ОТВОРЕН ПИЛАТЕС ЧАС ВО ЧЕСТ НА ПОЧИНАТАТА ИНСТРУКТОРКА: Сите ќе вежбаме за Ирина
Во чест на починатата пилатес инструкторка Ирина Митевска, нејзините колешки и ученички организираат отворен пилатес час, кој ќе се одржи вечерва од 19 часот на Школка во Градскиот парк.
Ирина, која „зарази“ стотици девојки и жени со популарната дисциплина, ненадејно почина лани на 30 мај во Скопје. Многу нејзини пријателки и колешки со емотивни статуси се збогуваа со неа на социјалните мрежи. Една од нив беше и водителката Снеже Велков, која сега е инструкторка во „Пауер хаус пилатес“. Снеже ни раскажа повеќе за денешниот настан на кој таа и нејзините колешки со радост го очекуваат.
Ирина, која „зарази“ стотици девојки и жени со пилатесот, ненадејно почина лани на 30 мај во Скопје
„ Помина една година откако почина Ирина. Затоа одлучивме во нејзина чест, да одржиме отворен час со идеја да покажеме дека се уште веруваме во нејзината идеја и желба, и дека одговорно и масовно се уште ја шириме нејзина љубов кон пилатесот. Да покажеме дека Ирина уште живее во секоја вежба, секое движење и секое одбројување. Сакаме на едно место да ја собереме целата армија вежбачки која ја регрутираше изминативе 18 години и во тој час сите заеднички да ја почуствуваме нејзината енергија. Ќе вежбаме за себе, а во чест на Ирина“, ни изјави Снеже Велков.
Во претходно интервју за Женски магазин, таа раскажа дека пилатесот и е голема љубов, а се засакале пред десет години. „Пред некои три години влеговме во сериозна врска- станав инструктор. Напорно вежбав. Почнав од 2008 година, за дури во 2015, кога со Ирина се договоривме дека можам да се обидам, почнав да навлегувам во инструкторството. Ирина ми беше ментор, колку само часови заеднички имавме, па не вака, па почни така. Напорно, но не жалам за ни еден момент. Мојата желба и сон ми се остварија. Благодарение на вербата на Ирина во мене и мојата упорност да не отстапам, кога цело тело ме болеше и глас не ме држеше“, изјави Снеже и се присети на првиот час како инструкторка.
Благодарение на вербата на Ирина во мене и мојата упорност да не отстапам, кога цело тело ме болеше и глас не ме држеше.- Снеже веќе три години е пилатес инструкторка
„ Ау, која трема беше првиот час. Нешто нешто како пред камера. А и полошо- тука добиваш директно поглед на одобрување или критикување. Прво ме гледаат со прашалник. Од типот: од кај ми е позната девојкава? На крај од часот ќе ме прашаат дали сум таа за да си потврдат. А мене срцето ми е најполно кога на крајот од часот ќе добијам аплауз“, раскажа Снеже.
М.Џаровска