Парите за купување стан ги заборавил во кафуле - совесна келнерка му ги вратила

Добивај вести на Viber

Келнерка во кафе бар во Апатин, Србија пронашла торба со 30.000 евра и му ја вратила на сопственикот, пишува српски „Курир”.

Човекот тргнал да купува стан во градот Сомбор, а застанал во кафулето да се освежи. Тој се појавил во кафулето во раните попладневни часови, се напил пијалок и брзо излегол.

„На неговото место остана црна торба, ја земав и ја оставив на шанкот, претпоставувајќи дека ќе се врати“ - рекла келнерката. 

За случајот сведочел нејзиниот колега, кој дошол на смена кога си заминал гостинот.

„Не помина долго време откако колешката ја најде торбата, кога загрижениот сопственик се појави на вратата од кафулето. Таа му ја предаде торбата, известувајќи го дека била на сигурно и дека никој не ја допирал. Следеше пребројување, а уплашениот сопственик брзо сфати дека сите пари се таму, 30.000 евра, па и понуди награда. Тој објасни дека со тие пари сака да купи стан во Сомбор и кажа дека живее во Хрватска. Мојата колешка му се заблагодари за понудата, кажувајќи му дека и таа доживеала слична ситуација во која загубила нешто многу вредно, за среќа и било вратено. Нејзина должност и била да ги чува заборавените работи и да чека сопствениците да се вратат по нив“ - раскажал келнерот.

Сопственикот сепак ја наградил за добриот гест со 1000 српски динари.