Одмор од политика, грмотевици од добра музика: Шоу за десетка на “Ту челос“

Добивај вести на Viber

Преполната Арена „Борис Трајковски“ за концертот на виртуозите на виолончела „Ту челос“ беше убава слика за Скопје сношти. Публиката која ја наполни, избра да се одмори од напнатоста на актуелните политички исчекувања. Додека пратениците ги гласаа уставните измени во Собранието, Стјепан Хаусер и Лука Шулиќ ја свиреа “Грмотевици“ (Thunderstruck).

Концертот на хрватското дуо кое стекна светска слава настапувајќи со Елтон Џон во Бакингемската палата, доцнеше цел час. Нервозата која се создаде во публиката брзо се заборави. Добра забава се ветуваше уште на романтичниот почеток, кога челистите свиреа музика од филмски теми (Титаник, Гладијатор, Дождовен човек). Ги следеа домашни музичари на гудачки инструменти и нивниот тапанар Душан Крањц, кој дојде до израз во вториот, рокерскиот дел од концертот.

„Издржете ја само уште оваа бавна песна, потоа ќе биде подобро“ или „Ви благодарам што останавте до крај, тоа до сега не ни се случило“, беа дел од духовитите коментари на Хаусер и на Шулиќ. 

Каролина Гочева и Весна Бејби Петрушевска со пријателки уживаа во концертот 

„Ту челос“ приредија врвно шоу, за чиста десетка, и од музички и од сценски аспект. Огнот на сцената и конфетите кои паднаа во публика ја зголемија возбудата во партерот. На крајот, публиката беше вокалот на инструменталното дуо. Скопје запеа заедно со “Ту челос“, побара бис, го доби, а Лука и Стјепан имаа една желба, да се фотографираат со среќните лица од полната сала. 

Интересна симболика имаше крајот. Публиката ја напушташе салата додека свиреше песна од Оливер Драгојевиќ, кој соработуваше и настапуваше токму со Стјепан Хаусер. Сите во глас ја пееја “Ко сам ја да ти судим“, во чест на Оливер. 

Концертот го организираше „Авалон продукција“. 

М.Џаровска