ОСТАВИ ГО ДЕТЕТО И ЗАМИНИ СИ: Кога е најдобро време децата да тргнат во градинка?
Кога е најдобро време децата да тргнат во градинка? Родителите во Македонија најчесто чекаат да наполнат три години, но има и такви кои сметаат дека прилагодувањето во новата средина подобро ќе има оди додека уште додека се бебиња, во јасли.
Светските психолози не одредуваат точна возраст за почнување во градинка. Истражувањата велат дека за детето е најдобро да тргне во оној момент кога ќе почне да покажува интерес за другите деца. Тука нема правила, па така некои деца порано покажуваат интерес, некои подоцна. Како да го препознаете тој момент? Ако вашето дете покаже потреба да му се доближи на друго дете, било да го погали по главата, да го допре за рака или пак само да биде во негова близина, или било каков друг вид на интеракција. Тоа најчесто се случува кога детето има околу 18 месеци, но сепак варира од дете до дете и не постојат одредени правила.
Пред детето да тргне првиот ден во градинка, родителот би можел да му предложи од дома да земе некој предмет кој го сака. Убаво е, во занималната да има нешто што го потсетува на домашната атмосфера. Ако детето е помало, тоа може да биде некое перниче или кадифена играчка, или било каков предмет кој му дава сигурност и поврзаност со матичната средина.
Според детскиот психолог Христина Стефановска, идеална возраст за интегрирање на дете во предучилишна установа е тригодишна возраст.
„ Треба да бидете свесни дека вашето дете многу јасно, го прима и го разбира вашиот став за градинката. Затоа, кога зборувате за градинката, најпрво концентрирајте се на позитивните аспекти од посетувањето градинка а тие се многубројни како на пр: подобрување на социјалните вештини, стекнување неависност, одговорност, чувство за ред и дисциплина, учење нови поими, стекнување на здрави навики, подготовка за училишниот период. Објаснете му на детето што значи градинката: дека е убаво и пријатно место каде ќе се дружи со многу други дечиња, ќе игра, црта, ќе пее, но подгответе го дека ќе има поделено внимание, бидејќи двете учителки ќе се грижат не само за него, туку и за сите други деца. Подгответе го за секојдневието во група, различно од дотогашното: дека ќе треба да ги дели играчките со другите, да чека на ред. Секако, таа подготовка не можете да ја направите непосредно пред тргањето во градинка, туку многу порано. Често посетувајте детски игралишта и набљудувајте го неговото однесување. Потоа, разговарајте со него за неговите впечатоци и суптилно посочете му ги добрите, но и лошите примери во однесувањето на другите деца. Верувајте му на вашето дете дека ќе се придржува до правилата на однесување што ќе ги утврдите кажувајќи му: “Верувам дека сите овие правила ќе бидат исполнети од твоја страна“. Користете пофалба и опис за детето: Умно момче-девојче, натерајте го да поверува во описот дека навистина е умно дете“, ни изјави психологот.
Подгответе го детето за работа во група.- детски психолог Христина СтефановскаСтефановска додава дека социјализацијата секое дете ја доживува различно, некои ќе се вклопат веднаш, на други им треба повеќе време а тоа ќе зависи од нивниот темперамент и ставот кон средината. „Децата до тригодишна возраст додека се во група најчесто си играат сами покрај другите деца, а не заедно со другите деца. Ова е сосема нормално и постепено ќе се менува“, вели таа.
Првата адаптација, трае околу еден час, до час и половина. По некое правило, првото оставање на детето во градинка не би требало да трае подолго. Доволно е во тој час детето да ги помине само основните рутини: да има еден заеднички оброк со децата и некое време да помине во игра. Тој период во текот на времето по малку се продолжува, и дури кога родителите, во договор со негувателката ќе решат да го остават детето во градинка полно работно време, можат да речат дека тоа е адаптирано.
Во дел од скопските градинки, негувателките одат дури и со помали чекори, првото оставање на детето трае само петнаесет минути до половина час, и потоа секој ден претстојот му се зголемува за половина час.
„ Многу ми беше тешко кога ќерка ми која имаше една година, ја оставав за прв пат во градинка. Плачеше толку силно што се слушаше до крајот на улицата каде што се наоѓа градинката. Стоев пред влезот и не знаев што да правам. Еден дел од мене сакаше да ја земам и да ја вратам назад, а друг ви велеше дека морам да бидам цврста и да ја оставам да се навикне. По договор со негователката, се вратив за помалку од еден час. Ѕирнав низ прозорецот на занималната. Ќерка ми, иако беше црвена во очите од плачење, беше насмеана и си играше со другите деца. Бев на одмор кога траеше тој период на адаптација. Првиот пат додека ќерка ми остана во градинка бев многу вознемирена. Вториот пат, остана повеќе од еден час, а јас успеав да испијам едно кафе на мира. Иако мислите ми беа кај неа, убаво се одморив “, ни изјави една мајка од Скопје.
Искуството на друга пак, вели дека советувањето со блиски пријателки и роднини и помогнало полесно да се одвои од детето и со тоа да му го олесни стартот во градинка.
„Си реков на себе си: Детето ќе ми плаче, знам. Но, најдобро е само да собереш сила, да го оставиш, и да си заминеш. Да не се враќаш назад, да не се двоумиш, колку и да боли. Тоа беше совет што го послушав од постара пријателка и многу ми помогна“, вели мајката.
Милица Џаровска