Одлучна сум да работам без задршка и моето име утре да се поврзува со инвестиции, нови капацитети и создавање енергетски независна Македонија: Интервју со министерката Божиновска

Добивај вести на Viber

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска е жена која инспирира. Со години е успешна како менаџер, експерт за енергетика, а образованието, посветеноста и меѓународните искуства ѝ го трасирале патот во професионалната кариера. 

Секој ден откако стана министерка постојано е ангажирана, подвижна, работата ја демонстрира на дело, а голем предизвик ѝ се и младите за кои смета дека енергетиката им пружа многу можности и може да им го трасира патот кон успехот. Се разбира, за тоа треба работа, учење и вештини, а таа е секогаш тука да помогне... Божиновска е и поборник за женските права и вели дека живееме во време каде лесно се осудува, лесно се лепат етикети, а вистинските вредности тешко доаѓаат на површина. Исто е и за поставување на жени на раководни позиции...


ЖМ: Како експерт во областа на енергетиката, дали е тешко да се биде жена која работи и во енергетскиот сектор? Колку се потребни жртвувања, откажувања …?

Работата во енергетскиот сектор сама по себе е предизвик, независно дали сте жена или маж. Зошто предизвик? Треба да имате добро познавање на пазарот, да следите многу информации, да правите анализи и да давате мислење коешто се цени во овој домен на бизнис. Оваа работа не е едноставна, но затоа ја сакам, бидејќи оној кој навлегува длабоко во суштината на енергетиката има резултати, не дозволува површност. Исто како задачата што ја имам сега, да поставам министерство, да го водам и да дадам конкретни резултати. Како прв министер за енергетика, рударство и минерални суровини во Македонија сакам и знам дека ќе успеам моето име утре да се поврзува со реализирани инвестиции, градба на капацитети и создавање на енергетски независна Македонија, што ќе донесе бенефит за граѓаните и економски развој на земјата.

ЖМ: А, како е да се работи во делот на рударство и минерални суровини? Веруваме дека земјава може да се пофали на тој план, земајќи ги предвид ресурсите со кои располагаме.

- Рударството е столб на економијата во многу земји, вклучително и во нашата. Оваа индустрија моментално придонесува околу 1% во вкупниот БДП на државата. Македонија има богати ресурси, но тоа богатство треба внимателно да го користиме и чуваме. Вложуваме во модерни технологии кои ја минимизираат штетата врз животната средина и ги максимизираат придобивките за граѓаните. Освен тоа, секој рудник што го посетувам ми е потсетник дека зад бројките и статистиките стојат луѓе кои секојдневно се борат за просперитет. Рударскиот сектор создава над 8000 работни места и најважни се луѓето кои работат во оваа индустрија.

ЖМ: Вие сте и жена која верува во младите и ги поттикнува на разни начини да создаваат. Посебно тука би ја издвоиле енергетиката. Како го користите вашето знаење за да им помогнете на младите да се инволвираат во енергетиката?

- Многу често се користат флоскули за да се задржат младите во земјава, но тие заминуваат бидејќи не постоеше систем во државава. Ние како Влада сме решени да создадеме систем што ќе функционира. Во делот на енергетика веќе зборуваме за дигитализација, микрочипови, автоматизирани системи. Тука се потребни млади кадри.

Бидејќи нема теорија без пракса, лично се ангажирам преку Министерството да им се даде поголема можност да стекнуваат искуство. Токму затоа потпишавме меморандум со универзитетот Гоце Делчев во Штип, истото ќе го сториме и со Електротехничкиот факултет и сакаме да реализираме програми за практикантство кои ќе овозможат студентите да работат директно во Министерството, но и на терен – во електрани, соларни паркови или истражувачки лаборатории. На тој начин да стекнуваат искуство и да создаваме нови генерации на професионалци.

ЖМ: Поборник сте и за женските права. Како амбасадор на WOBA, каков е вашиот пристап за да стигнете до што повеќе жени? Кој е вашиот фокус на овој план?

