ПЕЈАЧКАТА САРА МЕЈС УЖИВА ВО БРЕМЕНОСТА: Диме секогаш ме разгалува
Првите три месеци ми беа тешки за концентрација додека свирев и ми се гадеше. Не можев да си поверувам на себе си. Сега ми е супер. Додека свирам харфа не ми пречи, баш ми годи. Две срца свират поубаво од едно
Пејачката и харфистка Сара Мејс е во четвртиот месец од бременоста и ужива во овој, за неа најубав период. За нејзиниот сопруг, водителот Димитар Атанасовски вели дека не само сега, туку секогаш ја разгалува.
„За бременоста дознавме на Бадник. Многу бевме среќни, беше тоа еден посебен ден“, откри Сара за Женски магазин. За Бадник, Сара и Димитар беа на одмор во српскиот зимски центар Копаоник.
„Четврти месец сум, и супер се чувствувам. Првите три месеци ми беа тешки за концентрација додека свирев и ми се гадеше. Не можев да си поверувам на себе си. Сега ми е супер. Додека свирам харфа не ми пречи, баш ми годи. Две срца свират поубаво од едно. Не ни е важен полот, посакуваме да биде се во ред, да е бебето живо и здраво“, ни изјави Сара. На прашањето дали сопругот ја разгалува сега, таа додава: „Диме секогаш ме разгалува“.
Сара, која е харфистка во МОБ, а свири и во Македонската филхармонија и предава пеење во училиштето „Пијано форте“, минатата година имаше активна година, и на музички и на приватен план. Само неколку недели по свадбата со Димитар, во септември таа го промовираше новиот албум „Floating through space“ и одржа два концерта, со необичен, вселенски имиџ за неа и за нејзиниот бенд.
За бременоста дознавме на Бадник. Многу бевме среќни, беше тоа еден посебен ден.- Сара и Димитар
„Насоката ни ја покажаа самите песни. Текстовите, звучните ефекти, а и комплетниот саунд на целиот албум е ем природен, (поради тоа што сите инструменти се снимани во студио) ем роботски-синтетички. Истовремено е футуристички, со еден збор- вселенски“, изјави Сара претходно за албумот. Нејзината песна „Небо“ беше една од најслушаните минатата година, и доби награда на радискиот фестивал МАРС.
„Во таа приказна „свадба“ влегов многу „дактилографски“ или „неуметнички“. Без очекувања и без драми. А се покажа како еден од најубавите денови во мојот живот. Магичен ден: од буткање врата, преку матичното со Вагнер и Менделсон, концертното свирење на „Љубојна“, трио „Belle“ и „Brass brothers“ и круна на вечерта- „афтерот“ на базен. Атмосфера, журка, емоции, среќа, пеперутки. Доста специјално“, раскажа Сара за свадбата во интервју за Женски магазин. Во истата приказна, пејачката откри и што е она што најмногу го сака кај својот сопруг.
„Димитар е „најдобар“ во повеќе категории. Мојата најголема инспирација, љубов и поддршка. Способен и разбран. Умен и убав. Вљубеник во природата и животните. Интересен и забавен. Независно како и да го поминуваме времето заедно, дали е тоа прошетка со куче, планинарење, возење со мотор, патување, гледање филм или табла на тераса, многу е лесно и прекрасно кога си вљубен во оној кој најмногу те смее“, изјави Сара. Нејзин најнов ангажман е гостувањето на детскиот фестивал „Поточиња“, каде што со хорот на „Поточиња“ ќе ја испее песната „Гласот на децата“. Димитар продолжува со ангажманите како маркетинг-менаџер во „Идеа лаб“, водител во „Сити радио“, а на „Алфа“ Тв го гледаме како домаќин во третата сезона на квизот „Арена“.
Милица Џаровска