Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: Совршено несовршени

Добивај вести на Viber

Или, ајде да пишам: Несовршено совршени. Можеби е попрецизно, а? Друга слика дава вака? А, да пробам друга комбинација? Која ми е пораката? Хм.... Вака поубаво звучи. Онака поубаво изгледа.... Ух, отиде половина час, а уште немам наслов...

Всушност – која ми е темата?

И што е овде поважно – насловот или содржината? Пораката?

Чекај, чекај, станува збор за ЕДНА колумна, еден текст, се чита ден-два и се заборава.... Не е книга, животно дело... Хм? Па, и да е?

Колку често сте се нашле во ваков разговор со себе?
Колку често сте мереле, сте се премислувале, сте го барале...совршеното?

Колку пати сте одлагале, потрошиле време во ситни делови, а целината чекала, или сте пропуштиле други работи за тоа време, а кои сте можеле да ги направите?

Колку пати нешто не сте го ни започнале бидејќи сте верувале дека не можете да го направите на совршен начин? Дали постои совршен начин? Дали постои совршен човек? Дали постои совршенство? Можеби, во природата.

Барањето совршенство од себе и од секоја активност може да е уште еден наш „совршен“ внатрешен механизам на бегство, заштита од непознато, камшик што не ни дава да уживаме во себе и во своите постигања.

Убаво е да стремиме кон квалитет, кон високи постигнувања, кон внимание на деталите. Тоа може да биде добра мотивација да бараме повеќе од себе и да поставуваме високи цели. Она на што сакам да укажам е да забележиме кога тоа станува претерано, кога станува опасно за следниве нешта:
- немаме задоволство (од себе, од постигнатото, од другите луѓе околу нас, од животот)
- трошиме време или сме непродуктивни (наместо да сработиме повеќе работи, ние подолго време поминуваме на една работа, на една обврска, на едно дејствие, активност)
- одложуваме или не започнуваме работи, па потоа се доведуваме до стрес или ги завршуваме во последниот момент. Или воопшто не ги завршуваме... Од колку ли само резултати и задоволства се лишуваме самите себе?

Перфекционизмот често е поврзан со чувства на недоволна вредност, со длабоки уверувања дека мора многу повеќе од другите да се „трудиме“, дека мора се’ да совршено, или не е доволно добро. Или ние не сме доволно добри. А, кој кажува што точно е совршенството? Тука е мамката, бидејќи тоа пак сме ние самите, во нашата внатрешност на личноста, каде што се наоѓаат мислите, емоциите, нашите мерила и вредности. И, се’ некако го дигаме прагот...

Постојат повеќе пристапи и техники за осознавање и ублажување на оваа појава. Одредувањето приоритети е поврзано со нашето менаџирање на времето, емоциите, резултатите. Барањето совршенство вели дека се’ е важно и се’ мора да биде до најситниот детаљ контролирано од нас. За почеток, корисно е да си направиме еден список, една искрена листа со тоа што се наши вредности, што ни е важно, без што не можеме, за што се залагаме. Потоа, што се нашите животни желби. Ако добро си ја запомниме таа листа, тој список, секогаш кога ќе треба да „процениме“ колку време и деталност за нешто да посветиме – веднаш да се запрашаме дали е дел од списокот? Колку е важно? И дали е поважно да го направиме (имаме) што порано (побрзо) или е важно како и колку совршено е?

Тогаш ќе можеме полека да го „попуштаме“ перфекционизмот и да почнеме да си дозволуваме да се чувствуваме совршено подобро во нашата несовршена кожа. Да научиме да се прифаќаме себеси онака несовршени какви што не’ создала совршената природа..

Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот. 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching