Од 10 години игра фудбал, а сега е тренер: Младата Симона Јанкуловска е мотивација за жените - Ако нешто сакаш, не може никој да те спречи да не успеш во тоа
Најважната споредна работа во светот – фудбалот, е најгледаниот и играниот спорт на планетата. Иако машкиот фудбал е далеку попопуларен, не треба да се занемари фактот дека и жените блескаат и се одлични во овој спорт.
Пример за тоа е младата Симона Јанкуловска (26) од Скопје, која гледајќи го својот брат на фудбалски тренинг, добила желба еден ден и таа да заигра на зелениот терен. Па, така Симона на 10 години влегла во светот на овој спорт, сосема несвесна за стереотипите на нашето општество.
По неколку години поминати како играч во клуб, одлучила да се надгради, па сега е лиценциран тренер. Симона во моментов тренира младинци во ФК Водно.
Нејзиното средно образование – спортска гимназија и „Филозофскиот факултет“ – насока педагогија, успеала одлично да ги спои и примени во животот.
Симона освен што е одличен играч и тренер, таа е одличен уметник. Со нозете на фудбалскиот терен прави вистинска уметност, но и со рацете додека слика на платно.
Многу ретко се присутни девојките во најважната споредна работа во светот, а тоа е фудбалот, барем кај нас во нашата земја. Реткост е кога ќе слушнеме или видиме жена која е успешна и одлично му парира на посилниот пол во овој спорт. Симона ти си една од ретките – жена фудбалски тренер кај нас. Еве како почна нејзината кариера …
- Кај нас дома секогаш се гледало фудбал на телевизија. И тогаш кога никој не го гледа телевизорот, тој беше вклучен на спортски канал каде имаше фудбалски натпревар. Далеку од тоа дека бев запознаена со стереотипите во нашето општество на 10 годишна возраст, тогаш не бев свесна за различноста и тоа дека фудбалот се смета за машки спорт. Мене ме водеше силната желба, секогаш кога ќе го гледав мојот помал брат на фудбалски тренинг желбата ми беше сè поголема и за кратко време се приклучив на тимот. Така уште тогаш почнав со секојдневни тренинзи до 14 години во машка екипа, потоа по фудбалски правилник морав да преминам да играм во женски клуб. Со оглед на тоа дека не постоеше младинска школа за женски фудбал, морав да тренирам со жени, некои дупло повозрасни од мене, некои на моја возраст, но скоро сите веќе беа репрезентативки. На почетокот се срамев, имав и помала самодоверба, но со текот на годините сето тоа го надминав. По фудбалската кариера покрај другите активности, желбата да го пренесам моето знаење ја усовршив, зедов лиценца за тренер и се приклучив во фудбалски клуб како тренер.
Завршила средно училиште во ДУФК „Методи Митевски Брицо“, спортска гимназија. А потоа академското образование го насочила на педагогијата.
- Идејата ми беше спој помеѓу педагогијата и спортот, нешто што сега во тренерската работа се докажа дека воопшто не сум погрешила во изборот.
Родителите на Симона на почетокот биле во надеж дека тоа е само некој период кој ќе го надмине и ќе се откаже од идејата да биде фудбалерка, пред сè поради поголемиот број на машки членови во клубот. Но, напротив желбата ја доведе до она што е денес.
- Моите родители само на почетокот, можеби првите неколку недели се чудеа и постојано ме прашуваа дали сум сигурна?!-Сега знаат да се „издадат“ со тоа дека се надевале ќе ми биде срам од машките и дека сама ќе се повлечам. Кога сфатија колку се мојата желба и упорност големи, ми станаа најголема поддршка низ целиот процес. Викендите беа резервирани за натпревари, еден ден кај брат ми, другиот ден кај мене … постојано, фудбалот беше главна тема во нашиот дом. Околината беше поделена во размислувањата, дел не сфаќаа колку фудбалот е сериозна работа, додека пак дел се радуваа и се воодушевуваа.
На 10 години почнала да игра во Драчево, нејзината населба каде што живее, а потоа на 14 години продолжила во ЖФК Единство Скопје, па следеле во зависност од сезоната ЖФК Конзули, ЖФК Драгон … Како и секое дете, имала идол кој и бил пример.
- Имав машки идол, омилен играч ми беше Фернандо Торес, поранешен играч на Ливерпул и на репрезентацијата на Шпанија. Ретко следев женски-фудбал, освен некои поважни првенства. Отсекогаш се стремев кон „невозможното“, така што амбициите беа големи, па како и на терен тогаш, така и надвор од него сега.
Симона веќе неколку години работи како тренер на млади категории, во моментов работи само со машки деца, но голема е желбата еден ден да има женска екипа на која би била тренер.
- Како фудбалски тренер работев до пред некое време во ФК Партизан Фудбал Кидс, сега моментално работам во ФК Водно, заедно со моите колеги – визионери коишто заеднички не спои едната цел од многуте, децата да растат во една здрава средина. Тренер сум на деца кои се натпреваруваат во детска лига. Играчите се машки, но во детската возраст е дозволено да тренираат и девојчиња заедно со нив. Женската екипа е предизвик и за мене, се надевам дека наскоро ќе ја имаме во клубот и дека ќе бидам вклучена како тренер во истата.
