Од поправен испит по физика во Македонија до најдобра инженерка во Словенија: Струмичанката Љупка Вртева за животните предизвици и успеси, како и за ретката болест која е дел од нејзиното секојдневие

Добивај вести на Viber

Фото: Андреј Криж

31-годишната Љупка Вртева е родена во Струмица каде го поминува своето детство и средношколските денови. Растена е во скромно семејство полно со музичари и економисти, каде уметноста и претприемништвото биле секојдневие во домот. Вели дека како иперактивно, радознало и весело дете поминала незаборавни и среќни детски денови на неасфалтираната улица „Крушевска република“, која е сведок на прекрасните детски игри на сите деца од нејзиното маало. 

По завршувањето на средното училиште, била присилена да ја продолжи македонската сага на нејзните предци, кои пред еден век биле прогонети од Беломорска Македонија. Го спакувала куферот и заминала во Словенија. Денес, живее и работи токму таму, во земјата која со раширени раце ѝ кажала „добредојде“ и ѝ овозможила да е тоа што е денес. Во Словенија заврши додипломски и подипломски студии на машинскиот факултет во Љубљана и сега работи како развојна инжинерка во областа на греење, вентилација и ладење на објекти. Љупка ја доби и наградата за најдобра инженерка во Словенија.

За животните успеси и предизвици, раскажува во интервјуто за Женски Магазин.

* Која е Љупка опишана во еден збор?

- Дефинитивно со зборот бунтовник.

Бунтовник со позитивни карактеристики. Сакам да појаснам, дека ја сакам слободата и правдата, не сум комформист, не ги следам нормите и очекувањата на општеството, секогаш сум спремна  да превземам ризици и не се плашам од неизвесност и нови предизвици, отворено и гласно ги изразувам моите мислења и убедувања. Моето дејствување е секогаш во насока на развој на човечкото општество и култура.

Фото: Андреј Криж

* Ја дoбивте наградата за една од најдобрите 10 инженерки во Словенија. Какво е чувството, на што се должи овој голем успех?

- Радосна сум што словенечкиот народ континуирано го признава мојот труд и допринос кон државата.

Можам да кажам дека  Словенија препозна потенцијал кај мене, дека со својата работа и личност претставувам пример и инспирација за младите девојки, а и воопшто за младите луѓе кои се во процес на одлучување за упис по завршување на средното училиште. Мојот труд, истрајност и посветеност во рамките на мојата професија, мојот комплетен профил како личност и начинот на кој го пренесувам знаењето на новите генерации беа наградени со титулата Инжинерка на годината.

* Прочитав дека сте напишале дека сте полагале поправен испит по физика во средно училиште во Македонија. Може ли да ни раскажете нешто повеќе за оваа ситуација? Како девојка која полага поправен по физика сега е најдобра инженерка во Словенија, како да нема логика, што се крие зад тоа?

- Интересно, нели? Постои голема разлика помеѓу оценките петка и единица, но не и во Македонија. Не секој има можност да ја добие оценката која ја заслужува.

Мојот бунтовен дух од секогаш се спротивставувал на дејства кои се косат со праведноста, етиката и моралот. Во трета година во гимназијата „Јане Сандански'' во Струмица, самоиницијативно одлучив да полагам комисиски испит по предметот  физиката, бидејќи не бев задоволна од начинот на оценување од страна на професорката. Бев полна со ентузијазам и енергичен дух. Меѓутоа, по обзнанувањето на мојата одлука и барањето за комисиски испит, наидов на силен отпор од страна на моите професори. Преку ноќ се најдов во ситуација  да се борам против цел еден систем, за да ја докажам вистината. Едноставно, бев жедна за правдина.

Скоро една година се случуваа повеќе непријатни, отколку пријатни ситуации. Наставничкиот совет во гимназијата „Јане Сандански''во Струмица го одби моето барање, и не ми дозволи да полагам комисиски испит по предметот  физика, иако како ученичка имав право да се пријавам самоиницијативно и да го одбранам моето знаење пред комисија.

Постапката за добивање право на полагање на  комисиски испит беше на рамна на бој. На една страна 17 годишна средношколка која бараше само правда и на друга страна цел еден систем кој не успеа да ми објасни зошто не сакаше да ми даде шанса да го бранам моето знаење пред комисија. Борбата беше тешка и долга. И тогаш и денес тврдам дека знаењето се заслужува. Знаењето не се купува. Знаењето ги победи сите пречки, но ми остана тој горчлив вкус од тие времиња во Македонија.

