ПЕЈАЧОТ ДАВИД ТЕМЕЛКОВ ГРАДИ УСПЕШНА КАРИЕРА ВО ХРВАТСКА: Со новата песна ќе го обединам Балканот

Добивај вести на Viber

Поп-пејачот Давид Темелков, кој се прослави како успешен учесник во втората сезона на музичкото шоу „Икс фактор“ утре промовира нова песна на хрватски јазик, „Балерина од стакла“.

Комплетен автор е хрватскиот хитмејкер Мирослав Рус, кој е познат и по соработката со Тоше Проески. Соработник во аранжманот на песната е Михаел Блум, а снимена е во студиото на „Хит рекордс“, во Загреб.

Прв музички гостин во новото студио на радио „Бубамара“.- Давид Темелков

Темелков живее на релација Скопје-Загреб и гради успешна кариера во Хрватска и во регионот. Во 2015 година, тој потпиша десетгодишен договор со дискографската куќа „Хит рекордс“. Вчера, Давид гостуваше во скопското радио „Бубамара“, пред утрешната балканска промоција на новата песна.

„Со оваа песна ќе го обединиме Балканот на еден убав, музички начин. Во текстот се спомнуваат и Охрид и Истра, а како шлаг на целата работа на овој нов проект, е спотот кој е снимен во Опатијa“, раскажа Давид за „Женски магазин“, а новата песна ја нарече „слатка како колаче“.

Со Петар Грашо, Давид настапи во популарната емисија „А страна“ на ХРТ1 во Загреб

„Овој месец, ме чека радиска турнеа низ целиот Балкан, и многу ми е мило што сум прв гостин во новите простории на радио „Бубамара“. Кога се отвори хрватското „Народно радио“, исто така бев прв гостин и таму, ја имам таа среќа изгледа. Во јуни, по втор пат ќе настапам на познатиот хрватски фестивал „ЦМЦ“ во Водице. Лани учествував, и воодушевен сум од организацијата, од приемот, од дружбата со колегите. Летово ќе ми помине работно, со Мирослав Рус го финализираме мојот прв албум, за кој се надеваме дека ќе излезе во септември“, изјави Давид и најави снимање на уште неколку спота летово.

Неговиот македонски сингл „Љубена“ добро помина на домашните радио станици, а достигна и до прво место на една топ-листа.

Темелков му беше гостин на Тони Цетински на најпосетениот негов концерт, на плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб, пред 70.000 публика.

Пред две недели, Темелков му беше гостин на Тони Цетински на најпосетениот негов концерт, на плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб, пред 70.000 публика.

„Чувството беше прекрасно. Со Тони го испеавме „Морски вук“, неговиот дует со Оливер Драгојевиќ“, ни раскажа Давид. Тој е задоволен и од настапот со Петар Грашо, во моментално најпопуларната музичка емисија во Хрватска, „А страна“, која се емитува на ХРТ1. Во дует со Грашо, македонскиот пејач ги испеа неговите хитови „Моје злато“ и „Ко нам брани“.

М.Џаровска