Орка Холдинг: Земјиштето кај Мајчин дом не е, ниту некогаш била наша сопственост
Во 17 часот пред Мајчин дом граѓани од скопската општина Аеродром ќе излезат на протест поради почнатата изградба на висококатница на зелената површина. Од ноќеска почнаа да пристигнуваат багери на местото каде ќе никне висококатницата а граѓаните му се лутат на градоначалникот бидејќи не преземал ништо од тоа што ветил во изборната кампања.
Во пресрет на денешниот најавен протест од компанијата Орка Холдинг со соопштение до медиумите ги отфрла шпекулациите кои се појавија во дел од медиумите околу сопственоста на земјиштето каде што е веќе започната изградба.
„Најодговорно тврдиме дека споменатото земјиште не е, ниту некогаш било во сопственост на Орка Холдинг. Граѓаните беа сведоци на лажните изјави на тогашниот кандидат, а сега градоначалник на општина Аеродром Златко Марин во врска со наводната сопственост со споменатото земјиште. По наше предупредување со тужба за клевета сегашниот градоначалник јавно се извини за дадената лажна изјава.
Со оглед на фактот дека Орка Холдинг е компанија која своето работење го темели на силни вредности како грижа кон општеството и заедницата чувствуваме потреба и одговорност кон граѓаните уште еднаш јавно да го расветлиме овој случај“, стои во соопштението испратено до нашиот медиум.
Фото: Фејсбук