Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: Свесна комуникација
Комуникација, една од моите омилени теми и специјалности. На што прво помислувате кога ќе го чуете/ прочитате „комуникација“?
За ова постојат многу книги, прирачници, презентации, различни видови обуки, дел од нив и јас самата ги водам, или со моите колеги... И, можете на комуникацијата да гледате од различни агли и аспекти. Едно е важно: комуникацијата е наша способност на која треба да гледаме како на вештина, алатка за да изразиме и постигнеме нешто. Многу често, влегуваме во комуникација, без да сме свесни за она што сакаме да го постигнеме. Вечер, од 20:30 часот, на отворена онлајн работилница (вебинар) ќе зборуваме повеќе за ова. Линкот за приклучување ќе го најдете најдолу.
Сега сакам да ви свртам внимание на еден вид комуникација, по мене, најважната!
Дали сме се запрашале и искрено одговориле на следново:
Кој е нашиот најдобар пријател?
Кој е нашиот најверен животен сопатник?
Кој е нашиот најголем деловен партнер?
Имаме можност да размислуваме и да набројуваме, а, ако успееме брзо да се сетиме дека тоа сме самите ние, се отвора нов пат до еден голем личен успех. Oва не’ води кон следното прашање:
Како комуницираме со себе?
Дали сме го забележале внатрешниот глас којшто постојано и неуморно работи? Каков е тој глас? Каков му е тонот, брзината, висината? Дали е строг, отсечен, груб или е мек, топол и охрабрувачки? Дали ве сече како остар нож или трупија или е како топла мека наметка, блага рака спуштена на нашето рамо додека ни се нуди чаша ароматично вино или шолја топол чај?
И додека ги читате овие редови, ги замислувате и чувствувате овие две различни состојби, добивате различни мотивации. Така е и со вашиот глас, оној со кој што се обраќате на себеси.Со различен глас, со различна комуникација – добивате различна внатрешна мотивација!
Сите имаме некој внатрешен глас, а, можеби и повеќе. Со нив ги анализираме надворешните настани и случувања, а со нив комуницираме и со себе. Си зборуваме, прераскажуваме, коментираме, носиме заклучоци... Тој глас е еден вид навигатор за нашите одлуки, за нашите емоции, чувства, па и за нашето однесување. Тој глас, често пати, ни кажува што следно (треба да) направиме. Што да мислиме, како да се чувствуваме. Зборовите што си ги кажуваме влијаат на тоа какви чувства си предизвикуваме...Чувствата влијаат на нашата целосна состојба. А, од неа, погодете што? Од неа зависат нашите постапки, а од нив зависи нашиот успех. Зависи дури и што ние подразбираме за успех.
Сме помислиле ли некогаш како си влијаеме на себе со она што си го зборуваме? Дали со она што си го зборуваме себеси ние си даваме охрабрување, почит или постојана критика, тага? Сме ги забележале ли зборовите со кои се обраќаме на СЕБЕСИ? Понекогаш, она што ќе си го кажеме себеси во лутина, не би ни го кажал ни најлошиот непријател, ни најголемиот непристојник...
Ако ни станува јасно дека начинот на којшто комуницираме со себе влијае на нашите постапки, на нашите чувства, на состојбата во која се наоѓаме, а сето тоа влијае на нашите резултати, на насоката и на нашиот успех во животот – како би било да размислиме, да осетиме и да решиме да почнеме да го менуваме тоа?
Како можеме тоа да го направиме?
Прво, важно е да го освестиме начинот на којшто се обраќаме и комуницираме со себе. Да го слушаме, набљудуваме, осетиме овој наш дел свесно. Секој од нас го има тој внатрешен глас, а една од неговите појавности е во вид на внатрешен критичар. Тој е „вработен“ 24/7 да зборува, мери, споредува и критикува, најчесто нас самите, за да не’ спречи да направиме нешто поразлично од нашите уверувања и да не’ чува на „сигурно“. Често пати, тој глас постојано ги критикува другите луѓе, а тоа пак не’ врти во истиот круг, бидејќи нашиот несвесен дел тоа може да го подразбира и како критика на нас самите...
Потоа, да оцениме како делува на нас секој различен вид комуникација со себе? Како се чувствувам, какви се моите состојба, мојот став и моите постапки ако си речам: „Баш си смотана!“ или “Гуско глупава!“ во споредба со „Ха, ова секому може да се случи... Како најдобро да го средам ова? Како да внимавам следниот пат? Што можам да направам да бидам
Можеме и да пронајдеме некоја личност која што некогаш ни давала поддршка, или која што ја почитуваме (не мора да се познаваме), па да го „позајмиме“ внатре во себе гласот на таа личност, за да ни дава пофалби кога треба, насоки и поддршка. Пробајте да се пофалите себе секогаш кога нешто ќе завршите, добро ќе постапите, ќе донесете добра и/или храбра одлука, ќе се чувствувате убаво... Пробајте да си кажете: „Браво за ова, одлично го направи. Навистина стануваш мајстор во ова...“
За вежба и усовршување, можеме да си поставиме предизвик да се преиспитаме во некои ситуации кои ни се важни и клучни во животот. Да станеме свесни како комуницираме со себе во тие ситуации, па да вежбаме нови пристапи. Нови, поинакви реченици и тон, оние што охрабруваат, смируваат, уверуваат и даваат нова сила. Влечат напред. Нас не’ влечат напред и кон подобар резултат на ситуацијата.
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 20.30 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching