Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: Како ги усогласуваме сите наши улоги?
Еве, ме! Тукушто помислив дека се пробивам како пиле низ јајцето и се организирам во „сите“ улоги што сум ги презела, еве ме, во нова улога! Ќе пишувам за вас и со вас, а и ќе се сретнуваме навечер во „живо“ за да дискутираме на разни теми од животот коишто ни се важни и потребни сега, а, можеби и во други времиња... И, бидејќи животот не може да се подели така прецизно и јасно на – работа и живот (business & life), ќе напишам денес нешто за сите наши улоги што ги преземаме во различни области од животот.
Ви пишувам како професионален коуч со искуство и во улогите на мајка, ќерка, сопруга, сестра, другарка, колешка, менторка, менаџер, претприемач, вработена, готвачка, чистачка...
Веројатно повеќе од кога било, во последниов период го осетивме на своја кожа менувањето улоги и идентитети по неколку пати во денот... Ситуацијата ни наложи да менуваме улоги, а сето тоа на истата локација - нашиот дом!
Некои луѓе за прв пат се сретнаа со обврската/ улогата на грижа за друго лице, за домот и/или децата, а некои пак, со ситуацијата да имаат вработени коишто треба да се грижат за други, во работно време.
Ние, во животот, имаме повеќе улоги со што на некој начин преземаме и други идентитети. Често пати се случува тие наши улоги да започнат да се „натпреваруваат“ меѓу себе за време, внимание и дел од нашата енергија.
Што правиме тогаш? На која улога да и' одговориме прво, побрзо или со повеќе внимание? Како да ги одредиме приоритетите, балансот, а, за тоа време, да се справиме и со чувството на вина во моментите кога сме само во една улога, а другите се ставени на чекање...
Постојат многу пристапи и техники на помош, на лично водство и лично менаџирање. Според мене, основата започнува со освестување дека ова им се случува и на други луѓе, а не само вам, дека нема совршено решение и совршени луѓе, и дека имаме право на избор како ќе пристапиме кон предизвикот да „жонглираме“ со повеќе улоги во истиот ден...
Уште поважно е да научиме да не бидеме многу строги кон себе и да ги моделираме барањата и приоритетите според ситуацијата. Во некои денови (периоди) ќе доминира едната улога, во други - ќе дадеме повеќе внимание на друга наша улога...
Кога ќе сведеме баланс на неделно, месечно или годишно ниво - тука има место за анализа: на која улога и' дадовме најмногу време, внимание и енергија? Која е запоставена и со што може да се освежи?
На пример, според мене, не е задолжително на секоја улога да и’ доделиме исто време во денот, секој ден. Ако денес сме биле повеќе зафатени и посветени на работата (во друга прилика и за микро-распоредот во рамките на секоја улога), ќе ни помогне ако се запрашаме: „Што е она што можам да го пружам како родител, како партнер(ка), а да биде најважното, најквалитетното, најрелевантното за денес, во овие 2-3-4 часа што ги имам?
Ако сме се посветиле на домот, на работата, а сакаме да си посветиме време себеси, исто така помага ако го користиме принципот „по малку за сите (интереси)“, па така ќе си овозможиме едно денес (да гледам филм), друго утре (да читам книга), трето задутре (да се негувам со она што можам од дома)... И така со ред...
Важно е да знаеме дека не можеме секој ден од се’ да направиме, било да е тоа наша улога или некоја активност во рамките на таа улога. Овој пристап раѓа чувство на вина, бидејќи поставуваме преголеми очекувања од себе и потоа – се разочаруваме.
Ние сме една личност, која е целина од повеќе делови, идентитети што исполнуваат улоги коишто сме ги избрале или прифатиле. Обидете се при секое правење распоред или преземање улога да го најдете во себе делот што сите ги обединува и да ја најдете смислата што ја носи секоја улога за вашата личност, да побарате начини како вашите различни улоги да соработуваат?
Обидете се да најдете свои, креативни начини како да посветите време на секоја ваша улога во одреден момент и да прифатите дека ништо не е вечно, па ни вашата ангажираност во една улога, да си ветите и запишете што и кога ќе направите нешто за онаа улога што ја чувствувате запоставена. Почнете со тоа што прво ќе најдете време и ќе осетите што точно и’ треба?
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching