Освоив четири врвови на Андите, еден во Африка, но Пелистер не би го менувала за ништо на светот: Убајни ми е на душата – Ана Котевска за планинските успеси

Добивај вести на Viber

Ана Котевска од Битола е планинарка која со свои 29 години покрај врвовите на планините во нашата земја, освои четири врвови на Еквадорските Анди, се искачи на најоддалечената точка од центарот на Земјата, а од неодамна го освои и врвот Ухуру на Килиманџаро.

Битолското чупе, пиењето кафе на Широк сокак го замени со утринско кафе на Пелистер и изгрејсонце над Баба Планина. Поглед кој не би го менувала со никој досега поглед од освоен врв.

Ана воедно е и волонтер-тренер за кошарка во Специјалната Олимпијада на Македонија, а исто така и волонтер во Црвениот Крст на Битола, во делот за спасување и одговор при катастрофи.

Планинските врвови и нивно освојување за Ана се предизвик на кој со задоволство ќе одговори, а планината е местото каде ги открива нејзините силни и слаби страни, учи како да е солидарна и ги почитува правилата и законите на природата.

ЖМ: Уште еден предизвик на кој одовори достоинствено, го искачи највисокиот врв во Африка – Ухуру на Килиманџаро. Какви импресии носиш од таму и како се одвиваше целиот процес?

- Процесот на планирање, подготовка и искачување на некој врв, го започнувам приближно една година пред реализацијата. Планирањето и крајниот исход на искачување на некој врв, некогаш претрпуваат измени, конкретно последното искачување на Ухуру, беше токму такво. Со помала група имавме започнато подготовки за искачување на некои врвови на Анди, Јужна Америка, но поради откажување на повеќето од групата, првичниот план претрпи промени, што резултираше со искачување на највисокиот врв во Африка. Искуство кое никогаш нема да го заборавам. Целиот процес на организација и подготовки ги организирав јас, во координација со локален водич од Африка. Бевме група од 3 планинари, јас, Никола и Христијан, сите од Битола. Подготовките и тренинзите претежно ги правевме на Баба Планина и Шара, во комбинација со фитнес и трчање. Кога станува збор за импресиите од Африка, почнувајќи од приемот и запознавањето на водичот и неговиот тим; целата организација за успешно искачување на врвот; грижата за нас на планина и во слободните денови, сафарито и другите активности што имавме можност да ги реализираме, нè оставија без зборови. Како да го пронајдовме духовниот мир во Африка. Афричкиот народ е весел, гостопримлив, полека се одвиваат процесите, луѓето се скромни и благодарни за сè што имаат, иако навидум тоа изгледа малку во споредба со она што го имаме ние. Едноставно нивниот начин на живот и енергија, придонесоа ние како група да имаме незаборавни искуства од Африка. И да ако ме прашате, повторно би одела и тоа на подолго време.

ЖМ. Имаше ли некои специјални подготовки, бидејќи станува збор за врв со над 5000 метри надморска височина?

- Подготовките без разлика дали е врв над 5000 м или понизок, практикувам да ги правам исто, како физичките така и психичките подготовки, со тоа што за одредени искачување тоа може да го правам поинтензивно и со посебен акцент на одреден сегмент. Практикувам да се подготвувам преку цела година, постепено, со тоа што пред самото заминување на експедиција ги зачестувам искачувањата над 2500 м, а воедно и да отспијам на таа висина, ден-два, зависно од временските услови.

ЖМ: Со што те освои врвот Ухуру на Килиманџаро?

- Самата планина и врвот на прв поглед даваат таква слика и енергија на питома планина. Кога ќе почнете со искачувањето, ден за ден, како се менуваат пределите и вегетацијата, како се зголемува висината, така сфаќате дека станува збор за „планиниште“ во буквална смисла на зборот, ќе ве исцрпи максимално, како еден вид психолошки тест за самите себе. Врвот многу не ми остави впечаток, бидејќи имавме доста ветровито време, а и истовремено на врвот имаше и други групи. Но целото искачување би го издвоила од сите досегашни, си открив многу силни страни, а богами и по некоја слабост.

ЖМ: Имаше можност да прошеташ низ кој дел од Африка и што ти остави впечаток? (луѓето, менталитетот, начин на живеење, храна)

- По искачувањето на врвот, имавме неколку дена слободи кои ги искористивме за прошетка во градовите Моши и Аруша, а посетивме и некои рурални предели во Марангу регионот. Користевме јавен превоз, пробавме различна африканска храна, која беше доста вкусна, некои локални пијалаци. Имавме организирана посета на плантажи за кафе и учење на целиот процес како се добива кафето. Поминавме неколку дена на сафари, и посетивме уште неколку локални атракции. Но она што ми остави најголем впечаток е грижата на локалниот водич и неговиот тим за нас од почеток до крај. Нивната пожртвуваност и гостопримство да ни го прикажат афричкиот начин на живот во најдобро светло и нивната смиреност и скромност. Едноставно луѓето таму живеат во духовен мир.

