Од другата страна на огледалото

Добивај вести на Viber

Н. и С. се познаваа од времето кога и двете имаа по 5 години. Н. беше слабичка и бледа, со кревко здравје, па почесто отсуствуваше отколку што одеше во градинка. С. беше крупно дете, заруменето во образите и штом ја здогледа Н. на вратата од занимавалната, веднаш ја зеде под свое. Н. беше жива кукла со која С. со задоволство си играше, но рака на срце, знаеше и како да се грижи за неа.

И обете се запишаа во исто основно училиште. Се разбира, во исто одделение, сместени во претпоследната клупа во средната редица, во сини униформи и залижани коси. Заедно учеа, заедно на одмор јадеа крофни кои ги правеше бабата на С., заедно одеа и во тоалетот. Веќе не стануваше збор дека тоа ќе е пријателство кое ќе трае до крајот на животот. Растеа убаво и убави. Н. со нежна убавина која будеше желба за заштитување, С. со темперамент кој секавично и’ излегуваше од очите. Си ги делеа сите тајни, па и оние за првите симпатии. Средното училиште им беше ист избор, а подоцна и факултетот. Си беа грб една на друга, криење пред родители кога едната од нив имаше состанок, па преспивање (а вистината беше дека се заглавуваше со дечкото по цела ноќ). И првите сексуални созревања беа нешто што не се криеше од најдобрата другарка.

Подоцна, животот имаше поинаков план за секоја од нив. Н. заплива во светот на телевизијата, стана познат лик, будеше внимание и интерес, секогаш беспрекорно нашминкана и спастрена. С. беше атрактивна на свој начин, а башка и прилично успешна во бизнисот кој го отвори и разработи сама.

И двете беа во најубавите години, среќни во она што го прават и немаше ден а да не промуабетат, ниту седмица без испиено кафе. После некоја година се омажија. Н. се разведе набрзо, бидејќи сепак човекот на нејзиниот живот излезе дека не е баш она што таа си го замислуваше. Немаа деца, а Н. никогаш и не беше нешто посебно воодушевена од таа идеја. Не дека не ги сакаше! Беше најдобра “тета” на светот на децата на С. кои ја обожуваа и кои беа прописно размазени од Н.

Тиквата пукна кога С. се обидуваше после разводот на Н. да и’ ја најде сродната душа. Полека, гледањето се претвори во презентација на соодветен машки материјал за оплодување и заеднички живот и тоа почнувајќи од некои трети, четврти братучеди на С., па се’ до колеги на нејзиниот сопруг.

Отпрво, Н. се забавуваше и со смеа ги слушаше описите на С. за секој од нив “малку е проќелав, добро заработува, е сега...има дете од првиот брак, ама не се грижи оти тоа си живее со мајка му”...”самец, сака деца...треба да знаеш дека жена без деца никогаш не е реализирана” па се’ до “првата жена го остави и избега со еден доктор, беше некое време под терапија, ама добар е сега....душа од човек, ќе можеш да го обликуваш како сакаш”.

Секој пат, кога Н. се обидуваше да ја смени темата или да објасни дека нејзината сфера на интерес не се брачниот живот, семејна идила и деца, С. стануваше уште поупорна. Кафињата кои вообичаено беа време за нив две и уживање, се претворија во мало бојно поле, на кое С. напаѓаше со сета војска што ја имаше и сите аргументи ЗА семејство, а војската на Н. успешно го држеше гардот и ја бранеше својата територија.

Стана зачудувачка опседнатоста на С. со животот на Н. која еднаш на шега (иако зад шегата имаше голема вистина) и’ рече на својата пријателка дека сепак повеќе не се во градинка.

И тоа така траеше неколку години. Гледањата им се проретчија, прво на еднаш во месецот, потоа на еднаш на два месеци. И двете имаа и други пријателки со кои комуницираа. Пријателките на С. беа група жени кои се собираа да си промуабетат за работата, децата, мажите и свекрвите (па се натпреваруваа во тоа чија е полоша, со раскажување пикантерии), додека пријателките на Н. беа жени кои често патуваа, некои од нив сами, некои со своите партнери, неоптеретени со дневна доза оговарање. На С. и’ се случуваше да раскажува за Н. на женската банда (како што се нарекуваа со пријателките), тажно вртејќи со главата за “промашениот живот” на особата која и’ била како сестра, па згрозувањето на бандата од тоа како може една здрава и права жена да не сака да биде мајка!!! Не да не може, туку да не сака!

