Од душа, за душа

Добивај вести на Viber

Постојат изрази кои иако често ги користиме, како да не сме свесни за нивното суштинско значење. Знаете, тоа му доаѓа исто како кога повторувате еден збор во главата по стопати. После извесно време, зборот ви се чини бесмислен, смешен и туѓ. Уште кога бев мала, секогаш ми беше кажувано “ако правиш нешто, прави го со душа и саглам”, што во превод значеше: или направи го како што треба или немој да го правиш како “мачката со опашката” (ова за мачката со опашката и ден-денес ми го вели мајка ми, особено кога се во прашање домашните обврски-читајте, чистење по дома). Правењето нешто со душа подразбираше внесување себе во она што го правите, сеедно колку е тоа важно или неважно, дали е работа која ќе ви донесе големи пари или само внатрешно задоволство. Порано се смеев кога ќе речеа дека и за спремање еден ручек, треба човек да се внесе себе за да го направи да биде “за мерак”. Онаа флоскула дека ручек правен со љубов-душа е повкусен и поразличен од оној кој е правен колку да не седиме со празни стомаци не ја разбирав долго време. Знаев дури и да се потсмевам на таквите изрази, изјави или убедувања кои ги имаа повозрасните. Сега сум убедена дека секоја една работа, дури и наједноставната....може да ја утнете ако не ја правите со лезет, односно ако ја правите насила.

“Душа или Дух е внатрешниот, невидлив дел од човекот во кој се наоѓа духовниот живот со сите негови психички одлики (свест, емоции, етички норми). Душата е традиционално именување на човековата психа. Во христијанската религија душата е нематеријален, невидлив, бесмртен животен елемент. Душата е најактивниот дел на човекот, таа е во тесна врска со човековата форма, но е посилна од материјалното, бидејќи таа управува со човекот и неговите дејствувања.Википедија.

Нашите претци не знаеле да опишат што е душата како што тоа можете да го најдете на Википедија, но добро знаеле да ја вметнат во контекст кој соодветствувал со некаква ситуација. И не само тоа, туку душата и срцето се спомнувани со нераскинлива врска меѓу себе. Оттаму, кога некој ме гњави знам да кажам дека ми ја извадил душата низ нос (ова го користам и при голем физички напор), па дека срцето/душата ми се симнала во петици при некаков шок или страв (вообичаено ми е таму кога чекам резултати од лекарски испитувања за сите кои ми се блиски), па ме боли душата/срцето при емотивен крах или загуба на блиска особа (сеедно дали е едно обично раскинување на врска или смрт). Емотивците многу добро знаат дека душата знае да биде стаклена и кршлива, исто како што луѓето “ѓонови” знаат дека может да преживеат се’ и сешто, оти кај нив душата најчесто се наоѓа на задникот, па ги заболе истиот за било што. И да не мислите оти имам нешто против “ѓоновите”, оти како минуваат годините, се’ повеќе ми е мака што не сум една од нив. До одредена возраст, сите нешта што ја касапат душата се поднесуваат релативно добро, со неколку дена изолација, пакетче палома марамчиња и муабет со најблиските. После таа возраст, човек се зачаурува па сите болки на душата ги минува многу посериозно, подрастично и поболно.

Најдрагите и најомилените подароци ми се оние кои ми биле подарени или сум ги подарила со и од душа. Никогаш не било важно колку чинеле, дали биле со повод или не. Секогаш, ама секогаш се познава кој подарок е формално тутнат в раце, а кој бил даден со љубов.

Смртта е дел од живеачката. Нема смрт без раѓање и нема раѓање без смрт. Тоа што нам ни е страв од смртта (иако мислам дека повеќе ни е страв од неизвесноста дали има нешто после умирачката) е сосем друга работа, по мене треба да се доживува смртта како спокој, како одмор. Не дека секогаш можам вака да ја доживеам, ама вежбам да не се оптеретувам многу со неа. Факт е дека честопати смртта е спас, особено за оние кои имаат долги и тешки болести (за кои нема лек), проследени со физички болки и агонија. Смртта има две лица, едното е кога успеваме да согледаме оти била добредојдена за оној кој дури и ја посакувал за да здивне, а другото е она страшното кое го доживува семејството кое останува без саканиот човек во домот. Знае да биде и нефер, особено ако е ненадејна или насилна, а дел од моето одбивање да верувам во било што друго освен во Универзумот е токму во ова. Смртта на невини и недолжни души, особено смрт на деца е нешто што ми нема никаква логика, ниту можам да прифатам дека некој некаде имал возвишен план за нив и нивните души. Тука застанувам со ова.

