Новогодишен портрет, Росана Сариќ Тодоровска: Најмногу се радував ако добиев подарок ист како на Маријана
Најубавиот миг од 20023 година ми е...секој момент поминат со моето семејство во добро здравје.
Најмногу ме инспирираше... хуманоста, која иако е ретка, сепак сеуште постои и го разубавува ова време- невреме во кое живееме.
Најтешко ми беше...влошувањето на здравствената состојба на мојот татко и кога Маријана се врати во Австралија после краткиот престој тука.
Случки од годината што минува, а нема да ги заборавам се... некако годинава ја одбележаа многу немили настани во светот на коишто човек не може да остане имун. Сепак јас одбирам да ги паметам убавите, како што беа настапите со Александар и Дац, за коишто се бараше место повеќе и кадешто повторно пеев во еден глас со мојата верна публика.
Дочекот на Нова година година како дете...беше скромен, во кругот на семејството. Но, затоа пак таквите моменти ми се длабоко врежани во срцето. Можеби не ги паметам подароците што сум ги добивала, но ја паметам среќата заедно со мајка ми, татко ми, сестра ми и брат ми.
Најмногу се радував ако добиев подарок...ист како на Маријана.
Верував во Дедо Мраз... верував како дете, а сакам да верувам и сега, зошто да не? Уживам во идејата да подаруваш и усреќуваш некого без да бараш и чекаш нешто за возврат.
Сега под елката подароци добиваат моите внуци... Најчесто им купувам пакетчиња кои сама ги аранжирам со нивните омилени закуски и слатки, по некоја играчка и сликовница или книга.
Улогата на баба ја доживувам како ...најубавото нешто на светот. Несомнено дека децата си ги сакаме неизмерно, ама љубовта кон внуците е нешто навистина посебно.
Нова година ќе ја дочекам ...традиционално со мојот Трупче, во домашна атмосфера, со некоја музичка емисија во позадина дур си мезиме руска, кифлички, пифтија и вкусно вино.
Новогодишна ноќ која никогаш нема да ја заборавам ... долги години настапував за дочеците на Нова година и никогаш нема да ги заборавам. Тоа не беше само моја работа и обврска, беше и забава, дружење, многу насмевки, искрени пријателства и многу повеќе од само професионален настап.
Моите планови за 2024 се... не сум човек што прави многу планови на долг рок. Сакам да уживам во моментот, а и не сакам да се нервирам ако нешто не излезе како што сум планирала. Да сме живи и здрави, сѐ друго е лесно по тоа.
Желбата која сакам да ми се оствари е пред сѐ добро здравје за мене и моите најблиски и да се врати емпатијата кај луѓето, за на идните генерации да им оставиме свет кој ќе биде поубаво место за живеење.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Приватна архива