ЖМ: Дали Пелистер (Баба Планина) би го менувала со некоја друга планина?

- Се разбира дека не би го менувала за ништо нашиот Пелистер. Иако секоја планина и секое искачување си е интересно и карактеристично само по себе. Некако на Баба планина и Пелистер си се чувствувам како дома. Убајни ми е на душата.

ЖМ: Паметиш ли кое беше твоето прво искачување на планина и каде беше?

- Првото искачување ми беше на Копанки, во шесто одделение, кога организирано од основните училишта нè носеа во Детското одморалиште на викенд.

ЖМ: Каде на која планина го има најубавото изгрејсонце, а каде најубавото зајдисонце?

- Кога станува збор за изгрејсонцето и зајдисонцето, не можам да одделам на која планина е најубаво. Самиот момент е убав кога тоа го доживувате над 2000 м, во тишина заедно со луѓето кои ви значат и поддржуваат во тоа што го правите. Тие се незаборавни моменти, кои без разлика на која планина сте, ги паметите за секогаш.

ЖМ: На твојот инстаграм профил често објавуваш преубави фотографии од изгрејсонца, дали се најчесто од Пелистер?

- Кога станува збор за фотографиите, да тоа најчесто се од Пелистер, така најдобро може да се организираме за искачувањето, без да треба да се патува или да отсуствуваме повеќе дена, бидејќи сепак станува збор за ноќни искачувања.

ЖМ: Кои други врвови ги имаш освоено во Македонија?

- Во Македонија ги посетувам скоро сите планини барем два пати годишно, со тоа што правам зимско и летно искачување. Акцентот сепак е на Баба Планина, Кораб и Шар планина.

ЖМ: Какви спомени носиш од врвот Чимборазо на Еквадорските Анди, кој мерен од центарот на Земјата е најоддалечената точка?

- Врвот Чимборазо, а и самите Анди, досега ми биле најпредизвикувачки. Со оглед на тоа што тој ми беше последен врв за искачување од четирите, а воедно и прв пат се искачував над 6000 м, ми беше доста напорно. Не толку физички, колку што полека, полека ја губев таа психичка спремност и мотивација. Затоа во тие моменти се битни и доаѓаат до израз претходните подготовки и тренинзи на нашите планини, кои ги правиме во секакви услови и моменти. Конкретно на Чимборазо, во текот на искачувањето сакав да се откажам 10 пати, ама заедно со Борката и Зоки, меѓусебно се мотивиравме си дававме поддршка и тоа резултираше со успех. За тие планинари, авантуристи кои сакаат предизвик и екстремности им ги препорачувам Андите.

ЖМ: Си се соочила ли досега со некоја несакана ситуација додека си била на експедиција?

- Самата сложеност на експедициите и тоа што учествуваме повеќе планинари, со различни карактери и навики, во одредени моменти може да доведат до некои несакани случки и последици, но никогаш тоа не резултирало со некоја фатална последица. Со меѓусебна комуникација и разбирање, сме ги решавале проблемите и препреките, сепак на експедициите сите сме со една цел, тимски сите заедно да се искачиме на врвот, да го развијориме македонското знаме и да се вратиме здрави и живи дома.

ЖМ: Планинарењето освен што влијае на физичката активност и форма, влијае и на менталното здравје и придонесува за ослободување на негативна енергија. Што тебе ти донесе планинарењето, кои бенефити?

- Планинарењето е начин на живот. Се запознавате самиот себе, го запознавате вашите силни и слаби страни. Учите како да сте солидарни, како да ги почитувате правилата и законите на природата, како да се поклоните на планината. Запознавате планинари од секакви средини, различни карактери, ама таму горе, сите сме исти. Покрај разговорите со стручните психолози, планината е втората опција која треба да се практикува за подобрување на менталното здравје.

ЖМ: Четири освоени планински врвови на Еквадорските Анди не ти беа доволни, ниту пак безброј искачувања на Пелистер, кој е следниот предизвик за Ана?

- Следниот предизвик, најверојатно ќе биде повторно Јужна Америка и Анди. Имам започнато некои првенствени подготовки, но ништо конкретно. Периодов ќе се фокусираме на Македонските планини.

Габриела Додевска Глигоровска