Образложение кон остварениот финансиски резултат за периодот од 1.1. до 31.12.2018 година
Во текот на 2018 година Стопанска банка а.д. Битола работеше во насока на остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2018-2022 година, притоа прилагодувајќи го своето работење на промените во деловното окружување.
⦁Финансиски перформанси на Банката
Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за 2018 година, односно нето-добивка во износ од 34,43 милиони денари. Добивката од работењето пред данок и исправка на вредност на финансиските и нефинансиските средства изнесува 136,11 милиони денари за разлика од минатата година кога оваа добивка изнесуваше 79,86 милиони денари што укажува на значително подобрување на способноста за генерирање на приходи од редовното работење. Тековното остварување главно е резултат на повисоки нето-приходи од камати и провизии, како и ефикасно управување и контрола на трошоците, што придонесе за неутрализација на ефектот од зголемената исправка на вредност и загуба за оштетување.
Нето-приходите од камати се повисоки за 9,97%, односно 31,51 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година. На страната на приходите од камати остварен e годишен раст од 3,05% главно генериран од зголемено кредитирање на секторот домаќинствa со цел дисперзија на ризик и проширување на клиентската база. Следејќи ги движењата на пазарот од аспект на каматни стапки, расходите за камати бележат годишно намалување од 12,10%. Планот на нето-приходи од камати за анализираниот период е остварен со 107,68%.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 11,94 милиони денари, што претставува годишен раст од 12,08%, при што приходите од провизии се зголемени за 8,41%, одразувајќи го растот на провизиите главно во делот на платен промет, додека на страната на расходите е евидентирано зголемување од 0,51%. Планот на нето-приходи од провизии и надомести за анализираниот период е остварен со 102,34%.
Нето-курсните разлики бележат намалување од 4,85%, односно 1,12 милиони денари споредено со минатата година, додека планот е остварен со 84,76%.
Останатите приходи од дејноста се пониски за 9,74 милиони денари споредено со претходната година, главно како резултат на пониски вонредни приходи вклучени во оваа категорија.
Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е поголема за 54,26 милиони денари во однос на исправката издвоена во 2017 година што е одраз на проценките на Банката околу кредитниот ризик, а врз основа на одредени настани кои негативно се одразија во работењето кај неколку од клиентите.
Во согласност со Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средства преземени врз основа на ненаплатени побарувања, заклучно со 31.12.2018 година евидентирана е загуба поради оштетувањето на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 12,38 милиони денари.
Во година кога фокусот беше ставен врз понатамошна дигитализација и пресретнување на современите потреби на клиентите, трошоците за вработените се пониски за 0,53% споредено со 2017 година. Планот кај оваа позиција е остварен со 89,56%. Останатите расходи од дејноста се пониски за 13,79% на годишна основа, додека планот е реализиран со 101,57%. Амортизацијата е зголемена за 6,80%, а реализацијата на планот изнесува 93,67%.
⦁Промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во периодот 1.1. – 31.12.2018 година, Банката направи измена и започна со примена на нови сметководствени политики заради усогласување со новата Одлука за Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2017 година) донесена од страна на Народна банка на Република Македонија. Измените во Методологијата се однесуваат на имплементацијата на Меѓународниот стандард за финансиско известување – МСФИ 9, во делот на класификација, мерење, вреднување и оштетување на финансиските средства. Во таа насока, Банката изврши прекласификација на портфолиото на хартии од вредност, што не предизвика промени во основите за мерење и никаков финансиски ефект од класификацијата, освен следното:
⦁Дивиденди
Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2017 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собрание на акционери одржана на 25.4.2018 година, Банката не исплати дивиденда за 2017 година.
⦁Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Намалување од 9,55% на недвижностите и опремата споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2017 година.
⦁Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити се пониски за 25,87% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2017 година, што главно се должи на намирување на квартални обврски по кредитни линии.
⦁Очекувања за претстојниот период
Во периодот што следи Банката очекувастабилно макроекономско окружување, умерено забрзување на економскиот раст при очекувана стапка на инфлација од околу 2%. Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционални кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Интензивно ќе се работи и на понатамошна дигитализација на одредени процеси и активности во Банката со цел прилагодување на понудата на производи и услуги на профилот на современиот клиент. Воедно, Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за понатамошно профитабилно работење.