата победничка е словенечката поп и оперска пејачка Хелена Благне со песната „Кога те нема“. Благне беше гостинка во ревијалниот дел на прекланскиот „Макфест“. Лански победници се штипјанецот Зоран Илиев во дует со српската пејачка Анабела Атијас.


Победничката песна годинава ќе добие 5.000 евра, второпласираната 3.000, а онаа која ќе освои трето место 1.000 евра.

М.Џаровска