Пејачката Анета Наковска го живее американскиот сон: Уживам на Флорида

Искрена, срдечна и позитивна. Тоа беше забележливо кога ѝ се јавивме за интервју. Во тој миг беше на плажа со сопругот и пријателите. Се одмараше од возењето со скутер.

Пејачката Анета Наковска живее во Сарасота, блиску до Тампа, еден од поголемите градови на Флорида. Има свој тим на соработници, со кој настапува по тамошните клубови и цркви.

Причината за нејзината преселба во ветената земја е љубовта. Во 2015 година се омажи за Македонец, кој е роден и живее во Америка.

* Некогаш судбината е како мала бура која оди по нас, постојано. Ги менувате правците, но таа не престанува да ве следи. Твојата судбина беше да се омажиш за Македонец кој е роден и живее во Америка. Дали сега ги живееш најубавите и најсреќните денови?

- Да, токму така. Судбината ми била, како што велат: човек токму тоа што не го сака, тоа му доаѓа на глава. Порано не можев да се замислам себеси да живеам во странство, особено во Америка. Ми беше навистина тешко да се прилагодам.  Сама тука со сопругот, далеку од моите најмили, од моите сакани. Имаше една таква првобитна бура, којашто некако помина. Некако човек се помирува со тоа дека ете, каде ти е мажот, таму ти е домот. И полека се адаптирав, со тоа што не живеевме постојано тука. Одевме по неколку месеци и во Македонија. Тоа ми беше олеснителна околност. Таа адаптација помина одамна, меѓутоа никогаш не сум сакала да прифатам да живеам засекогаш тука. Дефинитивно. Можам да кажам дека сега ги живеам моите најубави денови. Кога си го најдов вистинското друштво, вистинска екипа на луѓе, коишто се, да речам, моја крвна група, кога имам вистински пријатели околу мене. Некако сѐ е полесно, сѐ е поподносливо. На сѐ човек гледа со повеќе позитива, кога имаш поддршка од луѓето околу тебе.

* Како ја пребродивте таа бура?

- Мојот сопруг имаше навистина големо разбирање за мене. Така што повеќе од времето поминував во Македонија. Во мојата таковина, којашто навистина ја носам во душата и најсреќна сум кога сум си дома. Дома во Македонија. Затоа и почнавме да градиме ресторан во Македонија, за да се задржиме таму што подолго. Во нашиот ресторан настапуваше и врвот од естрадата. Ги имав договорено настапите на моите драги колеги Дамјан Стојановски, Јордан Митев, Спасен Сиљановски, Елена Велевска, Наум и Зуица, Стојне и Мојсо, Марјан Коцев, Сања Барбика... На тој начин и се дружев со колегите. Беше навистина прекрасно.

* Како би ја опишала Флорида и градот во кој живееш со сопругот? 

- Градот кадешто живееме се вика Сарасота, блиску до Тампа. Тампа е поголем град, познат во Флорида. Флорида е специфична за живеење, бидејќи како што знаеме секогаш е лето. Нема зима, тоа ги олеснува сите околности на секојдневниот живот. Туризмот е развиен. Местото е такво какво што си го замислуваме, сончево со палми, со постојано прекрасно топло време. Одиме често на плажа. Со другарка ми Слаѓана често знаеме да си појдеме на плажа. Тоа е една навистина многу олеснителна околност за мене, бидејќи јас сум вљубена во море, сонце и плажа. Тоа ми е еден голем мотив за да живеам тука. Тоа навистина ме привлекува, ме исполнува и ме прави среќна.

* Може ли да ни откриеш дел од твојата семејна оаза? Како ти минува едно секојдневие? 

- Живееме се уште во стан под рента. Бидејќи ние никогаш не се сместивме само на едно место. Здравје Боже планираме да купиме куќа и да останеме тука. бидејќи го прифатив овој начин на живот. Живееме во голем просторен стан, на приземје, имаме убава тераса. Во самиот комплекс има базен, лежалки, теретана, така што има простор и време и за рекреација. Моето секојдневие изгледа како на секоја домаќинка. Досега бев прилагодена на потребите на сопругот и на домаќинството. Планирам наскоро да почнам со работа, секојдневна, нормална. Бидејќи само пеењето некако не ми е доволно. Не настапувам секој викенд, немам редовни тезги. Како рекле: „Џабе работи, џабе не седи.“ Досега беше малку потешко бидејќи пократко време престојувавме тука, повеќе бевме во Македонија. Во исчекување сум да го земам американскиот пасош. Така што морам да бидам повеќе тука и затоа треба и да работам.

* На ФБ профилот често објавуваш фотографии од твоите настапи. Со кого соработуваш и каде најчесто настапуваш?

- Најчесто соработувам со мојот сакан колега, музичар и добар пејач Ранко Милиќ. Потоа со Пеџа, со кој по мајка сме од исто место, од Крива Паланка. По татко тој е Србин. Така и се најдовме. Потоа, со еден фантастичен клавијатурист од Индијана, Крис Бајмаковиќ, познат како мајстор, велемајстор и Владе со прекар Сувиот. Тие се неколкумина музичари со коишто најчесто соработувам. Освен во црквите, настапуваме и по кафеани, клубови. Имав чест да соработувам и со познатиот хармоникаш Миќа Радовановиќ. Најмногу настапуваме во Црквата Свети Сава во Норт Порт. Тука на секој празник, на било каква прослава, Отец Саша Ѓорѓевиќ секогаш нѐ ангажира мене и Ранко. Познат како Ранче. Луѓето многу го сакаат бидејќи е многу позитивен лик.

Што е за тебе пријателство? Имаш ли многу пријатели, ама вистински и во Америка? 

- Немам многу пријатели. Имам многу познаници со кои имам срдечен однос. Моја најблиска и најдобра другарка ми е Слаѓана и нејзиниот сопруг Благојче. Тие живеат блиску до нас. Постојано сме некаде заедно. Како што може да се види и на мојот Фејсбук профил, одиме и по крузови. Двапати бевме досега на круз. Прекрасно си поминавме. Ги посетивме Бахамите, Карибите, Мексико, Хондурас.. Бевме на повеќе егзотични дестинации. И во секојдневието заедно излегуваме, претежно за викенди, кога не пеам. Инаку, кога пеам, тие секогаш доаѓаат на моите настапи. Бидејќи прво живеевме во Индијана, таму ми се најблиските пријателки Валентина и Лела, со коишто навистина можам сѐ да споделам. Тоа се тие ретки и трајни пријателства. На прсти од една рака се бројат моите вистински пријатели. Пријателството за мене е нешто свето. Тоа треба да се негува. Сите имаме различни карактери, различни особини, различни начини на сфаќања и на гледања на нештата. Меѓутоа, кога постои вистинско пријателство и желба да се надминат тие различности, човек успева да најде начин да реши сѐ. Не треба никогаш да се прави проблем околу ништо. Сите треба да правиме отстапки. Кога гледаме дека некој човек ни е вистински пријател, кога ќе ви се најде во лошо, тогаш се гледа вистинското пријателство. Тогаш човек треба и да прогледа низ прсти на некои други минорни разлики во карактерите, коишто не се толку битни. Најбитна е суштината. Човечката суштина. Ако некој ти е вистински пријател, тогаш нема нешто поважно. Мислам дека тоа е најважно во животот. Бидејќи пријателството е трајно и за цел живот. Според мене. 

Една од најдобрите и најчистите радости е одморот по работата. Како го минуваш слободното време?

- Слободното време го поминувам на плажа. Тоа ми е најсаканиот одмор. Инаку, одморот летно време го поминувам со моите родители, бидејќи за жал мојот сопруг не е како мене вљубеник во плажа, море и сонце. Со моите родители имаме камп приколка во прв ред покрај морето. Тоа е за мене вистинско уживање. Сите можни книги кои сум си ги зацртала да ги прочитам, си ги читам тие неколку месеци во текот на летото. Си ги полнам батериите, бидејќи не можам да живеам без да читам книги. Тие се мојата најголема пасија.

