ОКТА ќе додели стипендии за втор циклус студии на студенти на УКИМ
ОКТА четврта година по ред ќе додели целосни стипендии за постдипломски
студии на студентите на УКИМ. Компанијата потпиша Меморандум за соработка со
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со кој се продолжува повеќегодишната поддршка
на најстариот државен универзитет. Како дел од својата корпоративна општествено
одговорна стратегија, целта на ОКТА е да се поттикнат студентите да вложуваат
во сопственото образование и професионална надградба, со што ќе се придонесе во
создавањето високообразовани и квалификувани кадри, кои ќе бидат главен
двигател за развој на земјата.
„ОКТА останува цврсто посветена на поддршка на образованието, како и на поврзување на академската заедница со бизнис секторот во државата. И покрај тоа што кризата COVID-19 има негативно влијание речиси врз сите бизниси, како општествено одговорна компанија, одлучивме да ја продолжиме традицијата на доделување стипендии за втор циклус студии. Веруваме дека на овој начин ќе им помогнеме на талентираните и амбициозни студенти да го надградат своето образование, бидејќи токму актуелната ситуација нѝ покажа дека инвестициите во нови знаења се од клучно значење“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.
Компанијата ќе додели вкупно пет стипендии на три факултети кои се блиски и сродни со основната дејност на ОКТА - Факултетот за електротехника и информациски технологии, Технолошко - металуршкиот факултет и Природно - математичкиот факултет (Институт за хемија). Право да аплицираат за стипендија имаат кандидатите кои првпат ќе запишат втор циклус едногодишни студии во првиот уписен рок од учебната 2020/2021 година.
„Особено сме горди што соработката со бизнис секторот, како една од главните стратегиски цели на УКИМ, успешно се одвива и во време кога сите со соочуваме со кризата предизвикана од корона вирусот. Се разбира, ние постојано се стремиме да им обезбедиме квалитетно образование на нашите студенти, бидејќи на тој начин најдобро придонесуваме во создавањето успешни млади луѓе кои ќе бидат носители на идниот развој на државата и на општеството“, рече проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.
Конкурсот за пријавување каде се наведени сите критериуми е веќе отворен и ќе биде активен до 15-ти октомври, кога завршуваат и уписите на факултетите. Изборот на најдобрите кандидати ќе биде направен од комисија од претставници на ОКТА и претставници на секој од трите факултети. Повеќе детали во врска со годинешните стипендии за постдипломски студии се достапни на огласите објавени на интернет страницата на ОКТА.