Онлајн промоција на „Денот кога не се разбудив“ од Moџо Килингтон

Добивај вести на Viber

На 21 март (сабота), со почеток во 20 часот, ќе се одржи онлајн промоција на романот „Денот кога не се разбудив“ од Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Авторот ќе се приклучи онлајн преку својот профил на „Фејсбук“. Промоцијата ќе биде интерактивна, па во меѓувреме читателите може да му поставуваат прашања.

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет-страницата „Фчерашни новости“ која објавува сатирични „вести“, кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.
„Денот кога не се разбудив“ е негова втора книга, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ („Арс Ламина“ 2019 г.), но e негов прв роман.

Со дебитантскиот роман „Денот кога не се разбудив“ Моџо Килингтон ги предизвикува читателите да се преиспитаат себеси и својот живот, да размислат за вистински важните работи, пред да биде предоцна.

„До кај и да бев, доста ми е од седење покрај себе. Ја сфаќате поентата, сега откако умрев, сфатив дека цел живот сум го промашил, ќе се вратам за околу половина час од мртвите, како што е договорот, и ќе го сменам животот. А вие сменете го додека не стигнете до овде, да ви каже нешто дедо“, пишува авторот во романот.

Приказната во книгата се движи околу педесет и кусургодишниот Пол, кој едно саботно утро станува од спиење и во кујната гледа непознат човек, кој всушност е ангел испратен да го спроведе до рајот. Сфаќа дека е мртов и има неколку часови да реши дали ќе оди или ќе остане. Времето го користи за посета на блиските луѓе, меѓу кои и неговата најголема љубов, Мери. Чувството е поразително – неговиот живот е комплетно промашување. Дали да се врати да ги поправи работите или да замине засекогаш?

Книгата ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“. Ќе може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk, каде што ќе биде со 30% попуст.