Кај нас има доста талентирани и заинтересирани деца за овој спорт, но талентот без работа, значи малку.
- За успешна реализација на тренажниот и натпреварувачкиот процес, потребно е многу работа, труд, желба и кај тренерот и кај играчите. Голема улога игра биолошкиот, психолошкиот и социолошкиот развој, и од таму поттикнувањето на родителите машките да играат фудбал, а женските балет е некако првична варијанта. Сè уште има повеќе машки кои се заинтересирани за фудбал во однос на женски. Талентирани деца има многу, но талентот малку значи без работа. Упорност, желба и дисциплина – сите три карактеристики се важни за успех. Има периоди во развојот кога некоја изостанува и тогаш ни е тешко и тоа го сметаме за тежок период од кариерата. Но спортската дисциплина, психолошката стабилност, конзистентноста и гореспоменатите, се е тоа сплет кој ме води не само во спортот туку и општо во животот.
Секој еден гол даден од децата кои ги тренира за неа е успех, во овој спорт важна е тимската работа, а не индивидуалната.
- Индивидуално можам да издвојам неколку фудбалски потези на фудбалски натпревари кои ми значат посебно, а тогаш биле значајни за резултатот на натпреварот. Ова го кажувам од една главна причина꞉ фудбалот е тимска игра и никако индивидуална. На тоа ги учам и моите играчи сега. Како тренер секој гол на мој играч за мене е успех, секоја подадена рака од играч на соиграч е успех. Бидејќи работам и со индивидуални тренинзи, секој совладан потег на играчот за мене е радост во срцето, успех.
За Симона не постои поделба во фудбалот, вели дека жените од мажите се разликуваат само по физичката сила. Факт е дека жените кај нас се помалку вклучени во овој спорт, па и затоа ја спомена Данска како земја за пример.
- Јас не практикувам феминистички мотивации, но сметам дека жените и мажите се разликуваат само во физичката сила. Промоцијата на женски фудбал веќе е активна во училишниот спорт. Би сакала да ја стигнеме Данска на пример, земја каде не се знае која репрезентација е подобра, женската или машката. Ништо не е недостижно ете тоа нека биде еден од мотивите.
Со дискриминација во овој спорт се соочила во раното детство како единствено женско во машка екипа, но тоа го надминала.
- Ретко, но се случуваше да имам помала минутажа во натпреварувачкиот дел или да слушнам коментари од типот꞉ женско ли ќе те издрибла!?, земи и ја топката, посилен си и слично.
Светлата страна на женскиот фудбал кај нас е што има женски фудбалски клубови кои се натпреваруваат во неколку лиги. Како и промоција од страна на Фудбалската федерација на Македонија за отворање на женски фудбалски клубови и нивна поддршка.
Со што било човек да се занимава во животот најверојатно треба да има барем малку дарба за да го работи тоа што го сака. Очигледно дарбата за „дриблање топка“ ја има, но и одличен талент за движење на четката на платното за сликање.
- Уметноста е зборот кој не спои. И во едната и во другата дејност потребно е да не работиш по шема, туку да имаш прво желба, па да се надградуваш. Ништо не е не споиво, па така и овие најубави работи на светот.
Првите цртежи на Симона биле портретите од Тоше Проески кои сè уште ги чува и за неа имаат посебно значење. А потоа открила нешто ново …
- Кога ја открив техниката акрил на платно ја вклучив мојата фантазија на најјако, следуваше Џокер, девојката, зебрата … и многу други и уште толку кои ми се нарачка, а чекаат да бидат готови тогаш кога ќе имам време за нив.
Симона кога не е ангажирана со фудбалот и не слика на платно е сосема обична девојка која сака да прочита убава книга, да се дружи со пријателите и да биде во природа.
- Моето малку слободно време го распоредувам онака како што ќе сметам во тој момент дека е најправилно и за мене најдобро. Да одморам, да прочитам книга која ми заостанала, да се видам со пријателите. Да отидам некаде сама да се повозам со автомобил, да разгледувам природа која ќе ме инспирира животно. Тоа сум јас, едноставна за себе, веројатно комплицирана за другите. Задоволна сум за моите 26 години, понатака во животот сигурно ќе имам повеќе што да раскажувам.
Во сè што прави најголема поддршка има од нејзините родители и вистинските пријатели, кои знаат да ја искритикуваат или да и дадат добронамерен совет.
- Неизбежни се најблиските, некогаш се ветер во грб, а некогаш ненамерни демотиватори. Но тоа е веројатно нормално, оние кои многу те сакаат постојано те опоменуваат на моменти да забрзаш, а на моменти да успориш. Позитивни комплименти добивам од соработниците, родителите на децата и од вистинските пријатели. Негативните критики не допираат до мене, тоа не е затоа што не знам да ги примам, туку едноставно толку многу сум посветена во анализа на мојата работа, така да критичар сум сама на себе, надворешните критики само би задоцниле.
Габриела Додевска Глигоровска