ОК е да му простиш!

Добивај вести на Viber

Обично секоја колумна ја започнувам без наслов и насловот го додавам на крај. Но овојпат решив да го направам обратното. Самиот наслов верувам дека на прв поглед ќе поттикне несогласувања со мојата теза. Но, како поминуваат годините и ништо веќе не ме чуди, така повеќе ги разбирам работите и сфаќам дека и највистинскиот некогаш греши. Нема безгрешни.

Морам да признаам минатата недела Ивана Кнез имаше добра колумна со наслов „Прелепотици обединете се“. Инспиративни зборови за женскиот род и компромисите што секојдневно ги правиме за да зачуваме нешто (по секоја цена) или пак да припаднеме негде.

Не се сите жени „сами“, не се сите мажи „лоши“, едноставно понекогаш сме во различни фази во животот. За едни некои работи се случуваат порано, за други подоцна.

Но силно верувам дека за една врска да успее, било дали е другарска, љубовна, бизнис потребни се компромиси и толеранција.

Без компромис, нема успех. ОК е да му простиш, ОК е да си простиш.

Сите правиме грешки. И длабоко во нас го знаеме тоа, и кога носиме погрешни одлуки, и кога свесно се впуштаме во нешто иако потајно знаеме дека можеби не е тоа што го очекуваме.

Често даваме најдобар совет на некој друг, а за самите себе не знаеме. Или пак знаеме, ама сакаме уште малку да почекаме, можеби некое чудо ќе се случи.

Понекогаш размислувам, дали ако ова е 2053 и ние сме опкружени со роботи, дали ќе можеме да ги испрограмираме нивните постапки за никогаш да не прават грешки? За да не се водат од чуства, и секогаш да размислуваат со глава, бидејќи, божем, тоа било рецепт за (не)скршени срца.

* Аријана Коскарова е ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019