- Јас сум поборник за тоа квалитетните луѓе, професионалци, да бидат лидери и притоа одбивам да ги категоризирам како мажи или жени. Квалитетот е квалитет и само тоа треба да е важно. Сите заедно можеме да ги срушиме предрасудите. Живееме во време каде лесно се осудува, лесно се лепат етикети, а вистинските вредности тешко доаѓаат на површина. Исто е и за поставување на жени на раководни позиции. Јас сепак доаѓам во свет каде има малку жени кои се дел од енергетиката, но знам дека таму успеав поради мојата посветеност на работата. Затоа сметам дека секоја жена мора да има еднакви права во едно општество, но не само со зборови туку и со конкретни акции. Затоа ја прифатив и улогата на амбасадор на WOBA. Жените во енергетиката се недоволно застапени, особено на водечките позиции и сакам преку мојот личен пример да ги охрабрам и жените, но и компаниите во јавниот сектор, да заборават на стереотипите дека ова е „машка професија“.

Кога зборувам за оваа област морам да истакнам дека сум посебно горда бидејќи новоформираното Министерство за енергетика, рударство и монерални суровини(МЕРМС), освен што го водам јас како жена, во овој момент е едно од родово најизбалансираните министерства во Македонија. Во моментов имаме повеќе вработени жени (38) од мажи (36). Сé уште се екипираме и бројот на вработени ќе се зголеми идната година, но се надевам дека овој тренд на избалансираност ќе го задржиме.  

И во мојот најблизок тим, луѓето што се секојдневно околу мене, повеќето се жени и тоа силни, професионални жени, истакнати и реализирани во својата работа.

ЖМ: Вашето богато портфолио, живеењето во различни земји, искуството кое го стекнавте … Колку од оваа гледна точка денес како министерка ги чувствувате сите тие бенефити и ги применувате?

- Живеењето и работата во различни земји ми помогнаа да стекнам поширока перспектива, не само во енергетиката, туку и во управувањето со луѓе, ресурси и креирањето долгорочни стратегии. Секое искуство од различните култури и системи го гледам како алатка која ми помага да донесувам поинформирани и иновативни одлуки.

Истовремено, можноста да работам во мултинационални компании, во различни земји е огромен бенефит. Научив како да решавам проблеми многу брзо, да преговарам со еминентни компании, да менаџирам и глобалните трендови да ги усогласам со локалните потреби. Искуството од над дведецениската работа во земји со развиена енергетика, сега можам да го употребам во нашата земја.

Денес, како министерка, ги користам тие знаења за да внесам меѓународни практики и стандарди во нашето домашно работење. Тоа значи не само решавање на тековните предизвици, туку и изградба на енергетски сектор кој ќе биде конкурентен и одржлив на регионално и европско ниво.Тоа искуство ми е непроценливо за сега да можам јасно да го видам патот каде треба Македонија да се движи и што треба да постигне за 5-10-15 години во оваа област. Факт е дека сите иновации, се што се случува ново во областа на енергетиката, е во развиените земји. Посакувам секој млад интелектуалец да има можност еден период да работи во таква средина, да црпи знаење кое потоа ќе го примени во својата кариера, во Македонија. На тој начин ќе можеме брзо да ги примениме енергетските трендови и еден ден да станеме земја во која експерти од други држави ќе доаѓаат по знаење и успешни кариери.

ЖМ: Што правите кога немате работни обврски? Онака сосема релаксирано, што ви е приоритет?

- Да направам пресек на работниот ден и план за следниот. Семејството и пријателите секако ми се многу важни. Сакам слободното време што повеќе да го поминам со нив. Ме релаксира и уметноста, чест посетител сум на културни настани, престави, концерти, но и за тоа во овој период имам сé помалку време.

ЖМ: Колку стилот на облекување влијае во политиката? Велат дека тој оддава многу за самата личност … Како би го дефинирале вашиот?

- Вкус и стил е индивидуална работа. Но мојата работа налага одреден начин на однесување и избор на гардероба се разбира.  

ЖМ: Досега од сработеното, на што сте најмногу горда, иако сè уште е рано да се направи пресек?

- Горда сум што за кус временски период успеавме да поставивме функционално министерство. Работиме на законот за енергетика, решаваме проблеми кои ги наследивме и знам дека со мојот тим ќе оставиме резултат со што сите ќе се гордееме. Особено сум горда што следната година, на моја иницијатива, a со голема поддршка на УНДП, Македонија ќе биде домаќин на 14-от Меѓународен форум за енергија и одржлив развој на ОН. Овој престижен настан ќе донесе светски енергетски лидери во Скопје и ќе ја зацврсти нашата улога како предводник во зелената транзиција.

Небојша Толески