* Велите и дека славите втор роденден, односно дека боледувате од болест која напаѓа еден од 50.000 луѓе. Раскажете ни нешто повеќе околу тоа? Кои симптоми ги почувствувавте, како дознавте за болеста, дали има лек?

- Кога живеев во Македонија, често бев болна, но никој не успеа да утврди за која болест станува збор. Неколку години подоцна по пристигнувањето во Словенија, мојата сегашна докторка инфектолог д-р Бојана Беович, откри дека имам ретка болест. Токму на датумот на доделувањето на признанието Инжинерка на годината, јас славев 9 години од моето второ раѓање - каква случајност!

Пред девет години првпат започнав со апликација со имуноглобулинска терапија. Утврдија дека немам природен имунитет, кој што морам го обезбедувам со помош на крвна плазма добиена од голем број здрави дарители на крв или плазма. Се чувствувам многу благодарна што д-р Бојана Беович за краток период  ја дијагностицираше мојата болест, бидејќи мојата состојба беше критична. Бев во трета година на студии, кога  изгубив рамнотежа, не можев повеќе да одам, половина година не функционирав, не можев да полагам испити и морав повторно да научам да одам. Имав среќа што бев во Словенија - во Македонија не знам дали би откриле што ми е и дали државата би го покрила трошокот за самата терапија која чини приближно 30.000 € на годишно ниво. Сега прославувам и уште еден роденден, бидејќи терапијата на 16 јануари 2015 ми даде нова надеж и дополнителна мотивација да ги завршам сите цели кои си ги поставив.

* Колку болеста влијае на вашиот секојдневен живот и дали ве попречува во работата?

- Бидејќи болеста е многу ретка, нема толку информации и веројатно ќе примам терапија со крвна плазма до крајот на мојот живот. Терапијата ја примам во домашни услови и ја аплицирам секоја недела со помош на три игли. По терапијата состојбата е значително подобра, но сè уште се случува да имам инфекции, вирусни или бактериски. Имам предизвици на ова поле, со кои се справувамсекојдневно. Постојано вршам кординација  со здравствените прегледи и сè она што се случува во мојот живот. Ако се организирате и ги координирате сите работи навремено, нема проблеми. Никогаш не сум гледала на болеста како на некој минус, туку самата болест ми дава дополнителна мотивација. Веста дека боледувам од ретка болест беше моментот кога морав да одлучам дали да продолжам или да се предадам. Одлучив да продолжам и да ја преживеам болеста како преломен момент. Одлучив да бидам истрајна и да продолжам да го одам мојот пат.

* На што моментално работите во Словенија и кои се вашите идни планови?

- Во моментов сум вработена во компанијата Петрол во Словенија, во енергетскиот сектор како развоен инженер во областа на греење, вентилација и ладење на објекти, а од минатата година сум активно вклучена  како проектен менаџер за соларни електрани. Исто така, честопати држам предавања во областа вентилација на објекти на машинскиот факултет во Љубљана, за студенти на додипломски и подипломски студии.

Уште пред добивањето на признанието имам планирани активности во поглед на професионален план. Во тек е активно учење и студирање на градиво кое е потребно во процесот за стекнување на лиценца со назив машински проектант. Исто така, сакам да ја надградам својата компјутерска програма за потребите на механичката вентилација на објекти, која сè уште е единствена програма од таков вид на пазарот. Сметам дека пред мене престои  многу динамичен период, каде морам да го оправдам престижното признание Инжинерка на годината, да мотивирам што е можно повеќе млади, да им покажам дека инжинерската професија е мисија која ги поврзува најдлабоките чувства кај сите луѓе и им нуди можност секој ден да го следат својот внатрешен  компас.

Фото: Андреј Криж

* Дали би се вратиле своето знаење и потенцијал да го искористите во родната Македонија?

- Мојата желба за личен раст и развој во Македонија престана истиот ден, кога Наставничкиот совет во гимназијата „Јане Сандански''во Струмица ме одби, и не ми дозволи да полагам комисиски испит, иако имав право како ученичка да се пријавам самоиницијативно и да го одбранам моето знаење пред комисија. По пристигнувањето во Словенија, ги изгубив контактите со Македонија.  Никогаш не постоеше интерес за соработка – веројатно на обострана желба.  Не верувам дека после 13 години нешто се променило кон подобро.

Со работа и сите видови активности на професионално поле сум фокусирана на Словенија. Моментално во Словенија ги имам сите услови за да се развивам не само професионално, туку и на приватен план.

* Ваше животно мото.

- Сè е достижно!


*Даница Караташова Илиоска