Од старт врската со Борко ни беше сериозна: Николина Ристовска искрено за Женски магазин
Вљубена во две професии, правото и модниот дизајн. Николина Ристовска посветена сопруга на нашиот легендарен голман Борко Ристовски и мајка на слаткиот Душан. Се релаксира искачувајќи се на Водно а е дамата со која разговараме во денешното интервју.
Нина, честопати можеме да ја видиме на спортските терени заедно со синчето како навиваат за тато Борко. Зборуваме за мајчинството, родителството, за тоа како е да се биде сопруга на спортист .
За женски магазин, таа откри дека е при крај со студиите на државниот правен факултет во Белград, отсек меѓународно право, а штотуку ја заврши модната академија Djolev and the Arts во Скопје и од Октомври ќе се надградува на меѓународниот институт Изет Цури. „Така да тоа се двете работи кон кои што сум професионално насочена а која ќе биде мојата примарна професија ќе оставиме во нашето следно интервју да ви откријам“, вели нашата соговорничка.
* Која е вашата професија? На Инстаграм неодамна споделивте фотка од ваш прв дизајн, кажете ни што значи тоа ?
-Една од работите што ме исполнува е модниот дизајн. На моја голема радост и среќа успеав да ја завршам својата прва колекција а тоа е само еден дел од моето претставување. Можам да кажам дека приватно паралелно покрај овие обврски веќе ја спремам новата колекција која што се надевам во брзо време ќе стане реалност и јас ќе можам да се претставам на македонската јавност како моден дизајнер кој што ќе понуди нешто ново, свежо и интересно и ќе можам низ моите креации да го претставам се она кое што сум го видела патувајќи секаде низ светот.
*Како се запознавте со вашиот сопруг, раскажете ни ја вашата љубовна приказна
-Гледајќи од оваа дистанца иако сме само пет години заедно се чувствувам како да сме заедно целиот живот (се смее) . Со Борко се запознавме преку заеднички пријатели и се тргна спонтано, сепак од самиот старт врската ни беше сериозна, некако се препознавме и се беше нормално и на свое место.
*Често на социјалните мрежи споделувате фотографии од вашиот син . Какво дете е Душан? И помага ли на мама по дома, што сака најмногу да прави заедно со тебе?
- Душан е дете кое е полно со енергија, дете кое знае во пет минути да го ишкрта ѕидот и во следната минута да дојде да ве гушне и да заборавите на се.
Заеднички именител на зборовите Душан и помош сѐ уште нема. Душан е задолжен за растурањето по дома а мама за раскревањето. (се смее) .
Со Душан често одиме на долги прошетки, во последно време милуваме и да излеземе ние двајца на пица или некои слатки, тој е моето најдобро другарче.
*Покажува ли Душан афинитети кон спортот, ќе оди ли по стапките на тато?
- Уште од мал се гледа дека ги носи спортските гени на својот татко, меѓутоа ние воопшто не сакаме да го притискаме и форсираме. Ние ќе оставиме самиот тој да одлучи кога ќе дојде време дали ќе сака да се занимава со спорт.
*Какви родители се Нина и Борко, кој е построг во воспитувањето на Душан?
- Ние сме доста посветени родители и нашиот ден се планира буквално околу Душан. Се трудиме максимално да му се посветуваме секој ден и нашите дневни планови се прилагодени на него, на негови потреби и желби. Се трудиме и двајцата да бидеме строги, меѓутоа со оглед на тоа дека Душан ни е прво дете, не верувам дека успеавме во тоа. (се смее)
*Тешко ли е да се биде сопруга на ракометар, и зошто?
- Не можам да кажам дека е тешко меѓутоа можам да кажам дека е премногу захтевно. Мора да го прилагодите начинот на живот на професионален спортист а тоа не е воопшто лесно. Да се биде покрај успешен спортист значи некогаш и својот живот да го подредите на неговиот успех.
*На терен е одличен голман, а каков е Борко како сопруг и татко?
- Исто како што е на терен. Полн со емоции, искреност и грижа.
*Како се носите со сите победи и порази, убави и не толку наклонети денови?
-Како и се во животот така и во спортот и бракот има убави денови и помалку убави денови. Меѓутоа семејствата не би биле семејства ако се откажуваме кога има препреки. Семејството е она што вреди во животот за кое секогаш треба да се бориме. Нашето размислување за поразите и победите е дека се составен дел од животот и дека во добро и лошо треба да стоите позади луѓето што ги сакате.
*На кој успех на вашиот сопруг сте најмногу горда?
-Не можам да кажам конкретно, меѓутоа подеднакво сум горда на сите успеси, победи но и порази, затоа што поразите и станувањето после нив ве дефинираат како човек и спортист. Карактеристиката кај Борко на која сум посебно горда е неговата упорност и немањето страв повторно да стане кога ќе падне.
*Поради професијата на вашиот сопруг имавте прилика да живеете во различни земји, каде ви беше најубаво?
-Секое место каде што сме живееле си имаат своја убавина и посебна енергија, меѓутоа ако треба да одвојам еден град и држава тоа се Барселона и Шпанија.
*Често знаете да експериментирате во кујна, сакате ли да готвите и дали преферирате македонска храна?
-Себе си се сметам за солиден кувар кој што сака да зготви храна за своето семејство и ми претставува задоволство кога ќе поминам одредено време во кујната. Воглавно нашите оброци се состојат од македонска храна, меѓутоа често на нашата трпеза знае да се најде медитеранска храна.
*Се дружите ли со жените на другите ракометари?
- Се дружам и тоа ми претставува посебно задоволство. Имав прилика да запознам навистина прекрасни жени од различни држави, некои пријателства останаа и по наше или нивно заминување.
*Што ја мотивира Нина, што сака да прави во слободно време, дали повеќе би прочитала книга или би гледала филм?
- Целата мотивација за се во животот ја црпам од моето семејство. Помеѓу студиите академијата и семејството ми останува многу малку слободно време, меѓутоа се релаксирам искачувајќи се на Водно или одејќи во сауна. Не можам да се одлучам помеѓу книга и филм, јас обожавам да читам, но исто така и добриот филм ми претставува задоволство.
Ирена Ставрова