Пред два дена беше Задушница. Како и секоја година, така и оваа социјалните мрежи беа преплавени со евоцирање спомени, мисли, слики. Како и секоја година, така и оваа и јас ставам песна посветена на нашите роднини, љубови, пријатели, кои прерано си заминале. Знаете, болката од нечие заминување ја носиме со себе и во себе. Таа нема ден, нема вистински или погрешен начин на искажување, нема мерка. Болка е болка, секој ја чувствува онака како што е скроен да ја чувствува.

Чинам дека само за љубов, болка и среќа не постои кантар со кој би поставиле некакви универзални параметри за да одредиме кој колку љуби или е среќен. Секој од нас различно манифестира и различно има потреба да покаже колку го боли душата или колку силно пилето во гради му пее. Она што го знам е дека ние луѓето знаеме слепо да се врземе за одредени работи кои ги доведуваме на ниво на ритуали. Башка, малку имаме и навика да ги сведеме верувањата на другите или кон “возвишеност” или “пупупу” во зависност од нашите лични верувања. И колку што некој чувствува потреба да оди во црква на Задушница или на гробишта, да дели храна за душа на починатите толку некои имаат потреба тој ден да го минат сами и со спомени. Одењето на гробишта на денот не е ниту знак, ниту показател дека љубовта кон починатите е поголема или повеќе ни недостасуваат. Од друга страна, не е воопшто банално и “безвезе” ако некој оди да зачисти гроб или да подели храна, особено ако тоа му ја смирува душата.

И денот ко ден ќе мине, она што е важно е следново: колку и како ќе го чуваме и негуваме споменот на оние кои веќе не се меѓу нас во следните 364 дена. Како тие денови ќе ја негуваме и чуваме нашата душа од црнила, лоши мисли или поганштина. Секогаш е лесно да се истурка еден ден за било која работа, бара само да се наштелувате дека следните 24 часа ќе биде вака или онака. Ама оди и наштелувај се 8.760 часа годишно, за да си човек кој ќе биде над сите ситуации во кои ќе ти дојде да си ја покажеш црната и гнасна страна. Денес е 6-ти ноември, два дена после Задушница. Мене и денес ми недостасуваат Нене, Дедица, баба Дана, чичко Зоки, дедо Ристо...чија слика ми излегува и несвесно пред очи во одредени ситуации. Не им запалив свеќа, оти имаат кандилце во мене, во душава што ми гори и кое ќе згасне само тогаш кога и мене ќе ме нема. А кога ќе ме нема, сакам ќерка ми да ме носи во срцето/душата. Доволно ќе е, таман ќе е.

Да ни се живи и здрави тие што се меѓу нас, да ни се тука уште долго. Да почиваат во спокој тие што чија душа го напуштила телото, да им го чуваме споменот оти само така ќе останат да живеат и после смртта. Да сте ми вие живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не сум од оние

кои на умрените чест им прават

по цркви ретко одам

скоро никогаш (да сум искрена)

не постам

ниту пак знам молитви

не знам да пресметам 40 дена

ниту пак адетите ми се блиски

јас сум од оние

кои на живите чест им прават

и кои на свој начин

покажуваат колку љубат

од оние сум кои немаат срам да кажат

или да напишат јасно и гласно

“ТЕ САКАМ”

кои знаат да плачат на туѓа болка

и да се смеат на туѓа радост

како нивна да е

така радува и така пече

јас сум од оние кои не играат игри

и во чии очи се’ се чита

питома и тивка

кротка како приспивна песна

и која кажува кога нешто не и’ е по ќеф

па се расправа ко дете

за после бурата ко јагне да те гледа

и некој ќе рече дека за овој свет не сум

а којзнае

можеби сум само на поминување

до целта, до она за кое навистина сум жива

а кога ќе умрам

тогаш не сакам помпи и церемонии

ниту чест сакам да ми правите

ниту црнини да се носат

сакам да е весело и шарено

и не, не правете ми тогаш чест

ниту 40 да ми вадите

ниту пак сакам да тажите

по купишта коски и гнило месо

не сакам така

сакам

сакам да се сакаме дур тука сме

дур живи сме да се милуваме

нежни едни со други да сме

и убав збор да си кажеме

дур тука сме

дур живи сме

срцата во љубов да си ги истркаламе

како гурабии во прав шеќер

мирисни и слатки да ни се

дур тука сме

дур не’ има

дур живи сме

да се сакаме

да се сакаме