Од друга страна, Н. не ја спомнуваше С. иако често мислеше на неа и на нејзините деца. Редовно праќаше честитки за Нова година и ќе пратеше порака за да го честита роденденот на децата и за годишнината од брак на С.

С. никогаш не си призна дека желбата за да го контролира животот на Н. беше од страв дека нејзината слобода може да ја загрози. Одбивањето на Н. да влезе во калапот на жена која ќе се откаже од себе и своите задоволства, ја направи непријател. Потенцијална опасност за брачната идила (која низ годините стана брачна досада) со која С. се убедуваше себе дека поседува одредена надмоќ врз својата пријателка. Од друга страна, храброста на Н. во општество во кое улогата на жената е дефинирана од аспект на нејзиното битисување како мајка и сопруга на XY, беше малку и навредлива на С.

И двете доживеаја длабока старост. Сопругот на С. почина мирно, во сон, а децата беа отселени на два различни континенти. Се погрижија нивната мајка да биде сместена во елитен дом за стари лица и да ја добива потребната нега, со оглед на тоа што С. доживеа и еден мозочен удар. Немаа време, а и беше премногу скапо за да ја земат кај себе, или да доаѓаат почесто за да ја видат.

Н. откако увиде дека староста ја навјасува, сама отиде во истиот дом каде што беше С.

Побара да бидат сместени во иста соба, за да може да се грижи за својата пријателка. Токму онака како што таа се грижеше за неа кога имаа 5 години. И се’ беше повторно исто, како порано, како кога беа многу мали.

С. почина среќна. Не беше сама, раката имаше кој да и’ ја држи. Беше спокојна и спремна. Иако не можеше да зборува, кога и’ дојде мигот, ја стисна раката на Н., ја погледна со поглед од кој се читаше молба за прошка и си замина. Н., иако витална и здрава, отиде набрзо. Веројатно, таму некаде повторно муабетат за нешто...а можеби и само молчат, онака како што тоа се прави меѓу луѓе кои се разбираат и без зборови.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Да можиш без многу зборој

Низ чоек да гледаш

Да му видиш каде облак сонцето му го скрил

И маката кај му е

Дал душата му тежи од јадови

Ко алишта во врела вода накиснати

Та полојната да те заболи дур ги крениш

Или срцето му е од љубовна болка нагризано

Ко капутон шо виси онде

Допола од молци изеден

Оти ова лето си заборајла нафталин в плакарот да клајш

Да можи чоек со чоек да се види

Без да се ломоти со часој

Без првите неколку да минат во глума оти убај сме

Та после да ни се отвора маката пред другиот

Ко цвеќе на пролет шо под сонцето се отвора

Та ко ќе видиш

Едно чудо време туку така ошло

Оти гордоста не ни дала да сме она шо сме

Ех

Да можи чоек така своето да си го препознај

Љубовта да си ја види уште од далеку

Да не му врват годините залудно

И времето да не си го троши на љубов-нељубов

Ете така

Да можи да препознај уште првите деној

Оти треба да си замини од некој

И во тишина да се завитка

Како ларва во кожурецот

И да чека

Да почека дур не дојди точно вистинскиот миг

За од ларва-пеперутка да летни

Така и чоек ко од зимски сон да се разбуди

И после години самотија друшката да си ја најди

Та да блесни ко сонце во вода

Абе да блесни чиниш од Госпо допрен е

И да се стори убав во ликот

Да му се насмеат очите

А во брчките

Во браздите кај усните цветој да му никнат

И спокој во душата да му се всели

Да му разграни ко крошна на дрво

И да се наполни со плодој кои ќе стежнат од убост

Ама да можи ете без многу зборој

И без многу болка

Чоек умен да е

Или барем некој да му шепни дека среќен ќе е

За да му дај сила и крила да летни

И сон за кој преку ден ќе сонува

Ех, така да можеше

Да можеше ете и мене некој некако да ми кажи

Та да знаев тој ден дома да си гувеев

Да седнев пусто погача да замесев

Или да научев како се сукаат кори

Ама пусто така не одело

Оти то шо пишано ни е не можиш да го рипниш

Оти вир среде пат не е

Ниту да го скокниш можиш

Оти камен на сред нива не е

Та ко дете да се затрчаш за преку него да летниш

И зато вака ќе се помачиме

И ќе се сопнуваме

Колената да ни крварат, ама не премногу

Срцата да ни се стегаат, ама не премногу

И душата да не’ боли, ама само премногу да не е

И шо и да е

За арно да биди

За арно на сите да ни е