Самата облека не е ништо, ако жената што ја носи, не е негувана во телото, лицето, косата. Како се негуваш?

- За мене многу битен момент е негата и претпочитам производи на природна база. Најголем ќеиф ми се производите што сама ги правам. Крем за лице на пример секогаш си правам сама, од кокос, алое вера и еден куп додатоци, корисни и квалитетни за кожата. Тука се продаваат големи, огромни листови од алое вера и од гелот кој заедно со кокос го матам во блендер, додавам и мед и прополис наместо конзерванс, Е витамин и разни други додатоци. Исто правам и маски за коса од кокос и алое вера. Сѐ што е смиксано во кујна, тоа е најубавото нешто за нас, бидејќи ние сме битија од природата, на коишто не им е баш благопријатна хемијата. Што поприродо, толку подобро. Не сум љубител на шминка. Ја користам многу ретко, само за настапи. Исто така купувам билки и егзотични овошја, во прав, коишто се добри за зајакнување на коренот на косата. Ги мешам со неутрален шампон на природна база. Некогаш знам да сварам коприви, рузмарин, за плакнење на косата. Што се однесува до облеката сакам само добро да ми прилега. Никогаш не сум патела да биде тоа некоја марка од светски познатите брендови Најбитно е ние да си одредиме што нам најдобро ни прилега според нашата фигура. Нека биде и најскапа марка, ако тоа на мојата фигура не прилега – џабе ми е, не ми вреди ништо. Можам само смешна да бидам. Откако се омажив и дојдов во Америка, постојано се борам со вишок килограми, така што секогаш гледам да бирам гардероба којашто сето тоа нормално ќе го прикрие, а не да го истакне. За мене е вулгарно да облечам нешто многу кратко, што открива многу кожа, бидејќи ја немам таа идеална манекенска фигура. Тоа ми се допаѓа да го видам на девојка којашто е идеално градена и којашто е со соодветна килажа и да ѝ се восхитувам. Секогаш имам шнајдерка, која ми шие уникатни работи. Од мала, сакав да имам уникатна гардероба.

Кое е твоето животно мото, со кое успеваш секогаш да си насмеана и расположена?

- Мое животно мото, коешто ми помага секогаш да се исправам во животот, бидејќи сите ние имаме подеми и падови, е: „Always look on the bright side“. Значи, мора човек да најде сила во себеси, да гледа низ позитивната страна на нештата. Гледам секоја ситуација да ја избалансирам со хумор. Никогаш не сакам да се заострат работите во било каква ситуација. 

Кои се плановите поврзани со кариерата, планираш ли нови песни, спотови?

- Како и секогаш, работам на нови песни. Секогаш велам мојата најголема среќа и радост е кога ќе создадам и завршам нова песна. Кога креирам, кога творам, тогаш сум најсреќна и најисполнета. Сега работам на една нова песна, треба уште малку да се модифицира текстот и да го усовршам. Се јавувам и како автор на музиката. За неа планирам и спот. Исто така планирам да снимам видео на Флорида за една моја нумера која ја изведов на „Роса фест“ во 2010 година. Се вика „Џејмс Бонд“. Атмосферата, амбиентот на Флорида, е токму за снимање спот за таа песна. Исто така имам договорено, дует со еден многу познат и популарен пејач од бившите ЈУ простори. Не би го откривала сега, додека не се случи сето тоа. Бидејќи, да бидам искрена, досега кога ќе се изнакажев сѐ, некако ми се растураа плановите. Старите, не за џабе велат : прво направи го, па потоа покажи го! Значи, прво скокни, па речи оп! Јас прво викав оп, па скокав. И некако ми се изјаловуваат тие планови. Како ни идат годините, така сѐ повеќе добиваме некоја мудрост, на којашто нѐ учи животот. Со Господ напред, сега ќе работам молчејќи. Ќе оставам делата да говорат.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА